19.8 C
Skopje
Thursday, September 19, 2024
spot_img

Радојка Хелман Денковска: Ќотекот не е педагошка мерка

Ќотекот не е педагошка мерка. Тоа е строго забрането бидејќи ќе предизвика физичка болка. Од таа болка детето ќе се депримира, ќе се повлече и ќе немаме комуникација воопшто и нема да знаеме што му се случува. Затоа ние наставниците постоиме за учениците, 24/7 сме тука за нив. Ние треба да се грижиме да имаат безбедна средина. Затоа велиме дека насилството не е знак на сила. Насилството е знак за слабост. Ако избираш насилство тогаш бираш загуба, вели во интервју за Приказна, Радојка Хелман Денковска – професорка во Васил Антевски Дрен

Зошто е важно гласно да зборуваме за физичкото казнување?

Радојка Хелман Денковска – Многу интересна и важна тема и според мене сметам дека сите треба гласно да зборуваме и да им помогнеме на оние коишто молчат и се плашат. Важно е да се зборува гласно за да се подигне свеста дека постои проблем, дека постои физичко насилство и дури тогаш ќе почнеме да го решаваме. Исто така ќе го ставиме и во центарот на јавните институции, на институциите кои може да помогнат, медиумите исто така се тука да помогнат, родителите, целата заедница …

Многу е важно сите чинители да бидат вклучени во овој процес. Да зборуваме гласно и да обезбедиме посигурна средина и побезбедно општество за нашите ученици.

Кои се пораките што родителите им ги испраќаат на децата со физичкото казнување?

Радојка Хелман Денковска – Физичко казнување не смее да има во ниедна форма. Тоа е дури казниво и со закон. Тоа би дало само лоша конотација кон децата. Тие ќе мислат дека тоа е нормално, дека така треба да биде, дека таков е начинот на казнување, дека само така ќе може да се реши одреден проблем. Тоа дефинитивно не е точно бидејќи ќе се предизвика болка кај децата. Тие ќе се повлечат во себе. Нема да зборуваат, нема да комуницираат. Ќе имаат фрустрација, гнев, страв …

Штом се повлечат во себе, нема разговор и комуникација и ние не знаеме ученикот што мисли и како да му помогнеме. Бидејќи верувајте дека насилството раѓа ново насилство.

Дали професорите забележуваат кога некој ученик е физички казнуван од семејството?

Радојка Хелман Денковска – Улогата на наставниците е многу тешка и одговорна задача. Бидејќи ние сме по цели денови со нив можеме да им влијаеме и да им помогнеме. Најважно од сè е тие да се отворат, да почнат да зборуваат за проблемот. Но, тоа е многу тешко.

Сме имале многу случаи. Конкретно минатата година имав една ученичка која беше највеселото дете во целиот клас. Наеднаш во второто тримесечје престана да комуницира, се повлече, дури почна и да не доаѓа на училиште. Прво ја прашав што е проблемот. Не ми кажа. Го повикав родителот, исто така ми кажа дека нема никаков проблем. Ја вклучив и педагошко-психолошката служба. Исто така немаше никаков одговор. Меѓутоа треба да имаме само трпение. Јас продолжив да ја следам. Ја вклучував во воннаставни активности. Во училишниот двор се степаа две момчиња. И ние нормално како класни раководители моравме да разговараме на таа тема. Дури тогаш за првпат девојчето почна да разговара и да зборува против физичкото насилство. И подоцна сама се отвори и дознавме дека имала проблем со физичко насилство дома.

Треба да ги оставиме учениците, да не ги притискаме, туку кога ќе бидат подготвени ние сме тука, постоиме за нив и тогаш да ги сослушаме и да им помогнеме.

Нормално е учениците да згрешат. Постои ли педагошка мерка која ќе ја замени физичката казна?

Радојка Хелман Денковска – Веќе не постојат казни. Според мене подобро е да практикуваме награди, пофалби, признанија … Можеби треба да ја подигнеме свесноста на повисоко ниво. Да вклучиме повеќе работилници за учениците, да ги учиме на емпатија. Да ги учиме на толеранција и почитување на различностите.

Ние многу патуваме и сме активни во Еразмус проектите. Сме виделе во училиштата во Европа дека дури имаат отворено и анонимна линија за децата ако имаат некој проблем. Постојано да бидат во контакт со педагог или психолог. Имаат направено и менторство од повозрасните ученици кои биле жртви на насилство им помагаат на новите. Тоа е еден вид добра соработка помеѓу нив. Значи нема некоја казна мерка. Порано било ќе те стават во ќош или ќе стоите на табла, меѓутоа во денешно време тоа не функционира.

Како да се спречи врсничкото насилство?

Радојка Хелман Денковска – Тука е најбитно образованието. Едукацијата е најголемиот мотив. Да ги информираме децата што може да ги очекува. Училиштето ги вклучува и сите служби. Имаме кодекс на однесување каде што стојат стриктно напишани правилата и процедурите, што значи физичко насилство и секаков вид насилство. Кај физичкото насилство има видливи знаци и можеме веднаш да реагираме. Многу е поинаку кога станува збор за психолошко емоционално насилство. Тогаш нема видливи знаци и е потешко. Меѓутоа ние ги следиме, ги вклучуваме сите засегнати страни и верувам дека ќе има исход ако сите заедно работиме на тоа.

Документарен магазин Приказна

Зошто ќотекот не е добра воспитна мерка или ќотекот не е излезен од рајот?

Радојка Хелман Денковска – Ќотекот не е педагошка мерка. Тоа е строго забрането бидејќи ќе предизвика физичка болка. Од таа болка детето ќе се депримира, ќе се повлече и ќе немаме комуникација воопшто и нема да знаеме што му се случува. Затоа ние наставниците постоиме за учениците, 24/7 сме тука за нив. Ние треба да се грижиме да имаат безбедна средина. Затоа велиме дека насилството не е знак на сила. Насилството е знак за слабост. Ако избираш насилство тогаш бираш загуба.

Наставниците се против физичкото насилство. Ние постоиме за нашите ученици. Треба да се изгради доверба. Само ако имаме доверба, тогаш тие ќе ни се отворат и ние ќе може да им помогнеме. Затоа мора гласно да зборуваме. Насилството раѓа насилство. Тоа може да се реши само со љубов и толеранција, но едукацијата е најважна. Ќе завршам со зборовите на Мендела којшто вели дека образованието е најмоќното орудие со коешто ќе го направиме светот подобро место за живеење.

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,659FansLike
3,323FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ