8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Лејла: Од секоја ситуација ќе бидеш победник, ако пронајдеш инспирација

Таа e една од најпопуларните инструктори по Аштанга јога кај нас. Оние кои добро ја познаваат, за Лејла Рамковска ќе кажат дека поседува особено смирена енергија. Кога животот ќе те стави пред предизвици, важно е во нив да најдеш инспирација, а потоа да излезеш посилен и подобар, а токму таков е и нејзиниот пат во јогата. Деновиве на телевизија Телма ќе може да се погледне и нејзиниот блок со јога вежби.

Животот ја стави пред силни предизвици. Но, таа научи во нив да најде инспирација и да ја создаде најдобра верзија од себе. Од најтешките животни искушенија излезе посилна, спокојна со нови вештини и знаења. Јогата го откри оганот кој тлее во неа сама.

Со јога почнала откако и било дијагностицирано дека центарот за баланс и е нарушен, имала константни вртоглавици, дел од стрес, дел од спондилоза и дискус… Првично почнала со физикална терапија. Но, потоа ја заменила со јога во домашни услови и сфатила дека јогата и помага повеќе од сите терапии.

Причините да почнам да се интересирам за јогата беа многубројни. Од физички аспект имав проблеми со главоболки, со половината, со вратот, од психички аспект пак, почнав да се ослободувам од сите проблеми и блокади во човековото тело, кои влијаат на здравјето, вели во интервју за „Приказна“, Лејла Рамковска, инструктор по јога.

Ако за нешто чувствуваме дека тоа е вистинското за нас, тогаш начин да се реализира истото, наоѓа секој кој сака да излезе како победник, од која било ситуација. За нејзините почетоци вели дека учела сама, претежно онлајн, иако тогаш уште не било модерно да се вежба со снимени програми, како што е случај денес, па постепено од тогаш јогата почнува да се вклопува во нејзиниот стил на живеење.

Јогата за мене е вклопување во мојот начин на живот, којшто не е класичен живот на еден јогин, бидејќи така не може да се живее во едно вакво модерно општество, каде што животот е стресен и брз, имаш обврски, фамилија, односно имаш реален живот. Не може да се живее како прав јогин, кој се изолира и може да си дозволи таков начин на функционирање. Затоа ако ја најдете средината помеѓу сето ова, ќе научите подобро да се справувате со стресни ситуации, да реагирате посмирено и посталожено, вели Рамковска.

Јогата ни дава виталност и енергија,стекнување флексибилност што значи младост, тонирани мускули, а ни обезбедува и заштита од повреди. Но, ова се само дел од придобивките од вежбањето.

Продира во некои подлабоки слоеви. Прифаќање и разбирање на себеси, како и работење на себеси, секојдневно, не мислејќи само на убаво тело и физички изглед. Постепено, се стекнува континуитет и не бара форсирање. После одредено време почнувате да забележувате како ви се подобрува здравјето, умот, срцето, телото, како во вашето тело се воспоставува некој баланс и затоа тие што почнуваат со јога, откако ќе вежбаат еден или два месеци, остануваат да ја практикуваат цел живот. Ако ја споредиме со други спортови, многу често луѓето ги практикуваат само за постигнување на некои физички цели, најмногу поради убаво тело пред лето, додека со јогата почнуваш да чувствуваш како нешто навистина те оттргнува од малите неважни нешта, па затоа си останува навика за цел живот, смета Лејла.

Нејзините пријатели за неа ќе кажат дека никогаш лесно не се предала на неуспесите, туку се обидувала одново и одново, борејќи се за она кое го зацртала како цел, како сон. Јогата е една од тие цели, а нејзината приказна инспирација за многумина кои не веруваат дека можат да станат подобра верзија од себе.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,354FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ