Во Кино „Милениум“ на 3 јуни (петок) од 17:30 часот ќе се одигра втората изведба на форум театарската претстава „Образованието е (при)сила – Образованието е (не)моќ“ во организација на Детската амбасада Меѓаши.
Во претставата група професорки и професори ќе прикажат како изгледа мобингот во училиштата, социјалното исклучување, злоупотребата на службената положба, партизацијата и партиските привилегии!
„Форум тетарот/театарот на угнетените е креативна форма на партиципативен театар кој создава можности за дискусија на теми што може да се карактеризираат како емоционално набиени и дава простор за креативно решавање и поинакво видување на проблемите. Темите што се разработуваат се од реалниот живот и пракса и се претставени преку куси етиди/пиеси по кои следува интеракција со публиката. На претстојниот форум тетатар ќе бидат прикажани две куси етиди. Групата професор(к)и од 9 средни училишта ја идентификуваа партизацијата во образованието како еден од клучните проблеми со кои тие се соочуваат на своите работни места. Базирано на овој и други проблеми, тие ќе прикажат сцени каде што ситуациите на пониженост/угнетеност се јасно видливи“, најавуваат од Детската амбасада Меѓаши.
Според организаторите, форум театарската техника овозможува гласно говорење за чувствителните теми кои ги засегаат сите, но и активно учество во креирањето различни решенија. Сцената ќе биде нашето огледало во кое секој/а ќе се пронајде себе си и својата општествена улога, додават организаторите.