19.8 C
Skopje
Friday, April 12, 2024
spot_img

Даниела Карадаков: Организациите да изградат култура за препознавање и превенирање осаменост кај вработените

Осаменоста кај вработените може да се јави од лични и од социјални причини. Од лични причини најчесто се јавува поради намалена самодоверба, лично незадоволство, трауми и стравови од минатото, лошо минато, некаква разделба или загуба која поединецот ја чувствувал, исто така може да се јави и од социјални причини односно социјално исклучување од припадноста на одредена заедница или група што може да биде во рамките на самата организација, вели проф. д-р Даниела Карадаков.

Што ја предизвикува осаменоста во работните средини?

Даниела Карадаков Осаменоста е внатрешна појава во поединецот која претставува една диспропорција помеѓу она чувство или состојба која поединецот ја има, меѓу реалната и посакуваната социјална поврзаност. Кога тоа го разгледуваме во една работна организација, навистина треба да го гледаме како пристап од почетокот на причините кои доведуваат до една осаменост, па да ги лекуваме последиците кои настануваат после тоа.

Осаменоста кај вработените може да се јави од лични и од социјални причини. Од лични причини најчесто се јавува поради намалена самодоверба, лично незадоволство, трауми и стравови од минатото, лошо минато, некаква разделба или загуба која поединецот ја чувствувал, исто така може да се јави и од социјални причини односно социјално исклучување од припадноста на одредена заедница или група што може да биде во рамките на самата организација.

Финансиската состојба исто така може да влијае на поединецот или пак предолго самостојно работење на поединецот кое всушност во денешно време е многу нагласено поради хибридниот или начинот на работа на далечина на вработените. Како последици кои ги чувствуваат вработените се и од емотивна природа и од здравствена природа и од психолошка природа

Како да се препознае кога некој од вработените се чувствува изолирано т.е. осамено?

Даниела Карадаков Вработениот може да направи промени во однесувањето на работа, да влијае на резултатите кој тој ги постигнува, да покаже страв, несигурност, повлеченост, раздразливост или пак да падне во депресија, да чувствува фрустрација кон останатите и да има негативно однесување. Најчесто тоа зависи од степенот на чувствителноста на самиот вработен кон социјалната поврзаност и социјалното исклучување. Имаме лица кои тоа лесно го пребродуваат, но одредени лица тоа тешко го поднесуваат.

Многу е важна и емоционалната интелигенција на вработениот односно неговата самоконтрола и регулација на емоциите. Треба да признаеме дека живееме во едно современо време каде што технологијата направи многу работи да можеме да ги направиме сами. Таквото работење од дома, на далечина, поголемата флексибилност, доведоа кај одредени луѓе да се јави осаменоста.

Дали дигиталната револуција дополнително ќе влијае на осаменост во работните средини?

Даниела Карадаков Голем број истражувања покажаа дека новите генерации допрва стануваат генерации кои се поосамени и ќе бидат сè уште токму поради тие влијанија.

Во една организација дел од вработените работат од дома, друг дел самостојно работат во канцеларија но има и такви коишто работат со други групи на луѓе но за жал, тие некако социјално се изолираат, ако се во океан систем ставаат слушалки, и се изолираат заради амбиенталниот шум, од друга страна несвесно прават и социјална изолација.

Работата треба да претставува место на социјализација но и ризично место за социјална изолација.

Како да се постапи кога ќе се забележи осаменост кај вработениот? Како да се изгради организациска култура која ќе превенира осаменост кај вработените?

Даниела Карадаков Првенствено, одредени вработени полесно ја покажуваат, други пак потешко ја покажуваат својата внатрешна состојба. Кога веќе ќе се забележи и самиот вработен ќе биде свесен за таа појава, помошта настанува од два аспекти. Од личен и од страна на организацијата.

Прво, самиот вработен треба да биде свесен дека му е неопходна помош и самостојна иницијатива да си помогне на себе а притоа да побара помош од другите. Многу е тешко кога сме осамени ние сме сами со нашите мисли, во тишина. Тогаш ни навираат негативни разговори сами со себе и затоа првенствено треба ние да излеземе од тој волшебен круг и да си признаеме дека имаме проблем и дека треба да работиме на него.

Важни вештини тука се самодисциплината и самоконтролата, но важно е да побараме помош од стручно лице или со оние лица со коишто ние чувствуваме социјална близина. Доколку се забележи овој проблем кај вработените, најчесто тоа треба да го забележат колегите коишто се блиски со вработениот, или тоа да го забележи непосредниот раководител или менаџерот.

Документарен магазин Приказна

Постојат ли прецизни тактики кои можат да се употребат?

Даниела Карадаков Доколку постои сектор за човечки ресурси, тука придонес треба да направи и самиот сектор со тоа што ќе воведе дополнителна грижа и ќе примени алатки и техники за ја намали осаменоста кај вработениот.

Најчесто тоа се прави преку разговор со вработениот, тука и нововработените се доста ризична група затоа што тие треба да го постигнат тоа интерперсонално прифаќање од страна на другите вработени коишто веќе живеат и работат во изградена организациска култура, а потоа се преземаат чекори на стручна помош. Кај вработените во такви ситуации се јавува чувство дека тие не припаѓаат во средината, се чувствуваат дека некој ги избегнува, некој има нешто против нив, дека не ги разбираат и затоа активното слушање и емпатиското слушање од оние кои ќе работат со осамените лица е од големо значење. Сепак, важна е организациската клима во самата организација.

Огранизацијата е таа која треба да гради култура на поврзаност, припадност, меѓусебно почитување и на тој начин да ги почитуваат вработените меѓусебните разлики и да се обезбеди инклузивност и на овие лица.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,229FansLike
2,744FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ