21.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024
spot_img

ОД КУЌАТА ИМ ОСТАНА ПЕПЕЛ: Самохран татко на дете со попреченост очајно бара помош за синот

Бранко Цветковски е самохран татко на дете со попреченост. По потекло е од Кучково, но веќе триесет години со семејството живее во Волково. Во куќа која вели, со своите десет прсти ја направил. Тука живеел заедно и со својата сопруга, за која ќе рече: „Таква жена повеќе не се раѓа. Тоа беше најдоброто суштество на земјата.“

За жал, Бранко и неговиот син кој има седумнаесет години и е дете со попреченост, веќе пет години се сами, осудени на сиромашен живот. Животот на ова семејство од татко и син, е мачна рутина. Станување, облекување, носење на детето на училиште. Долго чекање по ходниците додека Бојан учи и талкање по улиците низ градот. Така секој ден.

Тој немил 28 септември, додека Бранко го чекал Бојан да заврши со часовите, не ни претпоставувал дека враќајќи се дома, ќе начека сè освен домот.

„Тешко беше да гледам дете со попреченост и кога ја имав куќата. Сега е уште потешко. Бојан кога виде дека од домот остана само пепел, се удираше по главата. Тој не знае да каже, но чувствува. Знаеше дека повеќе нема да биде исто. Знаеше дека животот од тој миг, ќе ни биде пекол – се присетува Бранко.“

„Продадов трактор пред да се случи пожарот. Парите ги чував дома. И тие изгореа со куќата. Требаше со нив да купам нов трактор. Така подработувам, за да извадам некој денар. Имав и три моторни пили, и со нив работев. Сега немам ништо. Само јас и Бојан. И спомените од тоа што некогаш беше живот.“

„Во моментов немаме ниту за леб. Еве денес е недела, а, јас не сум му купил на детето уште да јаде. Немам ниту пари, ниту тенџере супа да му сварам, ниту лажица, ниту виљушка. Ништо. Ништо. Доаѓа зима, се плашам за здравјето на детето. Спие во подрумот долу. Ладно е. Со бубачки и глувци ги дели ноќите. Жал ми е. Но, еве поминаа два месеци, а, сè уште никој не се јавил да ми понуди помош. Ниту роднини, ниту пријатели. А нели во маката се гледа луѓето дека се луѓе, ќе забележи Бранко.

„Да имав пари барем една соба да направев, за да се засолниме со детето. Немам! Месечно земам само седум илјади денари. Не стигнуваат за ништо. Знаете и сами колку е сè скапо. Не сум моќен сам да почнам. Кога би ми помогнал народот би бил благодарен.“-искрено вели Бранко.

„Мирен живот и луксуз јас одамна имам заборавено што е, но еве денес пред народот, барам помош за спас на моето дете. Да живее и тоа барем малку како човек“-со татковски солзи ја заврши својата животна приказна овој несреќен човек.

Доколку сaкате да помогнете на ова семејство, тоа може да го направите преку трансакциската сметка 210501705412630 на Бојан Цветковски. 077 905 744 Контакт телефон Бранко.

Автор

Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,096FansLike
2,008FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ