9.8 C
Skopje
Thursday, April 25, 2024
spot_img

Клементина Добревска – психолог: Кога се поставуваат јасни граници приспособени на возраста, тоа придонесува за поголема самодоверба кај децата

Во психологијата имаме два вида родителски стилови како контекст што е значајно во семејството како вредност. Доколку се поставуваат премногу високи граници, недостижни да се направат, тогаш ќе има контраефект. Кај адолесцентот ќе се јави агресија и нервоза и конфликтот ќе го најде како механизам за одбрана.

Од друга страна, кога се поставуваат јасни граници приспособени на возраста, тоа придонесува за поголема самодоверба кај децата и подобар начин во комуникацијата и поголема почит во интеракцијата родител-дете, вели Клементина Добревска – психолог.

АЛО БУШАВКО го слуша гласот на адолесцентите, тие имаат свои размислувања, кои се најчестите поплаки од тинејџерите?

Клементина Добревска АЛО БУШАВКО е сервис достапен 24/7 за децата и за младите. Најчесто се јавуваат за темата ментално здравје. Практично тука доаѓаат поплаките како силеџиство во училиштата, нарушени семејни односи, се појавува и синдромот на отуѓено дете поради тоа што еден од родителите целосно ја прекинува врската со детето по бракоразводните постапки.

Интеракцијата во образовниот процес, нарушена комуникација со врсниците и со наставниците исто така е честа поплака.

Во пубертетот се случуваат многу промени, кои се тие?

Клементина Добревска Во оваа развојна фаза се случуваат промени и на физички и на психолошки план. Емоциите ни се важен дел од човековата природа кои ги чувствуваме уште од самото раѓање. Многу е важно адолесцентите да знаат како да ги препознаат своите емоции и како да управуваат со нив. Затоа е многу важна вештината на емоционална свесност која ни помага и ни кажува што сакаме, што не сакаме и како да се справиме со тоа. На почетокот самите тинејџери првенствено треба да не се осудуваат себеси зошто се чувствуваат така.

Имаме и позитивни и негативни емоции и тие се сосема нормален дел од човековата природа. Кога нема да се осудуваат зошто во даден момент се чувствуваат сакано или тажно, тогаш се освестува емоционалната свесност. Тие треба да си го оценат чувството до која мера влијае на нив и да разговараат со своите најблиски за да можат да научат како да се справуваат.

Како да ги разберат и да управуваат со емоциите? Што ги советувате?

Клементина Добревска Со самото јавување на АЛО БУШАВКО телефонот за деца и млади ние се фокусираме разговорот да биде во доверба. Кога некој се чувствува сигурно и има доверба може да го сподели она што го мачи. Понатаму изнаоѓаме заеднички решенија и дискутираме во која мера е емоцијата застапена, кој е причинителот на емоцијата и како би можело да се справат.

Доколку има потреба ги советуваме да се обратат на психолог и психотерапевт во соработка со родителите.

Кои се најчестите стравови на адолесцентите?

Клементина Добревска Генерално тоа се училишните достигнувања, физичкиот изглед, кај тинејџерите од 15 до 18 години постои страв дали ќе бидат прифатени од околината, во друштвото, како ќе го изградат идентитетот, дали ќе ја одберат соодветната професија … Се разбира дека ние сме тука да им помогнеме и да им дадеме поддршка во соочувањето и справувањето со овие стравови.

Како да им се помогне да ги контролираат и подемите и падовите кои им се случуваат на оваа специфична возраст?

Клементина Добревска Наједноставно со прашањето: Како си? Многу деца ретко се прашуваат како се. Кога ќе го прашаме како е, тоа добива сигурност и безбедна средина каде што може да го раскаже својот проблем.

Разбирањето, поддршката, покажувањето грижа и емоции, заедничкото изнаоѓање решенија се само дел од начините на кои можеме да им помогнеме. Тука се и заедничките активности. Секако не треба да им даваме конкретни решенија затоа што тоа би имало дополнителен негативен ефект. Потребна е поддршка во оваа возраст.

Дали родителите треба да постават правила и граници во комуникацијата со тинејџерите?

Клементина Добревска Зависно какви се тие правила и граници. Во психологијата имаме два вида родителски стилови како контекст што е значајно во семејството како вредност. Доколку се поставуваат премногу високи граници, недостижни да се направат, тогаш ќе има контраефект.

Кај адолесцентот ќе се јави агресија и нервоза и конфликтот ќе го најде како механизам за одбрана. Од друга страна, кога се поставуваат јасни граници приспособени на возраста, тоа придонесува за поголема самодоверба кај децата и подобар начин во комуникацијата и поголема почит во интеракцијата родител-дете.

Дали родителот треба да го наградува тинејџерот?

Клементина Добревска Ако зборуваме за материјална награда, голем број истражувања покажуваат дека тоа може да има негативен ефект да дојде до разгаленост и младата личност постојано да има очекувања дека следува награда за одреден развој. Но, ако зборуваме за позитивен развој, наградата може да биде во вид на афирмативни пораки, значајни активности, посета на некој настан, сите нематеријални награди ќе ја зголемат и внатрешната мотивација на самите тинејџери кои ќе имаат попозитивна слика за себе.

Како да изградиме здрава возрасна личност?

Клементина Добревска Волшебно решение нема, но можеме да бидеме поддршка ние како возрасни на адолесцентите во однос на стремежот и исполнувањето на основните потреби. Во овој период многу е важно себеприфаќањето и себеопределбата. Доколку тие основни потреби се задоволени и адолесцентите имаат техники, способности, кадарности да го исполнат стремежот за општествена положба и во своето друштво. Тогаш имаме оформена здрава личност. Во обратен случај, без разлика на факторите: внатрешни конфликти на личноста, општествени влијанија, или недоволна развиеност и себесвесност, тогаш се појавува криза.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,301FansLike
2,939FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ