За вештачката интелигенција, придобивките и предизвиците од неа, разговараме со универзитетскиот професор и иноватор, д-р Христијан Ѓорески
Дали е опасен трендот на брзиот развој на вештачката интелигенција?
Христијан Ѓорески Како научник кој работи со вештачката интелигенција веќе 15 години, можеби сум ги препознавал некои трендови, како се случуваат интерно меѓу научниците, и само прашање на време било кога тие трендови ќе излезат и до пошироката јавност.
Не би го искористил тој термин „опасен“, но е брзорастечки тој напредок на вештачката интелигенција. Тоа не е тренд само на вештачката интелигенција, туку тренд на целокупниот технолошки развој во општеството. Треба да се следи. Кога нешто брзо се менува, може и да се згреши во тоа. Мора да имаме некои механизми, кои ќе го следат тој брз развој.
Кога првпат се користи поимот вештачка интелигенција?
Христијан Ѓорески Поимот вештачка интелигенција за првпат е воведен во 1956 година на таа фамозна работилница којашто ја организира Џон Мекартни во Дартмут, Америка и тогаш тој се прифаќа како термин од научната фела.
Првите размислувања за интелигентни системи, за роботи, компјутери, се поврзани со првите паметни машини околу Втора светска војна. Тогаш Алан Тјуринг за прв пат размислува за напредни, интелигентни машини кои би работеле за развој на општеството.
Како можеме да ја дефинираме вештачката интелигенција?
Христијан Ѓорески Конкретна дефиниција е тешко да се даде како и за многу други работи. Прво не знаевме да дефинираме точно што е интелигенција. Долго време се сметаше дека таа е логичка интелигенција, но сега гледаме дека таа има повеќе аспекти, социјална интелигенција, емоционална интелигенција…
Јас би рекол сè што не е природна, е вештачка интелигенција. Постојат различни алки кои пристапуваат на таа вештачка интелигенција. Може да се дефинира од филозофски аспект, етички, па дури и од религиозен аспект.
Ние ја дефинираме вештачката интелигенција како некои паметни, интелигентни, автономни системи коишто можат самостојно да работат до некоја мера, а да ги прават работите кои вообичаено, би ги правеле луѓето.
Како функцинираат алгоритмите?
Христијан Ѓорески Сите се плашиме дека тоа е нешто страшно. Алгоритмите се чекори, постапки кои треба да се следат. Нив ги има во голем број, се развиваат секојдневно. Секоја година излегуваат нови алгоритми.
Во последно време се слуша за таа машинска интелигенција или машинско учење. Тоа се алгоритми коишто работат на податоци, коишто учат некакви правила од тие податоци, според историјата и може да ја предвидат иднината во даден контекст.
Во последно време се сè повеќе популарни невронските мрежи, кои асоцираат на невронската мрежа којашто ја имаме во нашиот мозок, и како поддефиниција од нив, длабоките невронски мрежи кои на некој начин се популаризирани во последно време.
Имаме алгоритми коишто се за слики, за звук, аудио, текст, податоци, табеларни класични податоци во банки итн.
Дали ни треба национална стратегија за вештачката интелигенција, па и дали можеби доцниме како држава со изготвување на таква стратегија?
Христијан Ѓорески Секако дека ни е потребна. Во последните 10-тина години, вештачката интелигенција силно продира во целото општество. Гледаме сè повеќе услуги, апликации кои користат вештачка интелигенција.
Треба да направиме стратегија. Има критична маса да се направи една стратегија, па дури и имаше една иницијатива од Фондот за иновации и технолошки развој пред две години. Меѓутоа остана на тоа, имавме неколку состаноци и сето тоа замре. Стратегија би рекол дека е дури и повеќе од потребна.
Знаете како, ние ќе препишеме доста работи од некој кој ја направил претходно таа стратегија, но не треба да го заборавиме тој локален контекст во кој ќе треба да ги аплицираме и поставиме правците, односно да прецизираме дали е подобро да се развиваме во оваа или онаа насока.
Дали развојот на вештачката интелигенција станува предизвик за регулирање и контрола?
Христијан Ѓорески Да, секако. Кога нешто брзо расте може да се случуваат најразлични повреди во општеството.
Во последно време, кога се осозна колку вештачката интелигенција може да влијае на општествените процеси, па и преку социјалните мрежи да се генерираат лажни вести, сè погласни се аспектите како да се обидеме да ги контролираме тие работи.
Со секоја дигитална алатка којашто е нова, мора да поставиме правила на игра. Сето тоа се случува во светот. Знаете како, имавме ситуација кога автономни летала коишто имаат муниција, оружје и можат автономно да одлучат кога ќе елиминираат некоја област … Но во тој момент научната фела се побуни и многу стручни лица заедно напишаа писма, со цел да се стопираат такви истражувања. Сè повеќе се работи на тие етички норми и кодекси што е дозволено, а што не е дозволено.
Дали вештачката интелигенција ќе го смени образованието? Каде треба да се внимава од аспект на ученик, наставник?
Христијан Ѓорески Тоа е прилично популарно во последно време, особено со појавата на Четџипити. Може да биде и позитивно и негативно. Повеќе има позитивни работи, отколку негативни.
Потребно е да видиме кои се негативните и да направиме соодветни алатки кои ќе нè штитат од нив. Класичен пример беше тоа што имаме алатка на која ќе и кажеме да ни напише семинарска работа или есеј и имаме напишан есеј. Тоа многу често спаѓа во плагијаризам, нема интелектуален напор од студентот. Сето тоа треба да се регулира и да се забрани.
Од друга страна имате една моќна алатка која може да ја искористите како личен професор. Главен проблем е што кај нас се случува еден професор да работи со група од 50, 60, 100 студенти. Тој професор не може да посвети внимание на сите. Ако студентот има алатка и може да ја прашува цело време додека нешто не е јасно, ако се користи во таа насока, потенцијалот е огромен.
Харвард веќе објави дека на првиот курс што го имаат за компјутерски науки, секој студен ќе има пристап до една таква алатка и таа алатка ќе го следи цел курс.
Дали е можна одговорна употреба на вештачката интелигенција?
Христијан Ѓорески Да, секако дека може. Гледајте ја вештачката интелигенција како уште еден софтвер или една алатка.
На пример, ножот е една алатка којашто е доста корисна но ако се искористи негативно, може да биде некорисна. Затоа имаме правила на игра, нож смееш таму, тука не смееш итн.
Едукацијата уште од млади години е важна, со цел убаво да се разбере што значи вештачката интелигенција и кои се последиците доколку се злоупотреби. Проблемот е што многу брзо може да се направи софтвер, којшто ќе направи брзо штета. Затоа суштински е важно едуцирање, образување на населението во поглед на користењето на вештачката интелигенција. Треба да се размисли убаво како да се спречат некои работи, дали тој што работи со таков софтвер можеби треба да има специјална дозвола да го прави тоа. Исто како во градежништвото на пример, за да може да градите, вие мора да имате лиценца.
Македонски научници од Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, заедно со универзитетскиот професор и иноватор, д-р Христијан Ѓорески, направија прототип на паметни очила OCOsens со кои може да се детектираат емоциите и расположението преку сензорско собирање на фацијална експресија и движења и нивно обработување со помош на вештачка интелигенција. Приказната започнала со основањето на компанијата АИДЕА Лаб од страна на Христијан и Мартин Ѓорески, и со создавање на иновативна платформа за следење на здравјето со помош на ВИ – mAIHealth. Потенцијалот на платформата го препозна англиската компанија Емтек Лабс (Emteq Labs), којашто се одлучи да ја инкорпорира платформата, но и целиот тим од Македонија во нивната компанија.
Ваша иновација се паметни очила. Која ви беше целта за оваа иновација?
Христијан Ѓорески Тоа ми е страст на која работам. Работиме на паметни очила кои на човекот кој ги носи, ќе му овозможат да ги детектира неговите фацијални експресии, всушност ги детектираат емоциите на човекот.
Наша цел е да ги детектираме емоциите, со цел да се помогне на човекот кој ги носи. Работиме со англиска компанија. Пред неколку дена ја издадовме првата верзија за истражувачи кои може да ги користат нашите очила за различни истражувања. Тие ќе откриваат како се чувствуваат корисниците кои ги носат.
Ване Марковски