Дома Инспирација „ЈАС И АУТИЗМОТ“, искрено со Аниса: Бев фрлена во виор и сама...

„ЈАС И АУТИЗМОТ“, искрено со Аниса: Бев фрлена во виор и сама барав решение

Во тој момент умре моето старо јас. Јас бев принудена да искреирам некоја нова јас, некоја нова Аниса. Од тој момент престана еден начин на живот. Бев „фрлена во виор“ и сама морав да го најдам решението. Морав да преминам на еден друг начин на живеење и тоа навистина беше тешка борба којаштосè уште трае. Вака ја почнува својата животна приказна, Аниса Ејуп Беќировиќ Трпчевска, професорка по македонски јазик и книжевност, која со своето семејство, трагајќи по подобар живот за своето чедо со аутизам, денес живее и работи во Германија.

Првороденото дете на Аниса има аутизам, а од позиција на мајка на син со аутизам, како лична заложба кон овој проблем, таа ја напиша книгата „Јас и аутизмот – Водич за преживување за родители на деца со аутизам и посебни потреби“.Мајка е на две деца, на малиот Роман, дете со типичен развој и поголемиот Адам, дете со атипичен развој.

Адам кога се роди во 2006, аутизмот како поим беше многу непознат, не дека и денес е нешто многу познат, бидејќи штом немаме решение, тогаш значи нам сè уште не ни е јасно што се случува. Адам е роден со расцеп на меко непце, поради што на 2,5 годишна возраст мораше да оди на операција. Притоа имаше и изразен атописки дерматитис и поради сето ова постојано бевме на Детска клиника, каде што се вршеа испитувања. Мене никогаш не ми беше укажано дека детето има проблем, напротив ми се даваа пофалби дека добро се грижиме за него. Кога ќе кажев дека не зборува, ми кажуваа дека тоа често се случува кај децата од машки пол, па треба да почекаме по операцијата и потоа ќе се јави тој говор. Но, после операцијата и кога Адам наполни три години, закажав термин во заводот за ментално здравје, вели за „Приказна“, Аниса Ејуп Беќировиќ Трпчевска.

Приказна – Епизода: Влегуваме во светот на аутизмот

За средбата со луѓето во овој завод, Аниса ќе каже дека е најтешкиот момент во нејзиниот живот. Меѓу сите дијагнози кои биле поставени тој ден, бил спомнат и аутизмот.

Овој момент навистина беше многу тежок. Во тој момент умре моето старо јас. Јас бев принудена да креирам некоја нова јас, некоја нова Аниса. Значи од тој момент престана еден начин на живот. Јас морав да преминам на еден друг начин на живот и тоа навистина беше тешка борба којашто сè уште трае, вели Аниса за „Приказна“.

Беќировиќ-Трпчевска има 15 години работно искуство како професорка по македонски јазик и литература, а моментално е ангажирана како професорка за дополнителна настава на македонски јазик во Германија, каде што се преселила. Во Германија заминала по долгата борба со македонскиот нефункционален систем, кога сфатила дека доколку сака Адам да има среќен живот и достоинствена иднина, мора да заминат.

Откако ќе го земев од училиште одевме на пливање, на разни третмани, единствено не се плаќаа часовите за пливање преку специјалната олимпијада, а сè друго не чинеше многу пари. Јас не познавам семејство кое има член со посебни потреби, а да не е заглавено во длабоки кредити. Тоа е една состојба која е крајно време да се смени, бидејќи и уставот вели дека сите сме еднакви пред законот, но не сме, додава Аниса во интервјуто за „Приказна“.

Личниот момент и искрените емоции во нејзината книга, неминовно предизвикаа кај читателите доверба во пишаното.

Јас имам напишано на почетокот од книгата дека таа не се темели на научни истражувања, но затоа истата има поголема вредност од кое било научно истражување, бидејќи јас го претставувам посредно, не директно. Јас живеам со аутизмот 24 часа. Јас разговарам со аутизмот, се борам, јас преговарам со аутизмот, јас го креирам, го развивам, јас го молам аутизмот, затоа директно во себе го носам аутизмот и затоа најдиректно можам да зборувам за него. Оваа книга ја напишав, бидејќи верувам дека претставуваме еден пример на семејство кое успеа да се избори со целата оваа ситуација којашто е реално тешка и не прави да бидеме атипично семејство, но семејство кое успеа да го пронајде патот на среќата и да бидеме среќни со она што го имаме, вели Аниса.

Делото „Јас и аутизмот“ е пионерски чекор во однос на овие книжевни родови. Досега никогаш не сме имале вакво дело од аспект на лична исповед на еден родител кој го живее ова секојдневие. Во оваа книга, кога кој било од родителите ќе биде исцрпен и на крајот со силите, секогаш може да најде да прочита некој дел со кој денот веднаш ќе си го направи поубав, ја завршува својата приказна оваа храбра мајка.

За Приказна,

Ване Маркоски

Exit mobile version