8.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022
spot_img

Винската приказна на винарија Попова Кула: македонските вина ги воодушевуваат странците

Честопати туристите знаат да кажат, таму долу, на југот од Европа, иако мала, има една земја во која сонцето вечно сјае, а благодарение токму на тоа сонце и вековната традиција, македонските вина се исполнети со автентични вкусови и приказни, кои тешко се забораваат и по кои сакате одново и одново да се вратите.

Како земја на виното, Македонија има богата винска историја – истовремено и многу стара и многу млада. За тоа што денес го пишуваме како винска историја, сведоци се големиот број винарии, распослани на оваа македонска почва.

Инспирацијата ја добив од Напавале и од Америка. Јас магистрирав во Америка и ја посетив Напавале. Таму се чувствував како дома, мирисаше исто како во Тиквешијата. Разликата беше во тоа што во Тиквешијата немавме голем број на винарски визби и немавме развиено вински туризам. Таму ја добив инспирацијата. Мислев дека концептот на производство на врвно вино, комбинирано со вински туризам е нешто што би можело да биде интересно за нашиот крај тука. Потоа кога гледав локации знаев дека треба да бидам во Тиквешкиот регион, но знаев и дека треба да бидам блиску до автопатот, затоа што ќе бидам пионер во винскиот туризам, па за да си ја олеснам работата, барав локација до автопатот. Една недела во 2003 година, кога дојдов на ова место овде, едноставно осетив дека ова е вистинското место. Кога го видов овој прекрасен поглед кон долината Демиркаписка, одличниот „тероар“ на микролокацијата за винска лоза, знаев дека ова е тоа место, вели Јордан Трајков – сопственик на винарија „Попова кула“

Македонија има многу долга винска традиција. Денес многу полиња од Скопје, преку Велес, Неготино, Кавадарци и Демир Капија, па сè до Гевгелија, се покриени со лозови насади, но сепак се чини дека земјата е една од европските дестинации што крие уште многу вински тајни.

Македонија е прекрасна земја. Каде и да погледнеш е божја убавина. Така е и во Тиквешијата. Тиквешијата е значаен вински регион и во Европа и во светот и има голем потенцијал. Во светот луѓето сакаат да ги посетуваат винарските визби, сакаат да дознаат повеќе за добрите вина, сакаат тоа да го комбинираат со добра храна. Тоа е сè повеќе тренд во светскиот туризам, така да ако и ние се поставиме правилно, сметам дека ќе имаме и поголеми успеси. Тоа доаѓа од приватната иницијатива како нашата, со вложувања во правилна насока, но доаѓа и од правилните чекори и на локалните власти, но и на централната власт, значи доколку се увиди тој потенцијал и се направат правилни чекори, сметам дека може да има значителен развој, при што треба да имаме предвид дека туризмот и угостителството создаваат многу голем број работни местам споредено со некои други индустрии, смета Трајков.

Јордан Трајков – сопственик на винарија „Попова кула“

Македонската долина на винските вкусовите ја задоволува жедта на секој турист што ќе дојде да го вкуси најквалитетното македонско вино. Според една легенда, некогаш во овие региони, имало повеќе вино отколку вода. Дури при изградбата на некои куќи во селата, наместо вода, за спојување на тулите се користело вино, а и овие приказни се оние кои ги воодушевуваат сите добронамерници.

Имаме доста странци и досега сите биле со суперлативи. Не само за нашето вино, општо за македонските вина сметаат дека имаме голем потенцијал, дека имаме извонредни вина, се чудат, не ги знаеле, не се откриени… Да се разбереме. Ние сме мала земја и луѓето не знаат што произведуваме и какви можности имаме, но кога ќе се запознаат со нашите вина, тие се воодушевени, открива Трајков.

Во аромата и вкусот на виното, се откриваат и тајните на неоткриената Македонија. 

Можеме да очекуваме зголемување на пазарот ако добиеме повеќе туристи, затоа што кога ќе дојде турист тука, тој троши вино, така да ако имаме поголем број на туристи, тогаш се зголемува тој домашен пазар. Интересно е тоа што тие туристи, кога си одат дома, во своите земји, тие сакаат да имаат вино од таму од каде што биле, така да тоа се наши потенцијални амбасадори коишто ни помагаат во барањето на партнери во странство и во отворањето на пазарите, додава за крај Јордан Трајков – сопственик на винарија „Попова кула“.

Приказна посветена на винските приказни

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,651FansLike
1,466FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ