Една од главните точки која претставува закана во однос на климатските промени и глобалното затоплување е неочекуваното намалување на корисната вода. Без оглед на тоа дали и колку врнежите ќе се намалат, веројатно ќе се намалат за одреден период, главно е тоа што имаме големи осцилации и флуктуации во врнежите, за разлика од порамномерниот распоред на врнежи порано, сега имаме поројни, интензивни и силни врнежи за краток временски период, па потоа се јавува суша, повторно поројни дождови, па пак суша, тоа на некој начин драстично ја намалува количината на корисна вода од биолошки аспект, па и од аспект за користење на луѓето. Сè повеќе ќе се јавува недостиг на вода за пиење и за наводнување, вели за Приказна Ивица Милевски – редовен професор на Институтот за географија при ПМФ
Приказна Што се климатски промени?
Милевски Кога зборуваме за климатски промени обично подразбираме промени во последните сто или двесте години коишто се резултат на антропогени влијанија бидејќи имаме и климатски промени кои по својот карактер се природни. Овие природни промени се долготрајни, милениумски и со нив постепено доаѓа до заладување или до затоплување низ еден долг геолошки период. Додека пак она што денес најчесто се подразбира под климатска промена е она што се случува под влијание на антропогени притисоци, испуштање на одредени гасови во атмосферата т.н. стакленички гасови и релативно наглото зголемување на температурата на воздухот, којашто откако се мерат прецизно тие податоци, во последните 100-150 години, се искачува блиску до два степени Целзиусови повеќе од мерењата кои биле околу 1880-1890 година. Она што го споредуваме како податоци за Р. Македонија е покачување од 1 степен Целзиусов за последните 100 години.
Приказна Што носат климатските промени во Македонија?
Милевски Климатските промени се многу комплексен процес и дејствуваат на сите аспекти на живеењето. Делуваат врз стопанството и економијата, се појавуваат проблеми со водоснабдување, со шумски пожари, почеста појава на природни непогоди, како поплави, претерана ерозија, свлечишта итн. Особено ако земеме предвид дистрибуцијата на водата и на површинската и на подземната може да се каже дека се јавува изразита концентрација на непогоди како што се чести и силни врнежи коишто предизвикуваат брзи и ненадејни поплави, брзо истекување на корисните површински води, а како последица на тоа бројни извори пресушуваат. Од друга страна имаме појава на долги сушни летни периоди со топлотни бранови кои пак предизвикуваат пожари и оставаат медицински последици врз здравјето на луѓето.
Приказна Колку се важни шумите од аспект на климатските промени?
Милевски Шумите се од извонредно значење и тие се во тој процес на кружно движење на водата. Таму каде што отсуствува шумска покривка, таму каде што се уништени шумите имаме појава на поројни водотеци, на претерана ерозија и свлечишта. Во тие подрачја имаме и недостиг од вода, затоа што површинската вода многу брзо истекува кон рекитеи потоците. За разлика од ова, површините кои се добро вегетациски покриени, каде голем дел од врнежите се задржуваат и водата истекува многу, многу побавно, со месеци што се вели, тоа е таа корисна вода која ни е неопходна. Шумите имаат извонредно значење во регулирање на циклусот на кружно движење на водата.
Приказна Дали ќе се соочиме со недостиг од вода?
Милевски Една од главните точки која претставува закана во однос на климатските промени и глобалното затоплување е неочекуваното намалување на корисната вода. Без оглед на тоа дали и колку врнежите ќе се намалат, веројатно ќе се намалат за одреден период, главно е тоа што имаме големи осцилации и флуктуации во врнежите, за разлика од порамномерниот распоред на врнежи порано, сега имаме поројни, интензивни и силни врнежи за краток временски период, па потоа се јавува суша, повторно поројни дождови, па пак суша, тоа на некој начин драстично ја намалува количината на корисна вода од биолошки аспект, па и од аспект за користење на луѓето. Сè повеќе ќе се јавува недостиг на вода за пиење и за наводнување. Еден од ресурсите којшто може да биде некаква алтернатива се подземните води затоа што оној дел од водата кој брзо истекува кон реките може да навлезе и во т.н. водоносни хоризонти, ама за жал тука во Македонија сè уште нема доволни истражувања на тие количини и на квалитетот на подземните води. Во иднина веројатно ќе мора да се посвети повеќе внимание на тоа.
За Приказна
Ване Маркоски
Бранка Чочковска