Основниот проблем во пренесувањето на 3Д софтверот на одредени луѓе во државата кои ги обучувам е прашањето што со вработените и стравот да не остане некој невработен, особено шивачките. Мојот одговор е ако имаме забрзан процес во 3Д дизајнот и изработка на шаблони, и го направиме прототипот побрзо, луѓето коишто работат во фабриката ќе бидат фокусирани на производство. Во моментот се намалува бројот на квалификувани луѓе коишто можат да произведуваат облека и старосната граница ни е многу висока, просечна старост ни е околу 40 години, што значи немаме свеж кадар, вели во интервју за Приказна, Никола Булески моден дизајнер и предавач на обуки за 3Д дизајн
Приказна Колку текстилната индустрија ги следи чекорите за дигитална трансформација?
Булески Во моментов дигиталната трансформација во текстилната индустрија е сведена на 2Д и тоа е процес кој трае од 90-те години наваму. Многу беше тешко да се прифати тој момент бидејќи во Македонија сè што е ново е многу тешко, многу страшно. Меѓутоа веројатно газдите на компаниите сфатија дека за да ги опслужиме клиентите од надвор, потребно е да го убрзамне начинот на производство и начинот на изработка на облека. Така да во моментов 2Д дигитализацијата е присутна во многу голем број на текстилни компании, што не е збор со 3Д дигитализацијата којашто е во моментов иднината на текстилната индустрија во светот.
Приказна Користејќи ја новата технологија кои придобивки текстилните компании би ги имале како приоритет?
Булески Во суштина од пред 5-6 години кога е појавија првите 3Д програми за облека, за создавање на облека, на дизајн, придобивките се гледаат сега. На светско ниво многу е голем користа од оваа индустрија, не само во изработка на облека туку и во прикажување на облеката.
Најпрво 2Д се комбинира со 3Д дигитализација, се изработуваат дизајните на аватари коишто се дигитални луѓе коишто секако можете да ги направите онака како што вам ви одговара, односно по мерките на компанијата којашто произведува облека. Откако ќе се дизајнира облеката, повторно шаблоните се добиваат во 2Д, односно се забрзува тој процес, наместо да правите шаблони, самиот систем ви дава шаблони.
Најголемата користност засега е во презентацијата, бидејќи користејќи ги аватарите облеката може да се презентира во интернет просторот и да се прават кампањи. Веќе има неколку познати модни куќи во светот кои своите модни ревии ги одржуваат дигитално, или фотографиите коишто ги гледаме во весници или портали не се луѓе туку аватари.
Приказна Каква е вашата приказна?
Булески Јас сум човек од „стара школа“ што работи шаблони на рака. Меѓутоа додека студирав во Италија имав можност да научам 2Д дизајнирање на Гербер програмата. Лично, не го користам иако дури и предавав Лектра, другиот систем во Малезија, но сфатив со тек на време, дека ми е неопходен. Јас не го работам затоа што не сум човек кој не сака да седи по 8-10 часа на компјутер, но користам надворешни извори, и секогаш моите модели и шаблони ги дигитализираме. Тоа е секогаш во 2Д формат, но во последно време бидејќи сум единствениот предавач на 3Д софтвер во Македонија го користам и 3Д дигиталниот формат, што значи шаблоните коишто се во 2Д формат ги користам за изработка на 3Д.
Искуството е необјасниво од 2 причини: прво, добивам можност да ја видам облеката што ја создавам пред да ја сошијам, не трошам материјали, не плаќам луѓе да ја произведат и можам да ја тестирам облеката на аватар без да користам модели. Во суштина се крати целиот процес, наместо да произведам еден прототип, па да го тестирам, па потоа друг прототип па тој да го тестирам. Вообичаено од 3 до 5 прототипа се изработуваат пред да се пушти во производство одреден вид на облека.
Јас, сите тестови ги правам на аватар, можам да се играм, да менувам она што не ми се допаѓа, во дизајн или комфор на облеката, за на крај да завршам само со еден прототип којшто ќе го изработам во облека и ќе го тестирам на модел.
Следната работа која е корисна е тоа што не трошам материјал, не создавам ѓубре. Најголемото влијание на оваа 3Д изработка на облека е во тоа што не создаваме ѓубре. Софтверите помагаат да бидеме еко пријателски, да внимаваме на средината, не се трошат ресурси како што е енергијата.
Основниот проблем во пренесувањето на 3Д софтверот на одредени луѓе во државата кои ги обучувам е прашањето што со вработените и стравот да не остане некој невработен, особено шивачките. Мојот одговор е ако имаме забрзан процес во 3Д дизајнот и изработка на шаблони, и го направиме прототипот побрзо, луѓето коишто работат во фабриката ќе бидат фокусирани на производство. Во моментот се намалува бројот на квалификувани луѓе коишто можат да произведуваат облека и старосната граница ни е многу висока, просечна старост ни е околу 40 години, што значи немаме свеж кадар. За мене е подобро тој кадар да го искористиме за производство, а дизајнот да го работат други луѓе, и сè она што е развој на производ да се изработи од еден или двајца, а луѓето да се фокусираат на производство. Штом правиме повеќе прототипи и повеќе колекции нам ќе ни требаат повеќе луѓе за шиење, нема да ги отпуштаме од работа.
Приказна Каков е интересот на професионалците во текстилната индустрија за другите иновации и технологии поддржани од вакви софтверски решенија?
Булески Во Македонија изминатата година и половина, имавме неколку обуки. Најголем дел од учесниците се студенти или луѓе коишто се во малиот бизнис. Интересот на големите компании изостанува сè уште. Иако на последните обуки имавме луѓе од индустријата.
Како што кажав во Македонија е сè страшно. Стравот дека ќе се финансира во нешто што не го знаат и не знаат дали ќе им врати профит. Секогаш кога правам обука на учесниците им објаснувам, а потоа се трудам и на луѓето од индустријата да им го кажам тоа дека заштедувањето на секое парче облека што го правите, ако заштедите 3 прототипи коишто просечно чинат по 200 евра еден, вие во годината правите 4 колекции во коишто има барем 30-40 парчиња облека, математиката може сами да ја направите. Софтверот ако го платите со разликата од парите кои ви остануваат, што не сте ги потрошиле, го плаќате колку заштеда од 1 година, а лиценцата трае 5 години. Не само што може да се заштеди, туку може и да се заработи.
Следното прашање од индустријата е кој ќе го работи тоа, ако го купам. Ние почнавме со обуки пред година и половина за во таа година и половина да создадеме кадар и кога ќе ме прашаат луѓето кој ќе работи, јас ќе можам да понудам луѓе коишто го работат ова.
Во индустријата не е сè уште присутен, меѓутоа има една штипска компанија која користи 3Д софтвер и од нејзиното сознание, многу малку компании го користат, но присутни се на странскиот пазар бидејќи компаниите од надвор го бараат тоа. Веќе не можете да работите со компании од надвор ако ги немате дигиталните форми на подготовка на производ, бидејќи кога ќе го направите производот вие им давате целосен материјал за да можат тие и да рекламираат.
За Приказна
Ване Маркоски