Пубертетот е почеток на адолесценцијата. Бурни промени се случуваат и на психолошки план и во физичкиот изглед. Децата стануваат несигурни во себе, немаат доволно самодоверба, а сето тоа може да биде негативно потхрането од опкружувањето и од социјалната средина со која децата имаат интеракција. Многу е важно сите возрасни да посветат внимание околу социјалното опкружување на адолесцентот.
Децата се како велосипеди, како ќе ги управуваме, така ќе возат. Тие не можат да си го препознаат своите емоции особено во периодот на адолесценција. Тие си се себеси центар на внимание, влегуваат во караници со возрасните многу лесно, зашто на себе гледаат на поинаков начин, отколку ние што ги гледаме. Во целата нивна збунетост и конфузија за кои не се свесни, се трудиме да помогнеме и да ги канализираме нивните емоции, вели во интервју за Приказна, Слободанка Бадаровска – наставник.
Колку е значајна врската родители-наставници посебно во адолесцентниот период?
Бадаровска Врската помеѓу родителите и наставниците е значајна во текот на целиот воспитно-образовен процес, особено во адолесцентниот период. Во последните истражувања се покажа дека границата е намалена, започнува веќе на десетгодишна возраст. Тоа значи дека се сретнуваме со почетокот на адолесценцијата веќе со завршување на трето и почеток на четврто одделение.
Битна е соработката. Да биде континуирана, постојана, продлабочена. Затоа што се она што се случува кај детето сеедно дали дома, во училиште или во неговото опкружување, доколку наставникот и родителот посветуваат доволно внимание, дотолку ќе биде полесно да се детектираат сите проблеми кои произлегуваат од однесувањето на адолесцентот.
Во овој период се случуваат многу промени и во психата и во физичкиот изглед кај личноста?
Бадаровска Пубертетот е почеток на адолесценцијата. Бурни промени се случуваат и на психолошки план и во физичкиот изглед. Децата стануваат несигурни во себе, немаат доволно самодоверба, а сето тоа може да биде негативно потхрането од опкружувањето и од социјалната средина со која децата имаат интеракција. Многу е важно сите возрасни да посветат внимание околу социјалното опкружување на адолесцентот.
Често се случуваат конфликтни ситуации, како им помагате на тинејџерите?
Бадаровска Да, премногу често се случуваат и тоа од неоправдани причини. Секој конфликт се гледа од сите страни. Причините се надвор од моќта адолесцентите да ги контролираат. Социјалното опкружување понекогаш негативно влијание на тинејџерите.
Во случаите кога ќе дојде до конфликтна ситуација се трудиме да најдеме заедничко решение. Се става проблематиката на маса, чесно и отворено се разговара, предизвикот го разгледуваме од сите страни. Го детерминираме, го идентификуваме, го анализираме и се трудиме да ги ослободиме адолесцентите да се искажат, секој својата страна. Потоа се држиме само до фактите, трагајќи ги на страна емоциите и вредностите. Во време на разрешување на конфликт не смееме да ги замешаме.
Дали разговарате за емоциите и како да управуваат со нив?
Бадаровска Децата се како велосипеди, како ќе ги управуваме, така ќе возат. Тие не можат да си го препознаат своите емоции особено во периодот на адолесценција. Тие си се себеси центар на внимание, влегуваат во караници со возрасните многу лесно, зашто на себе гледаат на поинаков начин, отколку ние што ги гледаме. Во целата нивна збунетост и конфузија за кои не се свесни, се трудиме да помогнеме и да ги канализираме нивните емоции.
Еден од начините на кои може да помогнеме е насочувањето на учениците кон спортувањето. Лично сметам дека спортувањето е наједноставниот, најсилниот и најдобриот начин за филтрирање и канализирање на нивните емоции и за полнење на нивниот дух со позитивна енергија. Во тој период адолесцентите многу повеќе веруваат на своите врсници, лесно се поведуваат без да направат дискрепанција на тоа што е добро или лошо, при тоа тргајќи ги настрана убавите совети од возрасните.
Го спомнавте спортот, сметате ли дека на тој начин можеме да ги заштитиме тинејџерите од пороци?
Бадаровска Искрено верувам, се трудам спортот да ни биде на место број еден. Со спортот се гради самодоверба, самопочит, што е многу важно во денешно време на атакување на личноста на адолесцентот. Спортот е единствената силна алатка којашто може да изгради прекрасна личност со ферплеј и кон себе и кон врсниците.
Како да изградиме здрава возрасна личност?
Бадаровска Единствен е патот, а тоа е заеднички сите да соработуваме во целата мисија и визија, на направиме ментално здрава личност. Тоа подразбира родителите и наставниците, секогаш мора да се во отворена комуникација. Кога ќе има проблем заеднички да се разговара во длабочина, да се најде соодветно решение и да се преземат начини правилно да се насочи тинејџерот.
Знаеме дека сме во време на технологијата и дека таа е неминовна, меѓутоа мора да бидеме личен пример дека само балансираното користење и тоа во насока на едукација може да биде придобивка на нашиот млад човек. Тенка е границата меѓу позитивно користење на технологија и на станувањето зависен од неа т.е. злоупотреба.
Наташа Јанкулоска Торевска