Секој родител сака да е добар родител, но изложен е на многу лични и општествени предизвици. На оваа тема разговараме со Елизабета Петровиќ, педагог и терапевт, долгогодишен одделенски наставник кој учествува во многу едукации за родителски вештини, пишува за деца и родители.
Што е она што ги спречува родителите да бидат подобри родители?
Времето. Го немаат заради огромниот притисок од опкружувањето, но и од… од неумеење.
На што точно мислите? Можете ли да издвоите некаков пример?
Родителите се под огромен општествен притисок, прво затоа што немаат време за сопствените деца, но проблемот грешно се дефинира. Мене како родител не ми треба решение детето да остане во градинка или на училиште од утро до стемнување… проблем ми е како да биде повеќе со мене, проблем ми се условите кога е таму. Проблем ми е како јас да не учам со него после 17, 18. Проблем ми е што дома не сум родител, туку домашен нервозен учител. Вечерен и ноќен учител… Проблем ми е што во овој век, кога децата имаат можности за образование повеќе од кога било, уште имаме апстрактни учебници, учители кои трчаат низ програмите, непотребни тестови.
Зголемување на присутноста на родителите, ќе биде ли од корист?
Токму така. Она што е добро за производството, за газдите и политичарите, за новово робовладетелство, не е добро за децата од перспектива на нивниот здрав раст и развој.
Зошто рoдителите се неуки?
Немаме време за најважните работи, а губиме време на најневажни работи. На децата им требаат родители, гушкање, разговор, семеен ручек, па и досадување во домот, ама во домот. Колку време се дома и зошто е мода да се што помалку дома? Децата се на училиште, воннаставни активности и пред екран. Наместо да ги оставиме слободно да играат, им бараме уште една „академија за кинески и мандарински“ за во среда, зошто среда попладне им е баш онака непополнет, слободен термин. Стануваме лични шофери на деца без детство, а попатно не успеваме да им одолееме на екраните. И кога имаме, немаме време.

Родителите денес повеќе од било кога имаат достапни информации, напросто се бомбардирани од разни едукации и експерти. Што е она што сепак најтешко го менуваат?
Себеси.
На пример?
Примерот што ви го кажав со екраните. Дефинитивно се сложувам дека родителите не се во состојба сами, без поширока општествена, законска поддршка, да се справат со екраните, со социјалните мрежи кои ги разболуваат децата и затоа им се забрануваат веќе некаде и на ниво на држава. Алгоритмите воспитуваат и тоа е навистина алармантно. Но екраните ги разболуваат и возрасните. Гледам во некој екран шетајќи го детето во парк, на сред ручек „само пишувам порака“, на состанок играм игра, мумлам мммм и гледам во екранот наместо во нечии очи… И нас технологијата ни пружа некое инстант задоволство, навидум задоволува некои наши потреби, навидум поврзува. Премногу се заигравме со мобилните, и сега одеднаш – ајде ќе им ги забраниме на децата. Ајде, ама треба прво ние да ја користиме технологијата за добро, не за денгубење и себегубење. Потоа, важно е да се прашаме – што ќе им понудиме на децата како замена? Кога нешто забрануваш, важно е нешто друго да дадеш. Што имаме да дадеме? Ова секако зависи од возраста на децата, но е многу важно прашање… замислете да им го дадеме она време што непотребно го минуваме на социјалните мрежи. Да биде време за нив, за семејството.
Кога на бебе ќе му дадеш екран потоа се прашуваш зошто не зборува, нема внимание, зошто доцни во развојот. Екраните имаат разорно дејство и врз родителството. Нашиот мозок е изложен на лажен свет, негативни информации, а тоа не е добро за нас, ама и за тие околу нас. За децата е погубно тоа наше полнење со лаги и негативности, таа наша неприсутност и неповрзаност. Зависност.
Мислите ли дека начинот на кој функционира деветтолетката ги оптоварува родителите?
Деветтолетката ако веќе мораше да се случи, нека продолжеше после 8 одделение. Предвреме ги извадивме децата од креветчињата од градинките, ги внесовме во клупа, им понудивме катастрофални тоалети, ги натоваривме со ранци од неколку килограми. На сила ги пораснуваме, привидно ги созреваме, внатре остануваат ко зелени домати.
Постојано сме во некакви реформи, но нештата споро се менуваат. Каква реформа во образованието ни е потребна?
Главен ресурс на една држава се луѓето. Главен проблем – воспитувањето. Начинот на кој се однесуваме кон децата. Тоа е тоа, тоа е воспитување. Каде оди овој свет со возрасни кои немаат време за децата, а од децата зависи идниот свет? Ова не важи само за Македонија.
Не е воопшто лесно да се прави реформа и не се приоритетно парите во прашање. Би било добро да мислиме прво на воспитувањето. А тоа не е добар ден, благодарам… послушност. Воспитувањето е релацијата, односот меѓу детето и родителот, детето и учителот. Добар ден ќе каже и само ако гледа како ние си кажуваме, ама што правиме со начинот на кој зборуваме со децата, на кој сме достапни и емоционално присутни, поврзани. Начинот на кој им посветуваме фокусирано позитивно внимание, со емоционалната писменост, што правиме со границите – не мислам на репресивни, туку природни, доследни и логични граници за безбедно растење и спречување насилство.
Дали зголеменото присуство на училиште ќе ги подобри резултатите во учењето?
Процесот се состои од присуство, учество и постигнувања, резултати. Ако мислите приоритетно на присуството, тоа е како во една фабрика да го зголемите работното време за да ја зголемите продуктивноста, но така нема да бидат задоволни вработените. Може ли да ја зголемите продуктивноста на друг начин? Да, со посовремени машини и алатки, стратегии, со мотивирање и почитување на вработените, зошто ако тие се чувствуваат добро, ќе направите добри промени. Значи – со начинот на учество кој ќе биде добар за нив и нивните семејства. Така е и со учениците. Ќе им помогнете ако ги учите како се учи, ако им обезбедите учество на начини кои денешниов свет ги овозможува. Овие генерации можат со леснотија да научат многу, многу повеќе од нас, но ние треба да разбереме – ова е друго време. Да, присуството е првиот услов, но учеството е пресудно за оптимални резултати, кои не мора да се петки. Секој дете е различно чудо со немерлива вредност, не е обична бројка. Трката по петки не носи добро, прави анксиозни успешни или анксиозни неуспешни. Многу родители на пример знаат, ама се плашат да им кажат на децата дека оценките не се гаранција за успешен живот, што и да значи тоа. Се плашат, затоа што мислат дека ќе изгубат некаква мотивација и ќе престанат да учат. Ги плаши и уписот во средно.
Можно ли е да бидеме подобри родители во ова тешко, турбулентно време? Од каде да почнеме?
Среди се да се средам, така фунционираат нештата со децата. Мораме да се договориме самите со себеси дека сакаме да се средиме, ако имаме идеја дека нешто ќе средуваме со децата. Потребна е енергија за да се направат промени, а тоа не е лесно. Но верувам дека ќе се случуваат зошто родителите сè почесто се чувствуваат незадоволни од себеси, од општествениот притисок. Мислам дека дури и тоа бегање во виртуелниот свет е симптом кој покажува колку нè притиска времето во кое живееме.
Да разбереме дека кога му подаваме екран на бебето, на детето, за нешто дома да сработиме, тоа е исто како да сме му дале чашка алкохол или цигара. Не да бегаме од технологијата, не да им кажуваме на децата дека таа станува попаметна од нас, да ја користиме како алатка. Корисна алатка која ни го олеснува животот. Различна од нашата органска интелигенција која нè прави луѓе. Вистински, подобри, па и попаметни. Би ни користел дигитален пост – време во денот само за семејството, ден само за семејството. Би користело ако излеземе на протест за чист воздух. Многу нешта можеме да почнеме да правиме и да менуваме.
Да си го чуваме семејството – прво и најважно училиште за љубов, емпатија, поддршка, интегритет… Ете, од тоа да почнеме. Кога сме вистински присутни родители, ја полниме детската емоционална банка со богатство од семејни спомени, така спречуваме душевна, емоционална сиромаштија. Им требаме на децата, а децата му требаат на светот.














