11.8 C
Skopje
Friday, April 19, 2024
spot_img

Ивана Кнез: се вратив од клиничка смрт со 98 кг и реков, доста е!

Модната креаторка Ивана Кнез, која долги години е дел од македонската модна сцена, по долгата борба со килограмите, конечно ја има идеалната тежина. Ако некогаш имала скоро 100 килограми и не можела да ја поднесе вагата, денес таа е среќна што има 30 килограми помалку.

Фото: приватна архива

Имаше две пресвртни точки. Едната беше кога во Кина застанав на вага, прв пат во мој живот и видов бројка од 98 кг. Тоа беше првиот визуелен шок за мене. До тој момент, јас проблеми сама со себе немав. Оној момент со прифаќање на себеси, беше актуелен кај мене и оние што ме знаат, знаат како сум се носела со тежината.

Вториот момент беше веројатно клучното нешто коешто пресуди.

Имав спој на крвни притисоци, клиничка смрт од 45 секунди и после еден детален преглед, сега веќе покоен д-р Јошко, само ме седна и ми рече: или ќе продолжиш вака и ќе јадеме блага пченица за многу брзо или ќе се промениш. Најди хоби што не е твојата работа, бидејќи ти си во многу непријатна ситуација, затоа што твојата работа е твоето хоби. Ајде да се договориме дека ќе најдеш некое хоби, кое што ќе биде движење. За една година да дојдеш и да ми кажеш дека си добро.

Многу ми е криво што два дена пред мојот преглед почина, но, се надевам дека од некаде ме гледа и се е океј. Тоа беше токсичниот шок за себе каде си реков супер е што се прифатив и што се сакам, но што правиме што здравјето? Никој не зборува дека кога така се прифаќаш забораваш на себе и на сопственото здравје.

Фото: приватна архива

Прво постење, намалена исхрана, а потоа и многу вежбање. Вели дека балансот, но и рестрикциите и големата послушност, ја довеле до резултатот денес.

Јас сум една од оние жени, којашто јадеше емотивно.

Ќе се скараш со момчето, ќе имаш проблем на работа и главата ја насочуваш кон фрижидерот. Секако тука беше и алкохолот. Си реков добро, од овој момент ќе постам. Три месеци постев, направив строг пост и целосен детокс на организмот. Не вежбав во тие три месеци. Во тие три месеци решив дека ќе си ги склопам сите коцки во глава, за тоа каде сакам да бидам, како сакам да изгледа, без компромис, без прифаќање и откако поминаа тие три месеци, тоа можеби ми беше и најтешкиот прелаз.

Кога поминаа тие три месеци, се погоди баш за Велигден да завршам со тој пост и кога во рака држев чаша пиво и јајце, јас имав паничен напад. Цела бев во прашања: сега што да јадам? Како треба да јадам? Тука почнав една сериозна потрага по баланс. Тогаш и доста патував во Кина. Тие патувања и доста ми помогнаа.

Филозофијата на будизмот ме извади од целата таа состојба, кoга всушност, се договорив самата со себе дека јас не умеам да се контролирам. Кога не умеам да се контролирам, тогаш мора да си ставам рестрикции и морам да се почитувам себеси, за да ги испочитувам тие рестрикции.

Започнав со најслаба можна физичка активност. Морам да напоменам дека во тие први три месеци, јас не ослабев. Тоа беше повеќе ментален детокс, отколку каков било друг. Процесот на вистинско слабеење започна кога се договорив сама со себе дека ќе јадам здраво, дека ќе отфрлам бел шеќер и бело брашно и дека ќе влезам во теретана.

Фото: приватна архива

Нејзината приказна е инспиративна. Низ разговорот ни откри дека само со поставени цели и љубов кон себеси и своето здравје, може да го добиете посакуваниот резултат, во случајов во борбата со вишокот килограми, бидејќи како што вели Ивана, тоа не е ништо друго, туку борба за здравје.

Јас бев една од оние девојки што кога оди на плажа „случајно“ е цело време со пешкир на себе, „случајно“ е со едноделен костим за капење. Подруги времиња беа тогаш.

Гледам дека сега девојките се покомфорни и пропагираат себеприфаќање на секој можен начин. Јас само би ве посоветувала, да не се прифаќате со масни наслаги или со целулит, бидејќи тоа не е здраво. Јас не велам дека не треба да имате вишок на вас, еве јас и сега имам и си го почитувам тоа, но внимавајте да не ја поминете границата на здравје и изглед.

Пред некој ден мајка ми даде еден интересен коментар дека кога имав 100 кг. се доверував секој ден, а сега се шетам како „партал“. Мојот одговор на тоа беше дека најверојатно за тоа е заслужно нивото на самодоверба и сега е тој момент, кога јас навистина не размислувам како изгледам, туку гледам што ќе направам денес, како ќе го поминам денот, со кого и што вкусно ќе јадеме денес …

За Приказна

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,279FansLike
2,914FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ