Љуљета Адеми долго време се бори со сериозни здравствени проблеми, трипати ја победила смртта, била пред ампутација на ногата, но и покрај сѐ, останува жена со позитивен карактер и инспиративна животна енергија, која цел живот придонесува за поголема инклузија на лицата со физичка попреченост. Нејзиното искачување е дел од кампањата „See Ability Not the Disability“ на УНИЦЕФ.
Приказна: Попреченоста не е пречка за успех, иако некако во нашево општество тешко се прифаќа. Каков е вашиот впечаток?
Адеми: Последниве години, како што се одвиваат моите активности, се повеќе мислам дека општеството или државата имаат навидум попреченост, а не лицатa кои имаат некои поинакви потреби.
Приказна: Каква е инфраструктурата во поглед на помагањето на лицата со попреченост?
Адеми: Имав прилика да бидам и надвор од државата и да се заинтересирам за таа инфраструктура, која е мое секојдневие, со самата таа попреченост со која живеам. Не треба да зборуваме само за инфраструктурата дома, тука влегува и формирањето на самата свест на општеството, но и на институциите за прифаќањето на лицата со попреченост, во реална смисла.
Инфраструктурата ќе ја направите, еве има и кампањи со поддршка од ЕУ, од одредени европски земји, од САД, а со тоа гледаме дека светот повеќе како да ни се „наметнува“ да направиме нешто повеќе, отколку што самите ние сакаме, бидејќи свеста е таа што те поттикнува.
Ние треба да поработиме малку и на терминологијата, бидејќи кај нас се употребуваат многу други термини за лицата со попреченост. Има уште многу да се работи, системски. Не се решава ништо преку ноќ.
Приказна: Вие сте преведувач и мајка. Колкави се можностите тука некој да се развива професионално?
Адеми: За среќа имам една убава професија. Кај нас професијата преведувач не е толку вреднувана, не одам со споредби подалеку, ќе ја земам за пример Албанија. Некогаш не сите имаат пристапност до кабината, кога веќе зборуваме за инклузивноста. Скоро и никогаш, после завршена работа, не добиваме благодарам. Тоа се случува само од странци. Тука сè уште луѓето не доживуваат како технички дел, а не како мост на комуникација.
Приказна: Од неодамна имате нова страст, планинарењето. Беше ли едноставно на почетокот? Како се снајдовте?
Адеми: Желбата беше одамна, но кај нас луѓето прво те обесхрабруваат. Почнувајќи од моите родители, со нивните добронамерни совети.
Моето прво искачување беше на Црн Камен, на планината Јабланица. Мајка ми едвај ме пушти да одам. Дури и самите планинари ме гледаа чудно, што барам во нивната група. Потоа го искачуваш врвот, па следуваат емоции.
Имав други подеми и падови со здравјето, па така растеше желбата за планинарењето, не да го земени преводот, но и ова да стане моја реалност. Така почнав многу да работам на тоа, од тренинзи, опрема, се придружив на некои клубови, но за жал, кај нас немаат слух за планинарење за лица со попреченост.
За среќа, прв пат Федерацијата за планинарски спортови, даде можност едно лице да се вклучи во школото за Планинарски водичи, па така успеав да го завршам школото, бев прифатена, имаше слух,. Но, во клубовите за жал, тоа го нема.
Јас сум и прва жена со попреченост која го искачи Триглав. Битката не престанува.
Се случи Мусала. Заминав, го искачив и направив истражување дали сум прва жена со попреченост која го искачила и овој врв. Таму имаше уште еден човек со многу блиска приказна како мојата. Си помогавме еден на друг. Јас бев неговите очи, тој моите нозе. Горе кога стигнавме, енергијата беше преубава. Ние се изгушкавме, се сликавме и за нас тоа беше вистински триумф кога сфаќате дека можете, дека нозете не ве водат, туку ве води душата.
Се надевам дека еден ден јас како Љуљета, таа кампања „Гледај способност, не попреченост“ ќе ја пренесам во секоја смисла, еден ден и на врвот на светот.
За Приказна,
Вики Чадиковска
Ване Маркоски