-0.2 C
Skopje
Sunday, December 22, 2024
spot_img

Инспиративна приказна под вода: Охрид има голем туристички потенцијал

Охридското езеро крие безброј интересни приказни. Дел од нив се случуваат и под вода. Една од нив е и приказната која споделуваме. Никола Паскали е екологист, професионален нуркач и промотор на убавините на Охридското езеро. Љубовта кон водата отсекогаш била присутна во неговото семејство.

Неговиот дедо е Александар Паскали-Цане. Тој бил познат пливач, тренер, судија по пливање и ватерполо. Татко му, Кочо Паскали е пионер нуркач во Македонија, ватерполист, а и тој, како и неговиот дедо, бил вљубеник во езерото. Никола е практично третата генерација или најмладиот во семејното стебло, кој го презема и води семејниот бизнисот. Работи како туристички водич, копнен и подводен археолог, истражувач, спело нуркач, фотограф и екологист. Никола само ја продолжува нивната љубов кон езерото.

Мојата приказна како нуркач започна уште од мојата 12 годишна возраст. Мојот татко е исто нуркач и еден од пионерите на рекреативното нуркање во Македонија. Уште како мал татко ми, ме носеше на своите авантури. Доста научив за безбедноста, водата и дружењето. Ги фатив периодите кога се работеа првите подводни археолошки истражувања во Македонија во 1997 година. Тогаш се истражуваше подводниот археолошки локалитет „Заливот на коските“, вели Никола.

Според Никола Паскали Охридското езеро и охридскиот регион има потенцијал за развој на авантуристички туризам, рурален туризам, научен туризам и многу други видови на гранки на туризмот. Охридското езеро изобилува со 10 археолошки локалитети од бронзено време и постари, тоа се наколните населби. По тоа е познато Охридското езеро во научната археолошка јавност, вели Никола Паскали.

Самото езеро е прекрасно и нуди силен потенцијал за авантура на туристите кои сакаат малку поинаков одмор. Некои од туристите се храбри и сакаат малку поинаков предизвик. Никола за Приказна ги раскажа потенцијалите за подводните приказни.

Сите луѓе кога ќе дојдат во Охрид бараат авантуристички понуди кои ги нуди градот, но времето треба да е убаво. Еден ден со еден холандски турист имаше пороен дожд. Тој беше искусен нуркач, јас му понудив да не го одложуваме нуркањето, бидејќи ќе имаме одлична авантура, нуркање на дожд.

Охридскиот регион има богата историја, како од гастрономска гледна точка така и од авантуристичка и научна гледна точка. Охрид е богат и има што да понуди. Ние во нашиот нуркачки центар преферираме локална храна, сезонска, која ја има во нашиот регион. Сега малку сме во хендикеп со рестораните што ја немаат локалната храна што се јадела пред 30-40 години, како што се слатководни ракови, сушена риба.

Според Никола, има интерес кај странските туристи. Имаме проблем со нашите луѓе. Но, за среќа работите почнуваат да се менуваат и се повеќе луѓе кога ќе дојдат на одмор во Охрид сакаат да се занимаваат со некој од алтернативните видови на туризам, додава Паскали.

Тој заедно со неколку свои колеги, секоја година спроведува акција за чистење на дното на Охридското езеро. Никола укажува дека странските туристи многу ги сакаат подводните авантури, а тој сака да ги поттикне и домашните во љубовта кон подводните авантури.

Документарен магазин Приказна на тема рурален туризам

Освен желбата за авантура под вода, за нуркање ви е неопходна и соодветна опрема.

Нуркачката опрема се состои од одело, кое не штити од ладната вода и ни дава топлина на телото. Исто таа имаме елек кој ни овозможува пловност под водата, регулатор, инструменти на кои гледаме колку воздух имаме, колку време сме во вода како и компас за ориентација, открива Никола.

Приказната на Никола е инспиративна. Во секој негов збор, тој не ја крие љубовта кон езерото, кое е вистинско богатство на ендемски видови на флора и фауна.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,762FansLike
3,389FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ