Пештерата Убавица е единствена монументална природа во Гостивар. Во средиштето на планината Буковиќ, гостиварско, се наоѓа убавина од која застанува здивот. Убавица или Ѓоноичка пештера е лоцирана во непосредна близина на гостиварското село Горна Ѓоновица. Лоцирана на 20-тина км од Гостивар, на стариот за Кичево, оваа пештера важи за бисер на подземните убавини. Пештерата отсекогаш воодушевувала со својата мистичност. Во 2018 година, домашни спелеолози од спелеолошкиот клуб „Кораби“, заедно со италијански спелеолози работеа на истражување на пештерата.
Проектот „Зајакнување на локалните актери за експлорација, истражување и заштита на природното наследство на пештерата Убавица“ беше финансиран до ЕУ, а имплементиран од страна на програмата за развој на ОН (УНДП) и министерството за животна средина, во партнерство со општина Гостивар. Јетон Османи од Спелеолошки клуб „Кораби“, за Приказна, ја сподели оваа инспиративна приказна. Тој откри дека имале активности во проектот за пештерата Убавица.
Името „Убавица“ е одбрано поради изразениот сталагмит во форма на женска силуета, но и поради големото богатство од разновидни подземни природни украси, ни раскажа Јетон.
„Убавица“ е ретка и единствена со својот раскош, со безбројните фигури од сталактити и сталагмити создавани со илјадници години, неколку галерии, столбови, исшарани тавани, разновиден пештерски накит, канал со вода, езерца, водопад висок седум метри, пет врела и што уште не во должина од над петстотини метри.
Една од активностите беше во спелеолошкиот центар кој се наоѓа во с. Вруток, во кој се одвиваа тренинзи и обуки. Друга активност беше топографското снимање на пештерата до 500 метри. Исто така биолошки и геолошки истражувања. Сите резултати од истражувањата може да се најдат на веб-страницата на општина Гостивар. Беше подготвена и виртуелна тура, споделува Јетон. Направени беа и преводи за почетници во спелеологија, на албански и македонски јазик. Ние како тим кој работеше на овој проект имавме студиско патување во Италија, на кое учевме како да ја развиеме нашата земја и конкретно нашата пештера, раскажува Јетон.
Гостивар има голем потенцијал за развој на планински туризам. Пештерата Убавица, прекрасни планини, убава природа се само дел од работите кои овој крај го прават вистински рај за љубителите на планините и природата.
Според моето мислење и искуство, на Гостивар единствена шанса му е планинарскиот спорт и планинарскиот туризам. Имаме прекрасни планини, Шар планина, Сува Гора. Општината има направено и патеки за хајкинг, за планински велосипедизам. Сето ова треба да се рекламира малку повеќе и да имаме повеќе обучени локални водичи. Ова е голема можност Гостивар да се развие туристички, сподели Јетон.
Ване Маркоски