Добриот впечаток честопати зависи од комуникацијата со другите како во приватното, така и во службеното опкружување.
Некои истражувања укажуваат на важноста на невербалната комуникација: слушателот памети 10% од она што се зборува, 40% како се зборува, а 50% се однесуваат на впечатокот кој го остава говорникот.
Поради тоа, да се потсетиме каква невербална порака испраќаме до соговорникот.
- Допир – со притискањето на раката може да се искаже сочувство, топлина, пријателство, но сето тоа треба да биде умерено за да не биде погрешно разбрано.
- Глас – зборува за полот на говорникот, расположението, образованието, па дури и потеклото на говорникот (локален акцент). Гласот може да се контролира, понискиот тон дава впечаток на сигурност, култура, внимание. Пријатниот глас е многу важен, а елементите на гласот се јасност, боја и висина. Тој не смее да биде пискав, но не и премногу мек. (соговорникот мора да разбере што се зборува).
- Контакт со погледот – гледањето во очи со соговорникот е знак на внимание, присутност. Вртењето на погледот праќа порака на незаинтересираност.
- Личен простор – е зона, животен простор на секоја личност во која непознатите личности, бизнис партнерите и гостите не влегуваат. Ако некој преблиску и се доближи на личноста, односно и го наруши тој личен простор, таа личност се чувствува загрозено и инстиктивно прави чекор наназад.
- Изглед – се работи за службена комуникација – изгледот на вработениот говори за позицијата во хиерархиската организација, за ставот спрема работата и спрема соговорникот.
- Изразот на лицето – покажува став спрема соговорникот, колегите или гостите. На пример, вработените во услужните дејности треба да разберат дека нивната работа е слична како во театар, исто како и глумците, се наоѓаат секогаш на сцена, треба да се расположени, насмеани. Клиентот не го интересираат приватните проблеми на вработениот, тагата, лутината или слично. Затоа изразот на лицето не смее да одразува негативно чувство. Неопходно е да се избегне муртење, вртење или стискање на очите, обесување на устата.
- Тишина – може да биде многу значајна. Во зависност од ситуацијата, може да биде пријатна или непријатна, изразувајќи став кон гостинот.