0.8 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

Ана Матоска Дојчиновска: Не е нормално жената да живее со болка

Во неделата на женско здравје, разговараме за ендометриозата.

Треба да се демистифицира, да се тргнат табуата дека е нормално жената да живее со болка. Не е тоа нормално. Доколку некој во фамилијата имал таква состојба особено повеќегодишна, треба да се упати кај гинеколог, да се разговара и да се направи план и организација, ние сме тука да им помогнеме на секој чекор од тој пат, вели за Приказна, Ана Матоска Дојчиновска – гинеколог акушер.

Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат Вашите пациентки на кои сте им матичен гинеколог?

Дојчиновска – Нормално е кога некоја жена во репродуктивна возраст ќе се соочи со дијагнозата ендометриоза, да има многу прашања. Што е тоа, најчесто прашуваат? Пред сè ендометриоза е ектопично присуство на честици од лигавицата на матката најчесто во околината на матката т.е. во абдоминалната празнина.

Дали често се среќавате со ендометриоза во Вашата пракса?

Дојчиновска – Ендометриозата е релативно честа т.е. 10% од жените или секоја десетта жена има ендометриоза. Тоа е голема бројка иако не звучи импозантно. На 25 до 50% од жените со болка во карлица им се дијагностицира ендометриоза, а дури поголем процент се дијагностицира кај пациентки што се јавиле за оперативен третман поради карлична болка или поради други причини.

Од кога постои оваа болест?

Дојчиновска – Меѓу првите записи во медицинската историја од далечната 1860 година познатиот научник Фон Рокитански. Во 1921 година Џон Самсон врз база на клинички опсервации дава подетални описи. Оттаму тргнуваат поголемите сознанија за ендометриоза. Самсон прв ја поставува теоријата за ретроградна менструација.

Која е причината за појава на ендометриоза?

Дојчиновска – За жал сè уште нема објаснета причина, туку има теории. Една од теориите е задржана од 1921, има недостатоци, но е задржана. Тоа е теоријата за ретроградна менструација. Тоа значи менструалната крв од празнината на матката, тие ендометриотични честички од лигавицата на матката преку тубите, преку јајцеводите наназад истекуваат во абдоминалната празнина. Тука невообичаено создаваат жаришта и така настанува ендометриозата според оваа теорија.

Друга теорија е естроген теоријата, бидејќи се знае дека се среќава во репродуктивна возраст т.е. е естроген зависна. Врз основа на тоа се делува со терапијата. Друга теорија е генетската. Навистина е многу почеста појавата на ендометриоза кај ќерки, сестри т.е. роднини од прво колено на пациентки со ендометриоза. Тоа е многу важно во нашата секојдневна пракса т.е. да посветиме внимание на таа група пациентки.

Постои и теорија на надворешни фактори. Забележано е дека многу е почеста ендометриозата во урбани средини. Постои и имунолошка теорија каде што локалниот имунитет е со ослабнати реакции и се зголемуваат жариштата. Постојат и други теории за лимфогено и хематогено ширење со што се објаснуваат ретки, но сепак постоечки појави на ендометриоза на далечни места.

Каде најчесто е лоцирана ендометриозата?

Дојчиновска – Најчесто околу матката, но надвор од матката на пример се прават цисти на јајниците кои нема да прснат, има жаришта околу зад матката, на тубите …

Сè почесто имаме ендометриоза на лузни од претходни операции. Особено се битни лузните од царски рез. Така мајка посветена на своето бебе ако забележи дека се случуваат појави околу лузната на царскиот рез, се појавува циста, па менува бои, тоа не треба така, туку да се јави кај својот матичен гинеколог или кај друг гинеколог.

Како до дијагноза за ендометриоза?

Дојчиновска – Нема едноставен одговор на ова прашање. Тука треба сите заедно да се потрудиме. Една од најбитните работи за поставување дијагноза за ендометриоза е кога пациентката ќе забележи нешто различно, веднаш да се јави кај својот гинеколог.

Пациентките одлично се познаваат себеси. Пациентката сама си знае како и е нејзиниот нормален менструален тек. Женското тело е бурно. Секој ден има прогресија на хормони. Тоа е голема динамика. Сепак, жената си го знае своето тело. Тука е голема и предноста еднаш во годината да се прави редовен рутински контролен гинеколошки преглед. Навистина тоа е многу битно.

Еден преглед најчесто е доволен да се види дали сè е во ред. Сметам дека така се создава близина и пациентката кога ќе почувствува нешто различно веднаш да се јави.

Се разбира, толку рано во вакви случаи не се поставува веднаш дијагноза со ехосонографски преглед. Најверојатно ќе биде потребен уште еден преглед во точно одреден период од циклусот. За тоа сме достапни, се работи за блискост меѓу матичен гинеколог и пациентките.

Секој матичен гинеколог си ги знае своите пациентки, има досие, тука стојат претходните наоди, целокупната документација. Тоа е навистина многу битно за следење на пациентките. Се разбира многу е важно да се земе предвид што кажува пациентката. По потреба се прават ред други лабораториски испитувања. Понекогаш за дијагноза треба и други работи. Некогаш е потребно лапароскопско доиследување. Ретко за одредени индикации и локализации се употребува магнет и компјутеризирана томографија.

Постојат неколку стадиуми на ендометриоза?

Дојчиновска – Јас сите ги охрабрувам затоа што се фаќа оваа состојба релативно на почеток. Првиот стадиум е всушност недетектибилен на ехо. Постои и предлог да има нулти стадиум, за сомнение. Ако пациентката има многу болки, тоа не е нормално, не треба така да биде.

Сеедно дали се во тек на менструален циклус, овулација, или помеѓу, тоа не е нормално. Тоа е веќе сомнение. Првиот стадиум не може да се дијагностицира со ехо. Во вториот стадиум веќе постојат цисти, но тие се под пет сантиметри. Тоа е идеален стадиум за дијагностицирање. Сè понатаму ќе биде многу полесно. Третиот стадиум е дека е понапреднато, постојат поголеми цисти. Четвртиот уште понапреднато. Постојат тенденции за петти стадиум, за иноперабилна состојба за која не ни сакаме да дозволиме да дојде во овој 21. век.

Што да се преземе после дијагностицирањето ендометриоза?

Дојчиновска – Јас ги охрабрувам ако им е потребно да се вратат за консултација за да слегнат информациите. Ние сме тука за нашите пациентки.

Јас ги охрабрувам дека тоа е состојба и со тоа се живее. Треба да имаат комплетно нормален, исполнет живот. Да се гледаат себеси како исполнети личности.

Како да си помогнат себеси откако ја добиле дијагнозата?

Дојчиновска– Доколку пациентката сака експлитативен менаџмент, ја поддржуваме. Меѓутоа ние заземаме став дека нешто треба да се преземе. Дали ќе биде тоа таблетарна терапија, во смисла комбинирани орални контрацептиви.

Целта ни е да се запре состојбата до каде што е, да нема прогресија и да не влијае на репродукција т.е. да се воспостави репродукција во момент кога ќе сака пациентката. Тоа се многу битни работи. Во разговор со пациентката дознаваме за нејзините планови, желби, како се гледа себеси во овој момент, за пет, за десет години …

Сметам дека ние сме тука да дадеме поддршка. Не можам да одлучам што е најдобро за нејзиниот живот, но тука сум да бидам набљудувач и поддршка и да ја согледам и одржам пациентката во нејзината најдобра верзија за себе. Дали ќе бидат контрацептиви или лапароскопија, ќе разговараме и ќе одлучиме во зависност кои се нејзините цели во однос на репродукција.

Во секој случај сум за нешто да се преземе. Тука има многу голема улога исхраната, правилниот животен стил, сите препораки за здраво живеење. Навистина препорачувам да се воведе куркума во исхраната. Бидејќи за куркумата се знае дека има антиинфламаторно дејство и разни антиоксиданти: витамин Е, селен …

Во Македонија веќе се присутни неколку препарати, ме радува дека има и таква опција. Не можам да кажам дека тие ќе ја излекуваат оваа состојба, но сето тоа влијае за нашите три цели: да се запре до кај што е, да не напредува и да се воспостави репродукција.

Да ја погледнеме Сузан Сарандон. Таа е комплетно остварена жена. Со три деца, остварена кариера и е гласноговорник за ендометриозата. Сакам да ги охрабрам сите мои пациентки да се гледаат себеси како комплетно остварени личности.

Дали ќе препорачате и физичка активност заради ублажување симптоми?

Дојчиновска – Се разбира, некој ќе ми рече дека кога има болка не може. Треба да се практикува физичка активност во останатиот дел од месечниот циклус. Практично да се зајакне цело тело. И така се влијае, има и специјални вежби за карлица, сето тоа има влијание за целокупната благосостојба на женскиот организам, и психо-физички да се зајакне цело тело.

Документарен магазин Приказна

Како да се продолжи животот прифаќајќи ја оваа хронична состојба?

Дојчиновска – Не велам дека е едноставно и лесно, но ние сме тука попатно да ги охрабруваме имаме и примери, можна е и репродукција и нормален живот.

Треба да се демистифицира, да се тргнат табуата дека е нормално жената да живее со болка. Не е тоа нормално. Доколку некој во фамилијата имал таква состојба особено повеќегодишна, треба да се упати кај гинеколог, да се разговара и да се направи план и организација, ние сме тука да им помогнеме на секој чекор од тој пат.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,757FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ