21.8 C
Skopje
Tuesday, April 16, 2024
spot_img

Интервју Жанета Трајкоска: медиумите имаат одговорна улога за медиумската писменост и кај најмладите

Нашите ученици и студенти едноставно ни се реакција на она што ни се случува во општеството и се однесуваат онака како што се однесуваат нивните родители. Кога ќе го смениме сетот на вредности, кога веќе нема да биде важно кого познаваш, во која партија си, колку пари имаш, тогаш веќе ќе зборуваме за некоја култура која се базира на некои вредности и етика во комуницирањето, вели за Приказна Жанета Трајкоска – директорка на Институтот за комуникациски студии.

Приказна Дали медиумската писменост треба да се вклучи во сите образовни нивоа, со цел да се влијае на културата на говор?

Трајкоска Медиумска писменост треба да се вклучи на сите нивоа во образовниот процес, меѓутоа не толку за да се влијае на културата на говорот, пред сè за да можеме да создадеме генерации коишто се едуцирани да можат да препознаат што е вест, што е дезинформација, но и да не потпаѓаат под пропаганда и одредени спинови од различни центри на моќ.

Со медиумската писменост може да придонесе и за културата на говорот, меѓутоа медиумската писменост нам ни е потребна како насушна потреба, заради тоа што мораме да создадеме генерација која ќе може да ги користи медиумите за да може да придонесе кон едно поздраво и подемократско општество.

Приказна На кој начин се третира медиумската писменост во образованието сега?

Трајкоска Медиумската писменост во образованието, сега се третира на некаков начин. Тоа значи дека учениците во основното образование, па и во средното образование имаат по неколку часови за медиумска култура. Но, она што е потребно е еден посериозен и подлабински пристап кон медиумската писменост. Тоа значи дека ние мораме да ја воведеме во основно, во средно училиште, па дури во градинка. Македонија мислам дека тоа почнува да го планира и да го прави, за идните генерации да бидат опремени со клучните вештини и знаења за медиумската писменост.

Приказна Какви вештини и знаење стекнуваат учениците преку медиумската писменост?

Трајкоска Медиумската писменост пред сè ги учи учениците или студентите и секого од нас, да препознаат и да знаат што е вест. Ние живееме во свет каде што сме опкружени со информации.

Информациите ни влијаат на животот и всушност се дел од клучните фактори кои ни влијаат на одлучувањето за одредени работи. За да можеме тоа да го восприемаме и да ги донесеме вистинските одлуки, потребно ни е да знаеме што читаме, кој е изворот на информации, но и да имаме критички однос кон она што го читаме од сите страни. Ние сме 24/7 опкружени со информации и медиумската писменост треба пред сè да придонесе да можеме да препознаеме што е вест, што е дезинформација, што е лага, што е став, но и да изградиме сопствен став за она што значи како ќе одлучам на следните избори, дали сакам да одам некаде, кој е мојот став за одредено политичко, социјално или образовно прашање.

Приказна Дали наставниот кадар е подготвен за медиумско описменување на учениците?

Трајкоска Во последните 10-15 години имаме различни акции, пред сè од цивилниот сектор коишто работи и со учениците и со наставниците и професорите за медиумската писменост. Секако дека овој процес не треба да запре и не е еднаш засекогаш даден, учењето е таков процес, се учи од раѓање, па до крајот на животот.

Мислам дека е потребна една поголема зафатеност, односно поголем број на ученици или поголем број професори за да можат да предаваат медиусма писменост. Ние сме сега соочени со фактот дека учениците знаат малку повеќе да се снаоѓаат со опремата и со дигиталните технологии за разлика од постарите, односно професорите и таа дупка мора да ја пополниме.

Приказна Каде ја лоцирате одговорноста на медиумите во поглед на медиумската писменост за најмладите?

Трајкоска Клучна е улогата на медиумите во делот на медиумската писменост и на најмладите. Многу е важно секој од медиумите да вложува во создавање на публика којашто ќе биде критички ориентирана кон сопствената програма. Само така можеме да создадеме медиуми кои се на некаков начин респектирани и имаат почит кон сопствената работа.

Медиумската писменост создава едуцирана младина, но тоа многукратно враќа кон интегритетот на медиумите. Она што е многу важно, без оглед дали медиумите се јавни или приватни, секој од медиумите има обврска, бидејќи работат јавна функција, да ја вклучат медиумската писменост во своите содржини и да биде активен член.

Имаме среќа што последните години голем дел од медиумите се вклучуваат во активностите за медиумската писменост и тоа мора да продолжи.

Приказна Може ли медиумската писменост да ја подобри културата во комуникациските процеси?

Трајкоска Секако дека може да ја подобри културата во комуникациските процеси медиумската писменост, но, она што е многу важно да знаеме е дека културата на комуникациите мора да потекнува од нешто друго, а тоа е од образованието и од воспитниот процес во и вон училишните клупи.

Нашите ученици и студенти едноставно ни се реакција на она што ни се случува во општеството и се однесуваат онака како што се однесуваат нивните родители. Кога ќе го смениме сетот на вредности, кога веќе нема да биде важно кого познаваш, во која партија си, колку пари имаш, тогаш веќе ќе зборуваме за некоја култура која се базира на некои вредности и етика во комуницирањето.

Документарен магазин Приказна на тема култура во комуникацијата

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,258FansLike
2,875FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ