Секако дека треба да го изразиме своето мислење, но, при тоа треба да внимаваме да не наклеветиме некого, да не навредиме некого, да не зборуваме со омраза, да напаѓаме одредени лични карактеристики на некои луѓе, затоа што тие припаѓаат на одредена религија, класа, раса, определена сексуална ориентација. Често пати наоѓаме таква погрдна комуникација и гледаме дека луѓето не се свесни за своите обврски и на некој начин може да бидат одговорни пред правото, пред судовите, за тоа што го прават во етерот. Треба да се работи на образованието на луѓето, да се знае што може да прават и до каде можат да одат, да се научат да ја дозираат својата приватност. Треба кај луѓето да се развива чувство дека зборуваат пред публика и дека нивниот говор може да повреди некого и да направи определена штета, изјави за Приказна, д-р Јасна Бачовска Недиќ, професорка од Правниот факултет „Јустинијан Први.
Приказна Што претставува културата на соговорниците во процесот на комуникација?
Бачовска Културата на говор, односно нивото на култура на говор на соговорниците е од суштинско значење. Ние ова доктринарно го покриваме во една посебна проблематика којашто ја нарекуваме култура на говорот. Да се има култура на говор кај еден човек, тоа значи дека тоа е дел од неговиот идентитет.
Но, што значи култура на говор?! Тоа е способност да се изразат на најдобар начин своите мисли и своите чувства, да се најде најдобриот начин за тоа, да се убеди соговорникот што мислиме и што чувствуваме. Изразувањето на овие нешта да биде на едно задоволително писмено ниво.
Кога зборуваме за писменост, тоа значи да го познаваме и јазикот на кој комуницираме, да ги одбереме најсофистицираните гестикулации ако комуницираме невербално. Културата на говор опфаќа и едно друго ниво на писменост, широка писменост, образованост и образование. Со подобро образование се добива и една поголема моќ да се изразат чувствата и мислите на еден посебен начин. Важно е во говорот да се афирмираат и добри вредности, како на пример толеранција, чест, углед, дигнитет, тоа се вредности во едно општество.
Комуникацијата е еден суштински општествен процес, нешто што човекот го разликува од останатиот жив свет. Врз основа на комуникацијата се формира општество и самиот израз општи значи комуницира. Меѓутоа, комуникацијата и покрај тоа што мислиме дека е некој едноставен процес, воопшто не е едноставен. Често пати мислиме дека можеме да комуницираме или дека комуницираме, а всушност не комуницираме.
Приказна Дали во желбата да го искажеме својот став, во комуникацијата ја губиме способноста да слушаме, која е многу важен дел од културата во комуникацијата?
Бачовска Интерперсоналната комуникација, значи комуникација меѓу двајца луѓе. За да биде успешна комуникацијата, еден од основните услови е не да го кажеме своето мислење, туку пред сè да го слушнеме мислењето на другиот. Да се потрудиме тоа што ќе го чуеме и да го разбереме. Тој процес да го надоградиме со нашето мислење, со нашата информација и само под овие услови е остварен тој комуникациски процес.
Комуникацискиот процес не е едноставен на индивидуално ниво, кога во еден физички простор комуницираат двајца луѓе, а уште повеќе се усложнува кога во комуникацискиот процес се вклучуваат средствата за комуникација.
Историски гледано средствата за комуникација биле многу едноставни и се развивале, а денес имаме еден многу современ начин кој од една страна ја забрзува и ја олеснува комуникацијата – тоа е процесот на дигитализација. Од друга страна, таа модернизација го усложни процесот на слушање, се создаваат пречки во квалитетот на комуникацискиот процес.
Приказна Дали во желбата да го пренесеме својот став, ја занемаруваме рамнотежата на правата и обврските во комуникацијата?
Бачовска Секако дека треба да го изразиме своето мислење, но, при тоа треба да внимаваме да не наклеветиме некого, да не навредиме некого, да не зборуваме со омраза, да напаѓаме одредени лични карактеристики на некои луѓе, затоа што тие припаѓаат на одредена религија, класа, раса, определена сексуална ориентација. Често пати наоѓаме таква погрдна комуникација и гледаме дека луѓето не се свесни за своите обврски и на некој начин може да бидат одговорни пред правото, пред судовите, за тоа што го прават во етерот. Треба да се работи на образованието на луѓето, да се знае што може да прават и до каде можат да одат, да се научат да ја дозираат својата приватност. Треба кај луѓето да се развива чувство дека зборуваат пред публика и дека нивниот говор може да повреди некого и да направи определена штета.
Приказна Дигиталната технологија ни овозможи непрекината комуникација. Кои се придобивките, но и негативностите кои со себе ги донесе дигиталната ера, од аспект на комуникацијата?
Бачовска Би сакала да го кажам својот став за дигитализацијата, имаме дури и во теоријата на комуникација и социологија различни ставови, јас имам еден многу позитивен став кон дигитализацијата и сите можности што таа ги дава. Ја забрза комуникацијата, ја поевтини, секој може да стане говорник, ги измени границите помеѓу јавните и приватните комуникации. Тука настануваат одредени проблеми. Многу луѓе се охрабруваат да бидат говорници и да говорат, а често не се свесни какви последици може да предизвика нивниот говор на социјалните мрежи, блогови, разни портали. Дури сега и традиционалните медиуми добиваат една поинаква природна околина, каде што повеќе пати можете да артикулирате со одредени ставови.
Од друга страна, немаме определено ниво на знаење и чувства, кога ќе седнете зад компјутерот, како да го губите чувството за публика. Како да сте сам за себе и ја губите одговорноста. Често пати луѓето забораваат на правата. Ние имаме право, го добиваме тоа право на некој евтин начин да бидеме и јавна личност и медиум. Меѓутоа ги забораваме обврските што ги имаме. Пред сè треба да бидеме одговорни кон тоа што го кажуваме, кон тоа што го споделуваме.
Слободата на изразување кога ќе ја земеме како право, треба и од еден легалистички пристап да тргнеме, таа не е апсолутно право, таа има граници.
Приказна Како да се поттикне одговорност во комуникацијата? Како да создадеме култура во процесот на комуникација?
Бачовска На општествено ниво можеме да зборуваме за култура на говор на определена заедница, да се види какво е нивото. Државите и општествата се разликуваат и во овој сегмент. Некои имаат повисока култура, некои пониска култура.
И со проста анализа, ние денес ги имаме социјалните мрежи, ако по повод на некоја информација ги читаме коментарите на разни луѓе што пишуваат под тоа, лесно можеме да ја видиме каква е нивната култура на изразување. Во овој дел, некои професии или ако можеме да ги наречеме фактори на формирање на јавното мислење, треба да имаат повисока култура на говор, како што се новинарите, професорите, политичарите, јавните личности, спортистите – сите оние што народот ги сака и ги гледа, тие во својот говор треба да имаат едно повисоко културно ниво.
Како општество не треба да дозволиме работите спонтано да се редат, туку треба со политичка волја, со интервенција на одредени фактори, сето тоа да се прави на еден организиран начин од сите засегнати страни – држава, невладин сектор – за да можеме луѓето да ги научиме дека говорот во дигиталното комуницирање подлежи на одредена одговорност.
За Приказна
Вики Чадиковска