Македонија е привлечна дестинација. На планина сретнуваме групи од различни земји. Имаме убави и интересни планини. Ни недостасува инфраструктура од аспек на ноќевања, можности, безбедност, поставување шатори, сите оние моменти кои на запад ги гледаме, а кај нас ги нема. Тоа е нешто на кое треба да поработиме како држава, вели за Приказна Миленка Шаровиќ, лиценциран планински водич и планинар високогорец.
Кои се препораките за планинарење, особено за почетници?
Миленка Шаровиќ Тоа се препораките кои ги даваат сите планинарски федерации, односно оние кои вклучуваат активности во природа. Прво, треба да ја почитуваме природата и дека ние сме гости во природата.
Во природата постои растителен и животински свет којшто треба да го почитуваме и да се трудиме што е можно помалку да го вознемируваме. Од друга страна, не треба да оставаме отпад односно она што можеме да го оставаме се само нашите стапки. Водичот ја има главната одговорност, меѓутоа и учесниците се одговорни сами за себе бидејќи во секоја објава на планинарска акција стои дека секој учествува со самостојна одговорност.
Временските услови, односно следење на временската прогноза е исто така важно. Искуството покажало дека одредена апликација за одреден регион дава точни информации. Ако временската прогноза најавува услови за дожд, нестабилно време едноставно природата е тука, не чека ако моментот не е правиот момент, не мора да се оди. Исто така треба да се знае колку се очекува дека ќе трае оваа акција од аспект на должина на патека, висинска разлика којашто ќе се постигне и соодветно да се планира храна и вода. Да не се носи премногу, но не и премалку. Особено за почетници, доколку е возможно да се стигне во ден. Во планинарењето нема демократија, повеќе е војничка хиерархија.
Како да се постапи при губење во планина и дали има сезона која може да ја класифицираме како најопасна?
Миленка Шаровиќ Најопасна е зимата. Денот е краток, секако на планините наши има снег, кои навеви и наноси може да достигнат и поголема длабочина. Се создаваат стреи и тераси кои го отежнуваат движењето во планина. Но, и летото знае да изненади.
Развојот на нестабилно и облачно време и за краток период од идеални временски услови да станат есенски а можеби и зимски. Преку нашите обуки, едукативни настани, се трудиме да се здобиеме со знаење и искуство коешто ќе спречи губење во планина.
Од аспект на метерологија, пратење на времеска прогноза, користење на разни алатки и уреди, користење на мапи кои ги симнуваме од разни апликации, се трудиме сите да бидат обучени да не дојде до губење. Движењето во планина, не смее да се исклучува од групата. Пракса е некој којшто не е на акцијата има информација за тоа каде и како се планира да се оди, доколку се изгуби контакт да се преземен соодветна мерка.
Обуките нас ни се насочени, доколку дојде до губење во планина, да знаеме да се снајдеме и во такви околности. Прво, да се има телефон на Центарот за управување со кризи, 195 и да се потрудиме да ги имаме телефоните од најблиските спасителни станици. Има апликација која ја користиме, која ја дава локацијата каде си во моментот, но ова е во услови ако постои можност за електронска комуникација. Доколку и таа ја нема, кога се планира храна и вода, секогаш треба да се земе и резерва нешто плус.
Во услови ако се загубиме, да имаме нешто не премногу но енегретски да е богато, кое ќе биде постојано со нас како дополнителна храна. Исто така со обуките, се обучуваме да правиме засолништа кои во такви услови би ни помогнале да го поминеме периодот. Се советува да се носи опрема која стои во ранец и се заборава дека е таму и не се вади. Имањето на планинарски стапчиња исто може да ни биде од корист.
Како функционираат планинарските клубови?
Миленка Шаровиќ Во планинарските клубови членството е големо. На различни акции се сретнувате со различни луѓе, со различно искуство. Јас лично сум член во клуб од самото мои почетоци. Тоа е нешто што не чини многу. Има придобивки од аспект на осигурување и од аспект на знаење и пренесување на знаење. Велат дека најдобро се учи ако го споделуваш она што самиот ќе го научиш, па истото ќе го споделиш на другите коишто се во некоја следна активност со тебе.
Зошто е важно еден водич да биде обучен и сертифициран? Имаме ли во Македонија доволен број на сертифицирани планинарски водичи?
Миленка Шаровиќ Битно е да биде обучен и сертифициран, бидејќи не носи само лична одговорност, туку и одговорност за групата што ја води. Според мое мислење, имаше минатите години дефицит на лиценцирани водичи, но сега федерациите и планинарски и алпинистички, имаат активности коишто вклучуваат и обуки на водичи. Почнуваме да ги следиме западните критериуми.
Колку време трае една обука?
Миленка Шаровиќ Има теоретска обука која трае определен број денови. Во таа обука опфатени се битни работи кои теоретски може да се поделат. Од аспект на облека, пакување на ранец, движење во планина, прва помош и заштита. Но, има и практични работи особено во делот што е врзан со алпинистичките вештини како и ориентација во простор.
Секоја обука дава воведни знаења, потоа следат приправнички акции коишто се во различен број за различни кандидати. Самата теоретска обука можеби не е доволна, но приправничките акции коишто се изведуваат во присуство на најмалку двајца водичи или инструктори, овозможува да се дооформи квалитетот на водичот којшто се стекнал со теоретските знаења.
Може ли планинарењето да прерасне во масовен туризам?
Миленка Шаровиќ Македонија е привлечна дестинација. Во планина сретнуваме групи од различни земји. Имаме убави и интересни планини. Ни недостасува инфраструктура од аспек на ноќевања, можности, безбедност, поставување шатори, сите оние моменти кои на запад ги гледаме, а кај нас ги нема. Тоа е нешто на кое треба да поработиме како држава.
Која земја најдобро котира во регионот?
Миленка Шаровиќ Бугарија, затоа што тоа кај нив е традиција на планинарење. Имаат домови и услови за безбедно сместување. Најголем дел од домовите им се во одлична состојба. Имаат одлични маркации на терен. И Албанија прави големи напори на ова поле.
Ване Марковски