Со вкупна сума од 6.600.000 денари преку проектот на Швајцарската Влада „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), објавува повик за доделување грантови за иновативни иницијативи.
„Предложените иновативни иницијативи треба да идентификуваат проблем во заедницата за кој било ветено решавање или, пак, решение за кое било ветено остварување (во изборната програма) од страна на локалната власт и/или е вклучено во тековната програма на локалната самоуправа, и да ја мобилизира заедницата да ги потсети локалните власти на нивните дадени ветувања. Тие треба да се фокусирани на локални прашања чие решавање е во надлежност на локалната власт. Сите заинтересирани за повикот ги покануваме на онлајн информативна сесија која ќе се одржи на 14-ти септември од 12:00 часот.“ – велат од ИФЕС и МЦМС.
Апликации формално можат да поднесат граѓански организации, а барањето за еден грант треба да изнесува најмногу 300.000 денари. Апликантите на овој повик треба да имаат предвид дека ќе се сметаат за подобни доколку испратат само една апликација најдоцна до 30 септември.
До сега реализирани се различни иницијативи од сите региони во земјава, една од нив е на мобилизаторката Деспина Ковачевска, насловена како „Имаме вакво нешто“ преку која ја потсетува централната власт за ветената реставрација на скопскиот аквадукт.
-Во рамки на иницијативата беше одржана тура на Скопскиот аквадукт со археологот Оливер Бојаџиев, додека нашиот познат уметник Матеј Богдановски изработи стрип за деца. Истиот беше промовиран на работилници во училиштата за да може и најмалите да се запознаат со нашето културно богатство, но и да се зајакне нивната свесност за барање на отчет од избраните политичари за ветеното и сработеното. Властите беа отворени да дадат информации за реставрацијата и беше донесен закон кој го става аквадуктот како културно наследство од особено значење. На младите би им порачала да го пронајдат она за кое мислат дека треба да се промени и преку своите иницијативи гласно да го кажат. – истакна Ковачевска.
Иницијативата на мобилизаторот Ардонит Исмаили именувана како „Шара – Нашиот природен дом“ ја постигна целта да се подигне свеста кај граѓаните и осознае важноста на ова природно богатство како и за важноста на институционалните механизми за зачувување на истото.
-Горд сум на иницијативата бидејќи од локалната заедница детално ги запознавме со важноста и придобивките од националните паркови, како и за можноста за економскиот развој преку туризмот. Постигнавме конкретни и практични резултати кои ќе ѝ помогнат на заедницата да имаат појасна слика за Шара но и продолжат со нивните напори за барање на отчет на избраните народни претставници за зачувување на Шара. Искуството стекнато како мобилизатор на заедницата е можност која ретко може да се најде кај нас, затоа ве повикувам да се пријавите за да стекнете одлично искуство, додаде тој.
„Поддршка на изборните реформи“ е проект на Швајцарската Влада, кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Проектот цели кон поинклузивни и подемократски изборни процеси раководени од зајакната организација на изборите, кои се одблизу набљудувани од граѓаните