2.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Личната приказна за земјотресно Скопје на акад. Влада Урошевиќ: Земјотресот ве исфрла од нормалноста и ве фрла во хаос и паника

Првиот удар на земјотресот ве исфрла од секојдневниот нормален логичен свет и ве фрла во хаос, во еден свет каде што повеќе не владеат никакви логични правила, го започнува своето сведоштво за кобниот 26 јули 1963, академик Влада Урошевиќ. Се разбира дека и однесувањето на луѓето во таквите мигови не е рационално. Се сеќавам дека во тој миг, кога земјотресот со големи амплитуди на нишање почна да ја тресе куќата во која живеевме, јас бев навистина исплашен. Ја знаев историјата на Скопје и знаев дека градот веќе имал во својата историја барем 2 катастрофални земјотреси, но сепак бев збунет, исплашен и не можев да се снајдам помеѓу тие ѕидови кои одеднаш се отвораа, помеѓу тие нишања кои ме фрлаа од еден крај до друг крај на собата. Со мојата сопруга живеевме со својата 2 годишна ќерка во близина на плоштад Слобода. Живеевме во зграда, на кат. Зградата беше од пред војната. Се обидовме да се симнеме долу, но влезната врата од притисокот на земјотресот беше вклештена и не можеше да се отвори. Избегавме на една тераса која релативно беше стабилна. На околу речиси ништо не се гледаше. Централниот дел на Скопје беше обвиткан како во магла, како облак од прав. Соседните куќи не се гледаа. Сè беше покриено со таа малтерна прав. Во тие мигови, кога Скопје го обликуваше тој облак се слушаа само криковите на приклештените луѓе во урнатините. Беше страшно. Ништо не се гледаше од таа магла, раскажува Урошевиќ.

Потоа следниот удар ја ослободи вратата, ја отвори. Се симнавме по скалите и излеговме на улица. Сите соседи беа собрани сред улица. Бевме на сигурно, ништо не можеше да падне врз нас. Стоевме собрани во куп поради чувство на сигурност во колективот. Доаѓаше третиот удар. Се слушаше одоздола како доаѓа татнежот и почна да се тресе почвата. Некој од соседите пензиониран офицер веројатно, викна воена команда „Лези“ и сите од групата не легнаа, но клекнаа со главите надолу и со рацете исправени како во некоја молитва. Само јас и мојата сопруга останавме исправени бидејќи ми беше јасно дека ништо не помага ако легнеме. Кога помина тој удар, сите што клечеа не погледнаа чудно, зошто не се покоруваме на општите правила кои ги прифати во тој миг таа група од луѓе. Отидовме на Водно да ја однесеме ќерката. Таму живееа родителите на сопругата, емотивно се присетува Влада.

Кога стигнавме до училиштето Кочо Рацин, оттаму видовме дека трчаат луѓе надолу довикувајќи „Не одете нагоре, бегајте! Од горе паѓаат големи карпи и сè рушат пред себе“. Во еден миг застанавме не знаејќи што да правиме. Си реков, на Водно нема никакви карпи, нема од каде да паѓаат. Во таквите мигови луѓето многу лесно ги прифаќаат најстрашните новости и веројатно ги предимензионираат. Луѓето се склони да шират паника, додава Урошевиќ.

Ја оставивме ќерката и веднаш се симнав долу во град. Одејќи по улиците го сретнав мојот пријател, сликарот Глигор Чемерски и уште неколку познати пријатели. Се собравме група од 6-7 луѓе и рековме дека треба да помогнеме нешто. Пристапивме кон една урнатина на булеварот. Од долу се слушаа крикови на луѓе кои беа затрупани, раскажува Влада Урошевиќ.

Пробавме да расчистуваме и видовме колку човек со гола рака е беспомошен во однос на таа задача, да ископате некого од под урнатина. Додека ги вадевме тулите беше полесно, но потоа се појави бетонска плоча. Потоа откривме дека има еден прозорец од визбата кој води во подземјето и дека може од него да се извлечат тие луѓе. Но, на прозорците имаше железни решетки. Во еден миг се сетив дека има една продавница за железни материјали. Некој рече ни требаат пили за железо, ни треба бонсек, споделува академик Урошевиќ.

Отидов до продавницата која беше заклучена и видов во излогот имаше пили за железо. Покрај продавницата стоеше полицаец. Јас му предложив да земеме тули, да го скршиме излогот и да ги извадиме пилите. Тој ми одговори дека он е тука за да спречи да се крши и разграбува нешто. Му реков дека во прашање се човечки животи, не важат правила. Потоа го прашав: „Што ќе сториш ако го скршам излогот“? Ќе морам да те приведам, одговори тој. Додека ја водевме оваа конверзација, пристигна сопственикот на дуќанот и ги извадивме пилите.

Командантот на скопскиот гарнизон, кога ги извадил војниците од касарните ги построил во дворот и ги упатил до градот. Околу 2000 војници дојдоа и започнаа со расчистување на урнатините. Тоа беше првата организирана сила. Секако беше потребна и механизација. Штом се рашири веста за катастрофата низ поранешна Југославија, на скопскиот аеродром почнаа да пристигнуваат воени транспортери со лекарски екипи и со медицински материјали.

Од Германија дојде една цела американска воена болница со сиот персонал, се лоцираа во државната болница и започнаа во шатори, на отворено да вршат операции. По неколку дена и Советскиот сојуз прати помош со специјална механизација за расчистување на урнатините. Во еден миг имавме американска и советска армија. Низ светот брзо се слушна за скопскиот земјотрес. Помошта доаѓаше постојано. Имаше 70-80 слетувања на скопскиот аеродром. Беше комплицирано сè тоа да се организира. Тогашниот градоначалник, Љупчо Ставрев успешно ја изврши. Таа помош беше восхитувачка и светот покажа една огромна солидарност. Имаше еден потресен детал. Една млада девојка од Јапонија испрати писмо во кое пишуваше: „Јас немам пари да испратам помош, но го приложувам дијамантскиот прстен што го наследив од баба ми“. Во писмото беше тој прстен.

Земјотресот уништи или остави без основни услови за работа многу јавни институции – културни објекти, училишта, болници, научни установи. Народната банка, Македонскиот народен театар, Централниот комитет на македонската Комунистичка партија, Градското собрание, Офицерскиот дом, општинската зграда Идадија, Секретаријатот на македонската Влада и други. Штета претрпеле и културно-историските објекти. Значителен број џамии, минариња и објектот на Куршумли-ан биле целосно уништени. Релативно тешки оштетувања претрпеле Мустафа пашината џамија, Саат кулата и други објекти на културно-историското наследство.

Од овој ден, Скопје го носи и името Град на Солидарноста, бидејќи први на помош дошле војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а само неколку дена по разорувачкиот земјотрес, помош почнала да пристигнува од целиот свет, со што Скопје стана светски град на солидарноста.

По извесни дискусии, проектот му се додели на Кензо Танге. Мислам дека тој проект содржеше и добри идеи, но исто така страдаше од некои непознавања на климатските облици на Скопје, картата на ветровите. Сето тоа беше правено на брзина. За жал, тој не се спроведе во целост и мислам дека внесе поголем хаос отколку што требаше. Според тој план, требаше многу згради во Скопје да се разурнат и да се направи место за тој Градски Ѕид, кој никогаш не се оствари. Тој денес е речиси невидлив во Скопје и делува доста апсурдно. Самиот план кога ќе се гледаше макетата делуваше интересно, но, можеби не е остварен ни 30%, додава Урошевиќ.

Неколку дена по земјотресот, 35 нации побараа од Генералното собрание на Обединетите нации помошта за Скопје да биде ставена на дневен ред на првата наредна седница на Генералното собрание. Помош за Скопје понудиле 78 земји, во форма на парични средства, монтажни куќи и градежни материјали, медицински, инженерски и градежни тимови и други материјали.

Некои облици на помош беа доста успешни. Музејот на современа уметност е еден од тие облици на реализираната помош. Почнаа да доаѓаат подароци од познати ликовните уметници од светот. Се направи убава колекција. Потоа дојдоа урбанистичките зафати кои беа штетни исто колку земјотресот. Се урнуваа немилосрдно цели квартови, дури без да се направи документација за нив, без да се фотографираат, а со цел да се направат нови сообраќајници итн. Мислам дека земјотресот му одзема многу на Скопје, го уништи неговиот дух. И покрај тоа што беше граден во разни периоди, со разни стилови, но зафатите на нашите урбанисти нанесоа непоправлива штета, смета акад. Урошевиќ.

 Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Во градот постојат некои места кои останале пред земјотресот. Но, сето тоа е сега ново и направено за генерациите што доаѓаат и кои живеат во овој град. Оние кои живееја во Скопје и пред земјотресот, го делат времето како во некакви древни, митски времиња-на време пред и по земјотресот, вели Влада Урошевиќ.

Документарен магазин Приказна: 60 години по земјотресот, може ли Скопје да биде паметен град

За  Приказна, Ване Маркоски.

Благодарност до УНДП  за можноста да се пренесат личните приказни за сеќавањата на катастрофалниот земјотрес.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,754FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ