23.8 C
Skopje
Friday, March 29, 2024
spot_img

Примариус доктор Искра Дукова: Бременоста не ја лекува ендометриозата

Она што е најбитно да се спомене е дека главниот симптом на ендометриозата е болката која ја попречува жената да има нормално функционирање. Таа болка најчесто е циклична затоа што е поврзана со добивањето на менструација. Обично се потенцира неколку дена пред менструалниот циклус и во текот на самото менструирање тие болки се толку големи што пациентката не може да ги извршува секојдневните обврски, не може да оди на училиште ако е млада, ако е повозрасна на работа или да спортува. Таа болка создава замор зашто циклично се појавува, појаснува во интервју за Приказна, примариус доктор Искра Дукова од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари.

Кои се симптомите на ендометриоза?

Дукова – Ендометриозата е хронична воспалителна болест која се карактеризира со имплантирање на клетки од слузницата на матката, надвор од матката (во малата карлица и во стомакот т.е. абдоменот). Најчесто таа се локализира на обвивката на малата карлица, на јајниците, јајцеводите, но може и на делови од гастроинтестиналниот тракт (цревата), на делови од уринарниот тракт, а може да се јави и надвор од малата карлица т.е. може да се јави на белите дробови, на обвивката на белите дробови, може да се јави на дојка или на обвивката на срцето.

Симптомите на оваа болест зависат од локализацијата на самите промени, но мора да се спомене дека тежината на клиничката слика или на болките што ги има пациентката не корелираат секогаш со тежината на внатрешните промени во малата карлица или во стомакот.

Она што е најбитно да се спомене е дека главниот симптом на оваа болест е болката која ја попречува жената да има нормално функционирање. Таа болка најчесто е циклична затоа што е поврзана со добивањето на менструација. Обично се потенцира неколку дена пред менструалниот циклус и во текот на самото менструирање тие болки се толку големи што пациентката не може да ги извршува секојдневните обврски, не може да оди на училиште ако е млада, ако е повозрасна на работа или да спортува. Таа болка создава замор зашто циклично се појавува.

Уште еден карактеристичен знак е болка при сексуални односи. Зависно од локализацијата може да имаат болки и при уринирање како и проблеми со цревата т.е. со цревната перисталтика. Може да имаа болки во абдоменот (надуван стомак, опстипација и други гастроинтестинални симптоми) што ги повлекува самата промена ако се наоѓа на цревата.

Дали може да имаме ендометриоза без одредени симптоми?

Дукова – Да, апсолутно, може да има и тешка клиничка слика, а пациентката да има помали болки. Дури може да има мали промени, а да даваат огромна клиничка слика.

Еден од симптомите на ендометриозата е инфертилитетот т.е. неможноста на паровите да остварат бременост, кај 50% се дијагностицира ендометриоза.

На која возраст се јавува ендометриозата и дали генетски се повторува?

Дукова – Ендометриозата може да се јави и кај девојчиња во пубертет кога започнуваат со добивање менструација затоа што таа е естроген зависна. Но, може да се јави и во која било возраст од животот на жената.

Како се дијагностицира ендометриозата?

Дукова – Многу честа болест е, се јавува кај една од десет жени, има сериозни симптоми и сериозни последици по целокупното здравје на пациентката, по нејзиното репродуктивно здравје како и секојдневното функционирање.

Еден од проблемите во однос на дијагнозата на оваа болест е потешкотијата или долгиот временски период да се дијагностицира. Истражувањата велат дека просечен период потребен за поставување дијагноза е осум до дванаесет години. Зошто е тоа така? Едно е поради неспецифичноста на симптомите, болката може да биде поради многу причини, и уште еден општ прифатен став дека болните менструации и тешките крварења се прифатени како нормален дел од животот на една жена.

Многу жени не пријавуваат симптоми за ендометриоза токму поради овој прифатен став. Од друга страна, не постои дефинитивен неинвазивен дијагностички тест.

Ние гинеколозите имаме убава алатка, а тоа е ултразвучниот преглед на малата карлица. Но, тој во овој случај нè ограничува само на детектирање ендометриотични цисти на јајниците. Расевките коишто се наоѓаат по површините на другите органи не можеме да ги дијагностицираме со ултразвучниот преглед. Тука ќе преземе улога радиолошкото снимање како магнетна резонанца.

Дијагнозата единствено може да се постави по пат на операција. Единствениот начин на кој докажуваме дека имаме ендометриоза е хистолошка верификација. Дали по пат на лапароскопија или со класичен рез, сепак пациентката ќе биде подложна на операција и тогаш ќе ја добиеме дефинитивната дијагноза дека се работи за ендометриоза.

Во однос на третманот на оваа болест, постои конзервативен третман и оперативен третман. Конзервативниот би се однесувал во однос на користење терапија преку уста, комбинирани орални контрацептивни пилули со апчиња против болка. Овие две нешта ја намалуваат болката и воспоставуваат нормален регуларен менструален циклус каде што ќе се намали и обемноста и тежината и времетраењето, но ќе ги намали и редуцира посевките што се наоѓаат во малата карлица, дури и ќе го превенира повторното појавување на ендометриозата.

Оперативниот пристап во решавање на ендометриозата треба да имаме индикација зошто го правиме.

Ако зборуваме за третман за инфертилитет или неможност за остварување бременост, тогаш ние гинеколозите најмногу треба да внимаваме на презервација т.е. зачувување на гениталните органи (јајниците и матката). Всушност се прави екцизија или отстранување на ендометриотични лезии, но со максимално внимавање на остатокот од ткивата. Понекогаш се потребни и екстензивни третмани т.е. поопширни.

Длабоката инфилтрирачка ендометриоза бара подруг тип операција. Некогаш треба да се отстранат и јајниците и матката, но сè зависи од тежината на клиничката слика и од возраста на пациентката.

Дали може да се случи и после оперативен зафат да се повтори ендометриозата?

Дукова – Апсолутно, оваа болест има тенденција да се повторува и секој начин на терапија кој сакаме да го дадеме е да превенираме повторно појавување на болеста. Истражувањата и праксата покажуваат сепак дека повторно се појавува оваа болест.

Зошто се појавува ендометриозата?

Дукова – Една од главните причини зошто немаме дефинитивен начин на кој ја третираме и дијагностицираме ендометриозата е несигурноста зошто настанува болеста. Постојат многу теории во науката, но во последно време најприфатени и најистражувани се две теории.

Се полемизира дека постои аномалична грешка во ембриогенезата каде може да настане ендометријално ткиво надвор од матката. Секако тоа заедно доаѓа со теоријата за наследен фактор.

Истражувањата покажуваат дека има тенденција за појава на болест кај жени во исти фамилии, што е и научно докажано, заедно во корелација со фактори од надворешна околина. Студиите покажуваат дека еднометриозата е почеста кај жени од урбана средина, отколку во руралните средини. Еколошката контаминација многу пати е споменувана и најчесто се докажува дека се појавува кај овие жени.

Документарен магазин Приказна

Дали со бременост може да исчезне ендометриозата?

Дукова – Бременоста не ја лекува ендометриозата. Хормоналните промени кои се случуваат во бременоста може да помогнат да се намалат симптомите или во извесен период да ги нема, но за жал не ја лекува ендометриозата.

После бременоста повторно може да се појават болките и симптомите на болеста. Многу жени со ендометриоза имаат проблеми со остварување бременост затоа многу од нив се пациентки кои имаат третмани за инфертилитет. Кај нив е потребно да предизвикаме овулација и да помогнеме со некои од нашите техники за да остварат бременост.

Освен лекувањето дали се препорачува физичка активност и промена на начин на исхрана при ендометриоза?

Дукова – Има многу истражувања кои покажуваат дека помагаат и други работи во однос на ендометриозата на пример физичката активност и исхраната. Ако земеме предвид дека тоа е воспалителна болест тогаш една антиинфламаторна диета може да помогне. Тоа би значело намален внес на шеќери, безглутенска исхрана, без млечни производи, намалено количество на процесирана храна.

Во некои центри се практикува и физикална терапија, насочена конкретно за малата карлица. Се верува дека физикалната терапија ќе помогне во намалување на тензијата на мускулите со тоа би се намалила и болката.

Дали ендометриозата предизвикува вишок килограми?

Дукова – Самата ендометриоза не предизвикува дебелеење, но индиректно ако пациентката има проблеми со гастроинтестиналниот тракт, опстипацијата, промените во перисталтиката, би можело да придонесат за зголемување на телесната тежина.

Наташа ЈанкулоскаТоревска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,098FansLike
2,010FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ