Цветанка Нејкова од Кочани ја запознавме на 7 ноември минатата година кога ја раскажа својата тажна животна приказна за емисијата „Срце на дланка“. Таа е сопруга и мајка на шест деца. Прво била омажена во Демир Капија, но, алкохолизмот и агресивноста кај првиот сопруг ќе ја натера заедно со синчето да ги собере сите спомени во еден куфер и да си замине од таму. Неколку години преживува чувајќи стари лица за да обезбеди кров и храна за себе и детето, сè додека не го запознае Гоце нејзиниот иден сопатник и татко на нејзините 5 деца.
Во вториот брак почитта и љубовта нема да изостанат, но, беспарицата и тука ќе си го направи своето. Цветанка заедно со децата легнуваше гладна и тажна, па и таа исто како и малите најчесто другаруваше со солзите, сè додека не одлучи еден ден да стави крај на таквиот живот и да сврти нова страница.
– Живеев мизерно со првиот сопруг во Демир Капија. Иако направивме куќа и народот мислеше дека имаме идеален живот, сепак, тортурите од првиот сопруг не беа подносливи и решив да си го земам детето и да заминам. Народот викаше дека збеснувам, но, зарем човек бега ако му е убаво-раскажа Цветанка во емисијата. Чував возрасни жени, чистев, работев, помагав, само за да можеме да преживееме со Левент. Еден ден се запознав со Гоце. Тој е многу добар човек. Имам убав живот, ама многу сме сиромашни. Децата дојдоа на овој свет. Мене првиот сопруг не ми дава развод. Адвокатите бараат 400 евра за да ја решат постапката. Од каде да најдам кога немам да се прехранам. Има денови кога сме и без денар. Јас знам да шијам на секакви машини, сакам да работам, ама децата немаат извод на родени и не можам да ги запишам во градинка. За поголемите, немам за во училиште. Родителите на сопругот ми го заклучуваат фрижидерот, некогаш немам што да им дадам, а деца се. Не сакаат само чорби да јадат. Немам како да им обезбедам убав живот. Се секирам, се нервирам, па ќе се скријам во бања и плачам да не ме видат малите-раскажа Цеце.
Децата и нивната иднина за Цветанка се важни исто колку и нејзините зеници во очите, затоа таа е решена да се бори за нивната иднина, но, сама не може да го постигне тоа. Затоа, таа посака помош да собере средства за да го поништи првиот брак, за да извади лична карта и за да може да се вработи и да ги прехранува своите деца.
Веднаш по емитувањето на приказната за Цветанка и нејзиното семејство, народот сочувствуваше со неа. Телефоните се активираа, се донираше облека, храна и средства за семејството, па неизбежно беше повторно да го посетиме ова осумчлено семејство, кое сакаше искрено да се заблагодари на добриот народ за помошта и новата патека на животот која емпатичните луѓе ја поплочија со љубов и добрина, за и овие деца да се почувствуваат горди. Сега нивните лица наместо со солзи зрачат со насмевки, како што треба да зрачи лицето на секое дете.
– Морав пак да ве повикам, вели Цветанка. Преку ноќ ни се смени животот. Нова кујна, нова дневна, компјутери, лаптопи, таблети, нова гардероба, обувки, прибори за на училиште, нови ранци … Ми донираа ламинат, плочки и друг градежен материјал, па, заедно со финансиските средства кои хуманите луѓе ми ги префрлија на сметка, здравје, кога ќе се стопли сакам да направам и уште една соба за да може малку да се поделиме и да добиеме комоција.
Многу благодарност и до адвокатот кој сам се заложи да ми ги среди без пари сите правни работи околу поништување на првиот брак, па, сега можам да извадам лична карта за мене и изводи на родени за децата, и да почнам со работа за да не зависам од 5000 денари социјална помош. Поздрав до сите хумани граѓани. Голема благодарност до сите кои ми го сменија животот, со тоа и животите на моите деца. Ги охрабрувам сите што се наоѓаат во тешка ситуација да се пријават во емисијата „Срце на дланка“ нема да загубат, а можеби ќе добијат решавање на проблемите и еден мирен и стабилен живот-завршува со насмевка Цветанка.
Автор Оливера Петрушевска