21.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024
spot_img

Горан Ташков: Посветеноста на стандардите и иновативноста се предуслов за успех во хотелиерството

Ние во „Парк“ имаме стратегија да градиме тим, сите колеги да се чувствуваат дел од тимот и да може да растат заедно со компанијата. До овој момент имаме промовирано многу вработени, претпоставувам дека се некаде околу 20 и на тој начин ја зголемуваме лојалноста на вработените кон нашата компанија, вели во интревју за Приказна, Горан Ташков, Генерален директор на Park Hotel & Spa.

Приказна Каков е потенцијалот на угостителската индустрија во Македонија според вас?

Ташков Хотелската индустрија и рестораните во Скопје и Македонија имаат потенцијал. Мора да бидеме свесни за големината на Македонија која е мала земја, и на светскиот пазар не може да се бори со големите играчи како Франција, Турција, Шпанија. Ние мора да најдеме дел од големиот пазар, каде ќе имаме конкурентска предност. Ако така го разграничиме целиот пазар на туризмот во Македонија, ќе видиме дека Скопје заради бизнис гостите и заради привлечноста на главниот град, секогаш ќе има туристи. Тоа и приватната иницијатива го покажува.

Во последните 10 години, изградени се многу хотели во Скопје, големи хотели со 5 и 4 ѕвезди, така да овде хотелскиот бизнис многу напредува.

Охрид е туристичка дестинација, но сепак сметам дека Македонија има многу потенцијал во бањскиот туризам. За да имате добар бањски туризам, треба да имате квалитетни термални извори. Ние тоа го имаме. Но, не го развиваме како што треба. Се надевам дека приватната иницијатива ќе може да го препознае тоа како една можност за развој.

Приказна Колку дигиталните алатки помогнаа во угостителскиот сектор и кои дигитални алатки ги користите за поголема ефикасност при работењето со клиенти?

Ташков Дигитализацијата во работењето во сите сфери, не само во хотелскиот бизнис е реалност и сите мора да се приспособат на овие нови текови. Ние ја користиме како еден тип на алатка, канал за контакт со нашите гости. Генерално, тоа ни овозможува во денешниот свет, многу брзо и едноставно и за гостите евтино, да имаме комуникација.

Замислете каков беше светот пред 30 години, кога за да се јавите во некој хотел треба да завртите на фиксен телефон, а тоа се големи трошоци. Во денешно време тоа е многу едноставно и евтино. Но, од друга страна можноста на гостите да ве оценуваат, да коментираат и тоа се да биде јавно и видливо е големо. Тоа нас ни овозможува да бидеме подобри, да учиме од нашите грешки и да се подобруваме. Но, сепак, јас како човек кој долги години работи во оваа индустрија, сметам дека на крајот на денот ние сме индустрија на луѓе и тој човечки контакт и впечаток што ќе го оставиме кај гостите е најважен.

Приказна Што е неопходно да се направи за да се надмине проблемот со недостиг на кадар?

Ташков Во последните години многу се зборува за овој проблем. Овој проблем стана значаен и во Македонија и во регионот, па и во светот за време на корона кризата. За време на короната сите хотели не работеа, повеќето од нив беа во фаза на мирување, и се случи многу од нив да сменат индустрија и секако го имаме проблемот со иселувањето каде луѓето од Македонија бараат работа надвор, заради тоа што знаеме сите таму примањата се поголеми.

Ние во „Парк“ имаме една стратегија да градиме тим, сите колеги да се чувствуваат дел од тимот и да може да растат заедно со компанијата. До овој момент имаме промовирано многу вработени, претпоставувам дека се некаде околу 20 и на тој начин ја зголемуваме лојалноста на вработените кон нашата компанија.

Имам детектирано еден проблем, кој во последните години се јавува во Македонија а тоа е дека младите луѓе, особено луѓето кои се од 18 до 25 години, кои се во процес на школување, не сакаат да работат. Ние кога растевме сакавме да работиме. Јас сум работел со 22 години кога бев на факултет, на рецепција. Не сум знаел дека тоа ќе биде мојата животна професија. Сакам да кажам дека младите луѓе и нивните родители треба да ги поттикнуваат да почнат да работат затоа што на работа се стекнуваат работни искуства, работна дисциплина и можности да се види нешто различно од секојдневието. На тој начин доколу почнеме да работиме ќе имаме луѓе за работа коишто ќе работат во летниот период, и ќе можеме да го премостиме проблемот на кадар од Македонија којшто оди да работи на летните дестинации.

Но, сепак сметам дека грижата за вработените е сè побитна, и таа ќе овозможи на компаниите да ги задржат своите вработени, да ги мотивираат и да можат да напредуваат и вработените во рамките на компанијата и компанијата со своите резултати.

Приказна Зошто е неопходна категоризацијата на објектите?

Ташков Категоризацијата на хотелите овозможуваат на гостите којшто треба да користат некоја услуга, да знаат какви очекувања да имаат од услугата и тоа овозможува стандардизирана услуга. Сите ние коишто работиме во овој бизнис, имаме проблем да одржуваме исто стандардно ниво на услуга. Тоа е еден проблем на кој треба сите да работиме.

Ние имаме категоризација во хотелите, имаме ХАСАП системи кои ја овозможуваат безбедноста на храната во рестораните, но сепак мислам дека е најбитна добрата производствена и професионална практика. Ние мора во нашите еснафски здруженија, готвачи, готвачи, туристички работници да го подигнуваме нивото на нашата професионална етика и знаење и на тој начин ќе може да го подигнеме нивото на нашата услуга и да го одржиме на едно високо ниво, за да можат гостите да бидат задоволни. Сега, луѓето патуваат низ цел свет и можат да споредуваат. Ние во нашиот хотел имаме гости кои во последните неколку дена биле во различни земји, на различни континенти. Тие сакаат да добијат стандардизирана услуга. И на тоа мора сите да работиме.

Приказна Дали сè уште се чувствуваат последиците од пандемијата и украинската криза?

Ташков Нашата индустрија имаше многу голем проблем со пандемијата. Едноставно ние во одреден период не можевме да работиме. Беа затворени границите, така да туристичката индустрија генерално беше под голем удар од мерките кои ги преземаа сите држави.

Во нашата компанија, јас сум многу и задоволен што успеавме да го задржиме истиот број на вработени. Минимално беше намалувањето на вработените, додека намалувањето на приходите беше повеќе од 55% во 2020 година. 2021 година почнавме да се враќаме во нормалниот начин на работење, и веќе 2022 година јас сум задоволен како се одвива нашата професионална активност. Се надевам дека ќе успееме да се вратиме на бројките од 2019 година.

Забележуваме во овие месеци дека има зголемена активност од аспект на организирање на настани, конгреси, затоа што сите тие 2 години не работеа, па сега се организираат и такви настани. Се отвори пазарот за туризам во Македонија, доаѓаат нови гости од странство, и се надевам дека нема да имаме некој повторен бран со короната.

Документарен магазин Приказна, на тема потенцијалот на угостителството

Во однос на украинската криза, имавме мало намалување на почетокот на воената интервенција, на почетокот на јануари и тоа траеше некаде 10 дена. Сега веќе немаме никакви влијание. Светот сака да работи, да патува. Летната сезона веќе доаѓа и се надевам дека нема да имаме некоја голема последица во овој период. Единствено остануваат проблемите со зголемените цени на нашите ресурси. Сите знаеме дека цената на нафтата и храната отиде нагоре, и се надеваме дека тоа нема да го пренесеме на нашите гости, се надеваме дека ќе може да работиме профитабилно и со овие цени коишто ги имаме.

За Приказна, Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,097FansLike
2,008FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ