2.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Чадиноска Кузмановска: економската слобода за жртвите на насилство е клучна

Самата жртва воопшто не препознава дека е жртва на семејно насилство. Во нашето патријархално општество како што се поделени улогите на машки и женски, многу често, за жал, ќотекот се смета и за женска судбина, се смета за една „алатка“ како мажот треба да ја насочи жената да биде утре подобра. Сè од ова е погрешно, меѓутоа тоа сè уште постои во нашето општество, вели во интерју за Приказна Магдалена Чадиноска Кузмановска  – социјален ментор.

Приказна Што е економско насилство? Како да го препознаеме?

Чадиноска Кузмановска За економското насилство многу малку се зборува во медиумите. Не знам на што се должи тоа, затоа што во последно време тоа зема голем замав, покрај останатите форми на насилство како што се психолошкото, физичкото и сексуалното насилство. Можеби затоа што се многу испреплетени едно во друго, тоа е форма на насилство која е многу суптилна, па тешко се препознава. Некогаш и самата жртва не знае дека е жртва на економско насилство.

По дефиниција, економско насилство е секое однесување и постапка од страна на насилникот која доведува до негативна финансиска состојба на жртвата. Најчесто тоа се партнерски односи, меѓутоа не мора да значи затоа што насилна состојба може да постои во која било семејна релација или можеби во некои работни врски.

За да објаснам попластично, за некоја потенцијална жртва која можеби ова сега го чита, можеби ќе може повеќе да се поврзе со ова и да се препознае дека е жртва. Тоа е најчесто кога насилникот не дозволува жртвата да биде вработена, потоа правеќе проблеми на работното место, тоа е и неможност да жртвата расте на своето работно место и закани. Некогаш за жал тие закани се спроведуваат и во дела, па насилникот доаѓа на работното место и прави проблем. Има и посесивни испади, односно љубомора.

Приказна Постојат ли фрази или постапки кои насилниците ги користат како манипулација?

Чадиноска Кузмановска Насилникот користи фрази дека жртвата сака да оди на работа за да остварува нови љубовни релации. Една многу важна форма, која остава многу големи последици, а тоа е кога насилникот ја тера жртвата да земе кредит на свое име или пак да земе заем од свои блиски луѓе и потоа имаме ситуација кога жените сместени во куќите за заштита имаат обврска да го вратат кредитот или заемот иако тие не виделе никаков корист од парите.

Приказна Дали економската независност ја задржува жртвата на позицијата каде се случува насилството? Дали жртвите се свесни дека им се случува семејно насилство?

Чадиноска Кузмановска За да излезе од насилната средина, за жртвата, економската зависност често е еден од најголемите фактори. Во нашето патријархално општество има и други фактори, но праксата покажува дека број еден е економската зависност.

Како едно од решенијата во кое јас гледам најмногу просперитет, тоа е социјалното менторство за работна интеграција, тоа е програма која ја промовиравме ние како „Паблик“, а која ја понудивме на жените жртви на семејно насилство – каде се дава еден потемелен и холистички пристап, како на една жртва да ѝ овозможиме да се сврти кон себе си, да ги погледне своите вештини и да ги подигнеме нејзините компетенции и да ја извадиме на отворен пазар на трудот. Меѓутоа, тоа не е крајната цел, целта е таа да остане на своето работно место.

Самата жртва воопшто не препознава дека е жртва на семејно насилство. Во нашето патријархално општество како што се поделени улогите на машки и женски, многу често, за жал, ќотекот се смета и за женска судбина, се смета за една „алатка“ како мажот треба да ја насочи жената да биде утре подобра. Сè од ова е погрешно, меѓутоа тоа сè уште постои во нашето општество.

Треба да се спомене и недовербата во системот или претходно лошо искуство. Насилникот со текот на времето успева да ја оддалечи жртвата од таа некоја поддржувачка средина, од блиски пријатели или роднини кои би можеле да ја препознаат ситуацијата, па во нејзино име да пријават. Морам да напоменам, насилството не е приватна работа и не треба да заврши во домот каде што се случува, сите ние имаме граѓанска обврска да го пријавиме тоа ако сметаме дека е потребно. Пријавуваме безначајни работи како гласна музика или гласно зборување во домот на соседот, а не пријавуваме вакви работи.

Приказна Како да поттикнеме поголема свесност за сериозноста на насилството и ефектот кој го имаат врз жртвите?

Чадиноска Кузмановска Откако ќе го пријави насилството, жртвата не знае што понатаму. Останува во наводници во таа комфорна зона. Жртвите често кажуваат и дека не пријавуваат заради децата. Би сакала да ја подигнеме свеста дека токму заради децата и треба да се пријави насилството. Подоцна децата ја имитираат средината од која доаѓаат, односно момчињата стануваат насилни, а девојчињата многу полесно прифаќаат насилство зошто тоа е моделот од којшто учеле.

Докумнтиран магазин Приказна, посветен на насилството

За Приказна,

Бранка Чочкова, Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,755FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ