-1.2 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

Интервју Пешева: драконски казни за загадувачите

Мораме да ги појасниме одговорностите, е сега зошто кај нас има толкав голем отпор, ќе кажам дека кај нас голем дел од работите се должат на тоа што едноставно не е политички популарно да вие ги казнувате луѓето. Тоа е една процена наназад со децении на владејачките структури. Ние дозволивме увоз на возила кои имаат ЕВРО 1 стандард кои се отфрлени пред 20 години од европскиот сообраќаен систем и уште има отпор на предлогот што го дадовме да тие возила бидат одбележани. Во услови кога ќе се покачат вредностите на загадувањето, тие возила да бидат исклучувани од сообраќај. Кога ќе ја погледнете бројката дека се тоа меѓу 20 и 25 илјади увезени возила, тоа се семејства, тоа е маса на луѓе кои вам ви требаат за на избори и не саката да ги налутите и да ги казнувате. Ние константно како држава наоѓаме начин како да не се казниме. Не, треба да се казниме, бидејќи лекциите најбрзо се учат преку санкции, вели во интервју за Приказна Ели Пешева  – еко активистка – иницијатива О2

This image has an empty alt attribute; its file name is %D0%B5%D0%BB%D0%B8-.jpg
Ели Пешева  – еко активистка – иницијатива О2

Приказна Секоја година констатираме дека аерозагадувањето ни е проблем, но како да застануваме на таа констатација. Зошто?

Пешева Делумно таков е човековиот менталитет на луѓето што живеат на овие простори. Почнуваме да се паничиме во октомври, тогаш е доцна за да се преземат какви било мерки и со првото сонце на пролет, кога времето станува поубаво, можеме да излеземе од дома и да престанеме со греењето, некако се гасне тој ентузијазам.

Ние како граѓанско здружение константно и со нашите колеги и активисти од другите здруженија, постојано апелираме дека промените мора да се прават во текот на целата година. Големите промени кои треба да ги направиме како општество мора да се случуваат и на пролет и во текот на летото кога никој не зборува за тоа и во текот на есента за да бидеме подготвени за зимата кога вредностите на аерозагадувањето наеднаш почнуваат да растат.

Приказна Дали можеби загадувањето не го перципираме доволно како проблем иако ако ги погледнеме податоците ќе видиме дека аерозагадувањето влијае врз многу болести кои ги засегаат возрасните, а особено алармантно е кај децата?

Пешева Секој како да си поаѓа од себе и тоа е она на кое треба да поработиме сериозно, на тој сегмент на перцепцијата на проблемот. Како општество ќе го детектираме, како медиуми ќе го покриете, ние како граѓански здруженија ќе апелираме, ќе организираме колку што можеме поткревање на јавна свест, но ако не сте еден од тие 3.500 коишто ќе ги детектира европската Заедница за здравство дека се жртви на аерозагадувањето или ако некој од вашето семејство не е тоа, тогаш си викате – добро е, не сум јас, тоа му се случува таму на некој друг.

Една неверојатна игнорантност кон проблемот бидејќи не е опиплив.

Приказна Филмот „Медена земја“ целокупната светска јавност го сфати како што треба. Кај нас ми се чини не беше толку страшно, затоа што кај нас тоа се перципира ако ги нема пчелите, ќе го нема медот и тоа завршува. Но, не е така. Ако ги нема пчелите, ќе ги нема и сите оние растенија кои се јавуваат како резултат на опрашувањето кое се врши. Како тоа да го доближиме попластично до јавноста, дека тоа е еден циклус којшто е врзан и дека од нас зависи?

Пешева Имаше една кампања која беше многу интересно направена – што ќе се случи кога ќе ги нема пчелите. Беше правена со луѓе кои беа на пазар, во продавници, кои купуваат јаболко и им се кажува дека тоа јаболко до вчера било 50 денари, а денес чини 450 денари. Ја гледате нивната реакција. Како тоа чини 450 денари?! Па така, кога ќе ги нема пчелите, ќе ги нема сите овие плодови. И тогаш стануваат свесни, со практичните примери. Таа кампања беше многу успешна во тој период, меѓутоа нам очигледно ни е потребно константно да бидеме во кампања за подигнување на јавната свест бидејќи Македонија е на мапата на држави кои ќе имаат сериозни проблеми во иднина поради климатските промени, а и сè што носи аерозагадувањето во овој сегмент.

Ние ќе имаме проблем со водата, а еве гледаме колку сме непрактични во користењето на водата, во чувањето на изворите. Водата ни е загадена, почвата ни е загадена, едноставно не можеме да си го перципираме проблемот.

Приказна Дали сметате дека едукацијата треба да почне од намали нозе, дали во образовниот систем треба да го вметнеме тоа како момент?

Пешева Апсолутно, децата се како сунѓери, тоа постојано го кажуваме. Тие знаат да нè коригираат и нас возрасните, кога грешиме. Многу малку на овој сегмент за екологија, животна средина, климатски промени се зборува. Има нешто што е опфатено, но и самите деца ако ги прашате ќе ви кажат дека тоа е премалку, дека кај голем дел од нив постои поголем интерес и ние имаме обврска да ја поттикнеме нивната љубопитност и да ги одговориме нивните прашања и да им кажеме кој е проблемот со кој ќе се соочат. Како општество мораме да го сфатиме сериозно проблемот и да ги подготвиме добро следните генерации. Нашата генерација видовме што направи, до каде стигна, скоро па до никаде, но ја имаме таа одговорност да ја подготвиме следната генерација бидејќи главниот товар ќе падне врз нив.

Приказна Сметате ли дека и законската регулатива кај нас е таква-каква што е и во таа насока колку надзорот врз спроведувањето на тие законски решенија е доволен за да нè натера да ги извршуваме одговорностите кои ги имаме како дел од тој систем?

Пешева Во најголем дел нашата законска регулатива е добра, ги покриваме сегментите коишто се однесуваат врз заштитата на животната средина. Секако има простор за да се работи уште и ние како О2 граѓанска иницијатива предлагаме дел од тие измени за тоа да биде уште подобро и уште попрактично во корист на граѓаните, работиме на предлози со зелената пратеничка група која е неформална и заедно се обидуваме да истуркаме промени. Ние имаме проблем со имплементацијата, имаме недостиг од инспектори, добро ќе беше враќањето на комуналните редари.

Сите оние инфраструктурни проблеми коишто ги имаат луѓето кои работат во инспекторатите за животна средина кои ги контролираат големите индустриски капацитети, но и на оние кои следат на локално ниво како се фрла комуналниот отпад од домовите. Ако поминете во одредени делови од неделата низ паркот во Скопје или на некои други популарни места, зад голема маса на луѓе останува огромна депонија.

Мора да има контроли на терен, но и да има санкционирање. Кога ќе се отиде низ некоја од европските држави, каде нашите луѓе често патуваат, внимаваат каде ќе го фрлат ѓубрето, како се однесуваат со домашните миленици. Таму едноставно има санкции кои се спроведуваат веднаш на самото место.

Мораме да ги појасниме одговорностите, е сега зошто кај нас има толкав голем отпор, ќе кажам дека кај нас голем дел од работите се должат на тоа што едноставно не е политички популарно да вие ги казнувате луѓето. Тоа е една процена наназад со децении на владејачките структури. Ние дозволивме увоз на возила кои имаат ЕВРО 1 стандард кои се отфрлени пред 20 години од европскиот сообраќаен систем и уште има отпор на предлогот што го дадовме да тие возила бидат одбележани. Во услови кога ќе се покачат вредностите на загадувањето, тие возила да бидат исклучувани од сообраќај. Кога ќе ја погледнете бројката дека се тоа меѓу 20 и 25 илјади увезени возила, тоа се семејства, тоа е маса на луѓе кои вам ви требаат за на избори и не саката да ги налутите и да ги казнувате. Ние константно како држава наоѓаме начин како да не се казниме. Не, треба да се казниме, бидејќи лекциите најбрзо се учат преку санкции.

Приказна Водите се еден проблем за кој покажува огромна негрижа. Сведоци сме како нуркачите вадат секакви предмети и секаков отпад од Охридското Езеро.

Пешева Тоа е еден круг во кој сè е поврзано. Она што е во воздухот, влегува во почвата, па од почвата оди во реките, низ водитеи она што се случува со индустриските капацитети како ги исфрлаат отпадните материи во реките. Само минатата година имавме околу 5 такви случаи каде што реагираше надлежниот инспекторат, изрекоа и казни. Да не зборуваме што сè се вади од езерата. Повторно ја немаме ниту корпоративната санкција, ниту индивидуалната. Да, беа изречени парични казни и забрана за работење, меѓутоа, кога ќе ги погледнете тоа е проста статистика. Кога ќе ги погледнете податоците колку таа компанија остварила профит и кога ќе видите казната којашто ја плаќа е половина работно време од еден ден, сфаќате зошто ним им се исплати и не им е ни важно каде тоа се исфрла повеќе отколку да вложуваат во опрема и технолошки систем за прочистување или современа работа.

Ние баравме драконско зголемување на тој тип казни, да се однесува на одреден процент од годишниот профит. Таков процент којшто ќе ги заболи, а собраните средства ќе одат во фонд кој ќе биде насочен за активности и проекти за заштита на животната средина. Да направиме некој тип на вин-вин, да пробаме да ја подигнеме свеста и корпоративната одговорност и истото тоа да го спроведеме на индивидуално ниво.

Не може во Охрид кој како ќе реновира дома, вишокот мебел да заврши во езерото, а при тоа не се запраша што ќе се случи со ова?! Имаме одговорност таквите граѓани да ги пријавиме, но не да настрада тој што пријавува, како што е кај нас тоа еден малку чуден систем на поврзаност, туку веднаш да се излезе на терен, инспекторот да го констатира тоа што е фактичка состојба и да ја изрече казната. Кога ќе се слушне дека одреден број компании или граѓани биле сериозно казнети, мислам дека малку ќе се поместат работите од оваа точка.

Приказна Дали сметате дека со Зелениот договор во кој сме вклучени и ние, работите ќе се интензивираат во поглед на спроведувањето?

Пешева Да, сакам да бидам оптимист затоа што мислам дека за нас е најдобро кога сме дел од еден поширок систем во којшто има поширока координација и контрола. Си ги сфаќаме правата сериозно, но не и обврските и одговорностите. За нас како држава ќе биде од полза да бидеме дел од пошироки договори во кои точно ќе ни бидат посочени патеките по кои треба да се оди и некој точно ќе ни ги анализира резултатите од тоа што е сработено зад нас. Мислам дека одговорноста не треба да биде колективна, да биде точно насочена, кој за што е одговорен и кој-што треба да имплементира во одреден временски период. Имаме една карактеристика како држава, да немаме стратегија, немаме долгорочна стратегија, немаме една стратегија, туку секогаш почнуваме нешто од почеток. Во состојба сме добри проекти да ги напуштиме на половина пат затоа што се сменило раководство или дошол некој што има поинаква визија. Станувањето дел од една мрежа може да биде добро училиште за сите нас.

Документарен Магазин Приказна на тема загадување

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,756FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ