Се чини озборуваме сите. Зошто го правиме тоа, дали озборувањето е добро, разговараме со психотерапевтката Мирјана Јовановска Стојановска.
Зошто луѓето озборуваат?
Мирјана Јовановска Стојановска Сосема е нормално да коментираме за светот и луѓето околу нас, како сме го поминале денот, кого сме сретнале, коментираме за настани. Едно општо зборување за луѓето околу нас, секогаш е присутно. Зборувајќи за себе си, зборуваме за другите. Некои зборувања почнуваат како озборувања, односно кога со намера без разлика дали сме ја сретнале личноста или не, почнуваме да зборуваме за некои карактеристики или што било што е поврзано со таа личност, а тоа преоѓа во едно озборување и сите учесници во разговорот почнуваат да коментираат.
Озборувањето започнува кога почнуваат да се користат сарказми, потсмешливост, нешто злобно, невистинито, за да оставиме впечаток за таа личност.
Ние сакаме да коментираме за луѓето кои се во нашиот живот, луѓето кои ги познаваме па дури и оние кои не ги познаваме. Доволно е некој да видиме на телевизија или на медиумите, на социјалните мрежи, па сакаме и да зборуваме за тоа каков впечаток ни оставил. Тоа е нормален дел од нашата комуникација. Никој не се жали дека го озборувале, ако ние некого фалиме. Луѓето секогаш почнувајќи од себе, зборуваат за другите. Кога ние ги слушаме озборувањата, многу повеќе дознаваме за личноста што зборува, кои се нејзините интереси отколку за озборуваната личност.
Може ли озборувањето во позитивен контекст да биде „позитивно озборување“?
Мирјана Јовановска Стојановска Позитивното озборување ние не го ни квалификуваме како озборување. Ако отиде некој од колегите и кај шефот зборува убави работи, никој нема да е буни и да биде жртва на такво озборување. Сите сакаме некој да не „озборува“ на таков начин. Никој нема да рече зошто ме озборувате. Тоа не остава некој голем впечаток.
Кога се зборува нешто во контекст на полувистини, невистини, нешто што е штетно за некој, сите сме против тоа да бидеме жртви. Кога зборуваме за некоја личност која не е присутна, сите кои сме дел од тој круг знаеме да кажеме по нешто. Ако денес не ми е денот, се чувствувам лошо или сум лута некому, озборувањето е добар начин како да си ја кренам вредноста. Тој што озборува и критикува, секогаш се става во надредена позиција дека „јас знам, јас сум ок“ но имам моќ да приметам дека тие таму се добри, дека тие се такви и такви.
Тој што озборува си прави себеси да се чувствува подобро. Тоа е еден механизам за справување со нашата анксиозност, несигурност, нестабилност или емоции. Колку помалку може да ги контролираме нашите емоции, толку повеќе може да влеземе во таа стапица да често озборуваме.
Како озборувањето влијае врз менталното здравје?
Мирјана Јовановска Стојановска Тие што озборуваат не го решаваат својот внатрешен проблем, својата анксиозност, несправување со своите емоции, незадоволството од животот. Тоа не води кон ништо, не води кон решавање на проблемите, не води кон решавање на моите внатрешни чувства, не го средува мојот внатрешен свет.
Тој што озборува не носи никакво решение. Моментално можеби ќе се осети подобро, во моментот додека озборува, но вистинските проблеми остануваат нерешени. На оној што е озборуван, може да му се направи штета. Зборовите имаат многу голема сила. Тие може да излечат, но и да разболат и повредат. Ние никој не сакаме да го чуеме да каже лоши зборови за нас, не во смисла дека не сакаме да се поправиме и да бидеме подобри туку обично тие зборови се многу навредливи, со многу критика, потсмев, доза на злоба. Зборот носи некоја енергија која на тој што е озборуван му прави внатре неубави чувства. Некогаш такви озборувања може да донесат до негативни последици. Доволно е некој да поверува во озборувањата. Доволно е да кажеме бев кај неа, но чашата за вода не беше добро измиена. Следниот пат кога ќе одиме на гости, ќе ги загледуваме чашите дали се миени или имаат траги. Внесува нешто непријатно за личноста која ја озборуваме. Некој сомнеж, недоверба, внимателност. Темите за озборување можат да бидат многу различни, од стилот до тоа дека некој лаже, краде, не е организиран, не знае да си го среди животот.
Може ли озборување да придонесе за некакво решение на одреден проблем?
Мирјана Јовановска Стојановска Јас досега не сум сретнала во ниедна книга дека психолошки, менаџерски, озборувањето дека е ставено како една од етапите во разрешување на конфликти и на проблеми. Ако има проблем во фирмата и ако се озборува шефот, или некој работник кој треба да го промени своето однесување, проблемот нема да се реши. Постојат други постапки и начини како. Озборувањето единствено е моментално празнење на негативна енергија која не води кон ништо.
Луѓето кои само зборуваат за други, се луѓе кои не можат да си го решат проблемот и кога ќе се фатиме дека тоа многу често го правиме и празниме негативни емоции, би бил добар показател да погледнеме и речеме што правам јас и зошто го правам ова, што мене ми треба, што јас треба да направам во мојот живот за јас да се чувствувам подобро. Ако се чувствуваме добро и мирно внатре, немаме зошто да зборуваме злобни работи за други. Луѓето кои се ок со себе, ги прифаќаат различностите, прифаќам дека некој различно размислува од мене, поинаку се облекува, поинаку е професионалец од мене, поинаку живее, други вредности има, има друга религија, друга националност, боја на кожа. Сите ние сме гости на овој свет, доаѓаме, живееме и се трудиме што е можно подобро да го живееме животот. Ги разбираме луѓето и нивните емоции, емпатични сме со другите, сочувствуваме со некој кога не се чувствува добро, кога е тажен.
Се охрабруваат ли луѓето да побараат совет од психолог? Знаат ли да признаат дека озборуваат?
Мирјана Јовановска Стојановска Кога луѓето доаѓаат да се жалат на мобинг или децата во училиштата се жалат на малтретирање од другарчињата, дел од тој мобинг и малтретирање може да биде озборувањето кое го слушнале или некој им го кажал. Луѓето зборуваат дека во начинот дека се чувствуваат малтретирано, дел од тоа е и озборувањето. Луѓето кои малку повеќе се прифаќаат себеси, кои се познаваат себе си не се срамат да признаат дека некогаш зборуваат за другите луѓе. Кога сме свесни дека го правиме тоа, обично внимаваме да не правиме штета. Ќе коментираме дека нешто сме виделе, не ни се допаднало нешто и тука запираме.
Ване Маркоски