10.8 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

За одржлив осигурителен пазар потребно е осигурителните компании да бидат финансиски здрави

Осигурителните компании се важен сегмент на финансискиот пазар. Преку продажбата на осигурителните продукти, тие мобилизираат финансиски средства со што учествуваат во дефинирање на понудата на финансискиот пазар. Теоретските и емпириски податоци покажуваат дека земјите кои имаат поразвиен финансиски сектор, уживаат побрз и постабилен долгорочен развој. Добро развиен финансиски сектор значително влијание врз продуктивноста, што придонесува да се оствари повисок степен на долгорочен развој. Осигурувањето во таа насока, игра важна улога во насочувањето на економскиот раст. Овој сектор придонесува за економски раст преку издавање на полиси за осигурување со кои им обезбедува одредена сигурност, преку исплата на потенцијалните штети на корисниците на полисите, а едновремено преку комплементарноста со банкарскиот сектор и нивната инвестициска функција, придонесува за развојот на економијата во една земја.

Осигурителните компании се финансиски институции кои за утврден надоместок – преносна премија, обезбедуваат исплата на договорената сума, доколку се случи определениот или таканаречен договорен настан. Основната функција на осигурувањето е пренесување на ризикот од страна на осигурениците до осигурителот.

Осигурувањето создава основа за преземање на вложувања, како предуслов за економски раст. Со преземањето на ризикот од страна на осигурителните компании се намалува несигурноста и нестабилноста во економијата и се намалува влијанието на потенцијалната криза на микро и макро ниво.

Дарко Дедиќ, Претседател на Управниот одбор на Винер Лајф-Виена Иншуренс Груп

Во Македонија, како и во регионот и пошироко, банкарскиот сектор е главен столб и двигател на развој на финансискиот пазар. Осигурувањето, иако по обем е значајно помало, сепак е еден од главните учесници на финансискиот пазар во Македонија, со вкупна годишна премија некаде околу 170.000.000 евра, со вкупни вложување коишто компаниите ги вршат на финансискиот пазар од околу 320.000.000 и актива од над 400.000.000 евра. Ова се јасни показатели дека животното осигурување за економија како македонската, сепак е значаен учесник на финансискиот пазар во Македонија“, смета Дарко Дедиќ, Претседател на Управниот одбор на Винер Лајф-Виена Иншуренс Груп.

Во развиените земји, во тек е дебатата за потребата од ревидирање на постојниот начин на социјална заштита на државата. Потребата од ревидирање најчесто е поради фактот што структурата на населението значително се измени во текот на последните педесет години, се зголеми животниот век на луѓето, дојде до зголемување на бројот на возрасни лица, а едновремено светот се соочува со опаѓачки стапки на наталитетот. Во исто време, луѓето очекуваат да добијат високо ниво на здравствена заштита, повисоки пензии и други социјални бенефиции. Оваа состојба предизвикува загриженост за иднината, па затоа постојано се подготвуваат студии за можните ефекти врз државите, кои бараат начини за ефикасно решавање на овие проблеми.

Во САД годишниот апетит на осигурителната индустрија за нови корпорациски обврзници често ја надминува домашната понуда на нови емисии, така што овие компании средствата ги вложуваат во обични и привилегирани акции, недвижности, државни и странски обврзници.

Во Индија и Кина, постои значителен притисок од страна на осигурениците и микрофинансиските институции да понудат иновативни пензиски производи за борба против сиромаштијата со кои се соочуваат возрасните лица во рурални средини по нивното губење на способноста за извршување земјоделската работа.

Надица Јовановска Бошковска – раководител на претставништвото на „Европа Ре

„Светските искуства се различни, но можам да кажам дека едно е заедничко. Кога зборуваме за еден ваков сензитивен сектор, како најповолно решение кое ќе влијае врз заштитата, довербата и сигурноста на земјоделците е воспоставување на еден систем на здружување на ризици или т.н. земјоделски осигурителен „пул“. Такви примери има во Турција, кој успешно функционира од 2005 година, имаме пул во Азербејџан, Израел, Шпанија, Австрија.

Концептите се слични, кај некои се работи за задолжително земјоделско осигурување, кај некои не е, но целта е една, да се обезбеди финансиска заштита на земјоделското производство“, смета Надица Јовановска Бошковска – раководител на претставништвото на „Европа Ре“.

За одржлив осигурителен пазар потребно е осигурителните компании да бидат здрави во финансиска смисла на зборот. Тоа значи средствата што ги собираат од осигурениците преку уплати на премии за осигурување да бидат во функција на навремени исплати на фер износи за штети во ситуациите кога ќе настанат основани отштетни побарувања. При тоа од тие пари кои компаниите за осигурување ги кумулираат од осигурениците преку продажба на полиси освен за исплати на штети и за реосигурување, треба да има и за покривање на оперативните трошоци на друштвата, за креирање нови осигурителни продукти, за провизии на продавачите на полиси и на крај за дивиденди за нивните акционери изразени преку профитите на компаниите за осигурување.

Маја Станковска Костова – генерален директор на Кроација осигурување – Живот АД

Степенот на развиеност на осигурување во нашава земја е на релативно ниско ниво, па тоа не става во уште едно поповолна ситуација за развој, воведување на иновации и преземање на искуства од нашите матични компании.

Последниве години сме сведоци на се поголем замав на дигитализацијата во секој сегмент од општеството. Самата здравствена криза само го забрза тој процес и го направи да биде незамислив дел од нашето секојдневно функционирање. Сметам дека во сите индустрии дигитализација е присутна, па така и ние како индустрија треба да применуваме нови технологии, нагласува Маја Станковска Костова – генерален директор на Кроација осигурување – Живот АД.

За Приказна

Ване Маркоски

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,757FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ