-1.2 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

Ирена Христовска: Децата не треба да се замолчуваат, туку да се охрабруваат да прашуваат

Ирена Христовска e професока по одделенска настава и магистер по комуникации и медиуми. Христовска е обучувач за наставници, родители и деца во проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Станува збор за проект на УСАИД кој го спроведува американската организација ИРЕКС со своја локална канцеларија во Скопје, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО). Во рамките на овој проект планирани се два прирачници: Прирачник за наставници и Прирачник за родители.

Приказна Што учат децата преку медиумите?

Ирена Христовска Преку медиумите децата учат навистина многу нешта. Медиумите се наше секојдневие. Уште од предучилишна возраст, децата се вклучени со мобилните телефони, медиумите и медиумските пораки коишто ги добиваат преку нив, преку нив децата стигнуваат до околу 70 пораки кои ги добиваат на дневна основа.

Она што децата го учат преку медиумите се и секојдневни навики кои ги стекнуваат преку медиумите. На тој начин децата добиваат слика врз која ја формираат својата реалност. Токму тоа е дискутабилното прашање, за кое веруваме дека медиумската писменост е таа која ќе ни го даде одговорот, ќе ни помогне да научиме како треба да се однесуваме.

Како одговорно општество, првенствено треба да изградиме сопствена одговорност пред децата, како да се однесуваме, како во семејството, така и во училиштата. Токму затоа медиумската писменост влегува и во училиштата, образовниот систем, семејствата.

Приказна Знаат ли децата да разликуваат дека медиумите и она што се пласира на медиумите, се обработени податоци?

Ирена Христовска Сметам дека децата не знаат да направат разлика помеѓу она што е пласирано како лажна информација, како дезинформација, и она што е вистинска вест. Токму тука медиумската писменост ќе ни даде корист, односно ќе нè научи како да ги бараме вистинските факти коишто зборуваат за каква информација станува збор.

Ние треба да работиме напоредно и со нас самите, да видиме до каде сме ние медиумски писмени, за да може потоа, сето тоа да го пренесеме на нашите деца. Мора да знаеме колку ние како возрасни им веруваме на информациите, за да можат потоа и децата да го следат нашиот пат. Да им дадеме насоки, каде, што и како да пребаруваат, да ги видат фактите коишто зборуваат за реалноста. Да не веруваме на виртуелна реалност.

Приказна Кои вештини ќе ги развијат децата со медиумската писменост?

Ирена Христовска Првично, критичкото рамислување. Децата треба да развиваат аналитички способности, за да можат да постават вистински прашања на дадена информација, а истовремено да ги бараат вистинските одговори кои ќе им помогнат, ќе им дадат првично факти дека се работи за вистинска информација, или за лажна вест.

Сите овие вештини се основните вештини коишто децата ќе ги стекнат. Воедно многу е важно да научат, да не сфаќаат сè здраво за готово. Децата треба да разберат зошто е тоа така, кој го пласирал тоа, каде се случило, кому му е тоа важно што ја пласира таа информација, што сака да ни пренесе со таа порака или информација.

Приказна Кои вештини треба да ги поседуваат наставниците кои ќе бидат дел од проектот за медиумска писменост?

Ирена Христовска Наставниците неопходно е да ги имаат вештините кои треба да ги пренесат на децата. Не можеме да пренесеме некоја вештина или знаење, ако ние го немаме.

Треба да најдеме начин како таа вештина да ја пренесеме на детето. Не секое дете е исто. Сите сме различни. Треба да најдеме модул и начин да разбудиме интерес, да го поттикнеме и мотивираме секое дете да истражува.

Суштински е важно да не одиме со модул со кој ги замолчуваме, туку да ги поттикнеме да поставуваат прашања. Отворените прашања се всушност тие кои ни овозможуваат да истражуваме, анализираме и критички да размислуваме.

Овие вештини наставниците ќе ги стекнат со обуките за медиумската писменост. Потоа тие вештини ќе им помогнат за да ги поттикнат учениците да научат како да истражуваат. Практично, медиумската писменост на наставниците ќе им помогне да ги поттикнат децата да ја користат за истражувачки активности, не само за медиумска писменост, туку да ја имплементираат и интегрираат со останатите предмети.

Докуменатарен магазин Приказна на тема медиумска писменост

Практично со медиумската писменост ќе се фокусираме да ги акцентираме недостатоците, но и предностите на дигиталната технологија, воедно да знаеме како да се справиме со целиот овој предизвик кој се јавува пред нас. Со прирачници за наставници и родители, ќе се обидеме првично да научи наставникот како да го пласира тоа знаење кај ученикот, а родителите да научат како да дискутираат за одредена содржина во семејството.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,756FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ