9.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Маја Андонова Јокиќ со изложба порачува: Обојте го животот со моменти вредни за паметење

Маја Андонова Јокиќ е родена на 4 мај 1980 во Скопје. Има дипломирано на економскиот факултет во Скопје, а во професионалниот живот балансира помеѓу буџетите и проектите на кои работи и придонесуваат за промени во општеството од една страна и создавање уметност на платна, мурали како и водење на работилници за деца и возрасни.

Маја е трагач по одговори за човековата душа, вљубеник во јогата, изгрејсонцата, облаците и зајдисонцата. Нејзините слики ги отсликуваат моментите и доживувањата кои нè будат, нè прават ранливи, а во исто време и многу силни и тие емоции ги изразува со свој специфичен сопствен израз.

На 22 мај во МКЦ, таа ќе се претстави с нејзината самостојна изложба „Мантра на љубовта“. Изложбата ќе трае до 7 јуни.

Подготвувате нова самостојна изложба „Мантра на љубовта“. Која е нејзината порака?

Маја Андонова Јокиќ Пораката на изложбата е како што вели и самиот наслов, во ова брзо време на живеење, на изместени духовни и морални вредности, да ги доловиме малите мигови во денот, да бидеме подобрата верзија од себе, да пружиме повеќе љубов, да дадеме поддршка и да бидеме промената која сакаме да ја видиме во општеството.

Понекогаш е доволен топол збор, некој пат насмевка, некој пат жар во очите и љубов во душата за да го разубавиме светот во нас и околу нас.

Сликарството е ваша пасија. Што ве инспирираше за создавањето на сликите од оваа изложба?

Маја Андонова Јокиќ Животот ни доделува разни предизвици, како ќе се носиме со нив од нас зависи. Најголемиот дел од делата кои ќе бидат изложени се создадени во текот на 2020 година кога бевме затворени во карантин, но како ќе го обоиме сегашниот момент – изборот е на секој од нас. Понекогаш надворешните ограничувања, ги будат најголемите тајни, ги отвораат вратите и ги поместуваат границите на нашите лични ослободувања.

Во овие слики се прикажани моите лични спиритуални искуства, далечни внатрешни патувања и задоволството и радоста од доживувањата на љубовта. За утрата кога се будев во 5 часот наутро и избирав денот да ми започне со гледање во изгрејсонце, се воодушевував на боите на утрото и денот го започнував со радост на живеење, избирав да не се фокусирам на вестите и целото лудило во кое се најде човештвото, но создавав и ги преточував чувствата во слики, го пренесував мирот и спокојот што го носев во себе.

Останатите дела се создадени во следните две години и во нив се прикажани приказните во животот кога танцуваме во себе и со себе, моментите кога љубиме, моментите кога се преобразуваме, моментите кога растеме. Голем дел од сликите се инспирирани од движењата и променливоста во природата која ни покажува и не учи дека во неа владее бескрајна хармонија, се е како што треба и ноќта ни го носи денот и денот ни ја носи ноќта. Така и во животот одиме нагоре, надолу но низ сите тие патувања треба да го задржиме човекот во себе и да ја најдеме светлата точка во сè што правиме.

Колку дела ќе опфати оваа изложба? Во која техника се работени?

Маја Андонова Јокиќ Изложбата ќе опфати 53 дела изработени во техниката акрил на платно.

Андонова – Јокиќ по професија е економистка, вљубена во сликарството.

Имаше ли економијата некаква улога во подготовката на вашите дела?

Маја Андонова Јокиќ На некој начин можеби да, затоа што формалното образование ми дозволува да се занимавам со работа каде се среќавам со лица и карактери кои се тотално различни од тоа што уметниците го носат во себе. Убаво е да се имаат двете перспективи. Секој човек, секој разговор може да биде инспирација и провокација за нови внатрешни состојби и создавање на нови дела.

На кои уметници им се воодушевувате?

Маја Андонова Јокиќ Салвадор Дали и неговите дела со сите симболи и визии, Густав Климт со боите и деталите во неговите слики. Од нашите сликари сум воодушевена од работата на Синиша Кашавелски. Кај единствениот Васко Ташковски ме воодушевува неговата големина како сликар но и како човек пред сè. Такви дела, такви светови создава а толку приземјен и скромен. Такви луѓе и требаат многу на оваа земја.

За крај, која е вашата мантра на љубовта?

Маја Андонова Јокиќ Обојте го денот, обојте го животот со моменти вредни за паметење. Зачекорете длабоко во себе, прифатете ги своите несовршености и дајте си на себе простор за раст, себеспознавање и откривање на најдлабоките тајни. Негувај го убавото во себе, биди љубов, дарувај позитивна мисла.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,753FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ