Дома Став Интервју Хајди Штерјова Симоновиќ: Државата да превенира ризични фактори кои може да доведат...

Хајди Штерјова Симоновиќ: Државата да превенира ризични фактори кои може да доведат до употреба на дроги помеѓу младите

ХОПС долги години работи со деца. Кај нас законите се ограничувачки кога станува збор за дроги и работа со деца. Ние, од наше искуство имаме најмладо дете на возраст од 3,5 години кое дувало лепило. Најмали деца кои употребувале опијати, а сме ги регистрирале преку нашата теренска работа се деца на седум и осумгодишна возраст.

Матичните лекари играат клучна улога во овој момент, можеби родителот нема да препознае, но матичниот лекар може да ги препознае одредените знаци и да советува и соодветно го упати. Со сила ефекти никој не постигнал. Мора државата да превенира други ризични фактори коишто може да доведат до употреба на дроги помеѓу младите, вели во интервју за Приказна, Хајди Штерјова Симоновиќ, генерална директорка на ХОПС-опции за здрав живот Скопје

Лицата кои злоупотребуваат дрога, често се стигматизирани. Што се прави во насока да се промени ова? Имаме ли стратегија?

Хајди Штерјова Симоновиќ Во 70-те години во Америка започната е една т.н. војна против дрогите каде што под плаштот да се намали понудата на дроги, всушност се оди кон тоа да се апсат и затвораат луѓето коишто употребуваат дроги. По таа борба, се проширува низ целиот свет, во некои земји како Филипини оди до крајни размери, одат по улиците и ги убиваат.

Кај нас, за жал исто така години наназад беше оваа стратегија и многу од луѓето што употребуваат дроги беа само заради тоа што кај нив е најдено одредено количество на дрога, дури и кога тоа е за лична употреба, тие беа осудувани за наводна трговија со дроги и затворани по затвори, што во голема мера придонесе да се развие негативна перцепција за оваа група на луѓе.

Втората причина поради која се развива стигмата и е општествено неприфатлива се последиците кои се создаваат поради употребата на дроги. Кога имаме едно општество во кое не постојат хумани политики за третман и за прифаќање на луѓето кои купуваат дроги, тогаш доаѓаме до тоа тие луѓе да бидат отфрлени од општеството, маргинализирани, ранливи и сето тоа доведува до таа негативна перцепција помеѓу народот. ХОПС како организација 25 години активно работи и застапува воведување на вакви хумани политики во државата кои ќе придонесат да се намали стигмата.

Една борба која ја изборивме беше во законот за спречување и заштита од дискриминација да биде воведен посебен основ припадник на маргинализирани заедници. Огромен успех е што конечно иако во законот и до сега во Кривичниот законик употребата на дроги за лична употреба не беше казниво дело, праксата го криминализираше и конечно успеавме со последните измени во кривичниот законик во февруари оваа година, точно се утврди дека поседувањето за лична употреба на која било психоактивна супстанција и наркотична дрога не претставува кривично дело. Се надеваме дека ова ќе придонесе за намалување на стигмата и прогонот коишто го доживуваат луѓето кои употребуваат дроги.

Има ли регистар со податоци колку лица злоупотребуваат дрога?

Хајди Штерјова Симоновиќ Во Македонија потребно е да се прават истражувања на национално ниво. За жал, во нашата земја последно такво истражување е направено во 2017 година. Ова истражување го прави Институтот за јавно здравје.

Има околу 6000 луѓе кои инјектираат дроги, меѓутоа употребата на други видови на дроги секако го зголемува тој број. 9% од луѓето кои биле дел од истражувањето изјавиле дека барем еднаш во животот употребиле дроги.

Најчеста употреба на дрога се јавува кај лицата помеѓу 15 и 24 години, од кои 19% од оваа популација кажале дека барем еднаш пробале дрога. Можно е да има зголемување на овие бројки. 6500 луѓе користат опијати, таа е бројка добиена од бихејвиоралното истражување од 2019 година исто преку институтот за јавно здравје.

Колку години има најмладиот корисник?

Хајди Штерјова Симоновиќ ХОПС долги години работи со деца. Кај нас законите се ограничувачки кога станува збор за дроги и работа со деца. Ние, од наше искуство имаме најмладо дете на возраст од 3,5 години кое дувало лепило. Најмали деца кои употребувале опијати, а сме ги регистрирале преку нашата теренска работа се деца на седум и осумгодишна возраст.

Документарен магазин Приказна

Ние од 2011 година активно застапуваме во државата да се воспостави програма, да се препознае моментот дека деца и под 16 години може да употребуваат дроги. Кога зборуваме за деца од три, седум и осумгодишна возраст, се разбира дека тука не може да зборуваме за личен избор на детето. Ако родителите немаат капацитет, мора државата да преземе одговорност и да најде начин како на тие деца да им се помогне.

За жал, ние немаме програма за тие деца кои употребуваат дроги. Се работеше до пред почетокот на оваа година преку министерство за здравство, на протоколи каде што ќе се разработи начинот како деца помали од 16 години да бидат ставени на лекување, доколку се зависни од опијати, да бидат ставени на третман со метадон или морфин.

Досега немаше протокол согласно медицина базирана на докази. Сега се работеа, но уште не се усвоени од министерство. Програмата за третман на деца и ресоцијализација и реинтеграција на деца е мултисекторски, тука најголем удел имаат министерство за труд и социјална политика и министерството за здравство, но и образованието има голема улога.

Оваа програма за жал, сè уште не е усвоена од владата и не може да се имплементира. Во 2019 година е последното истражување на ЕСПАД. Тоа е истражување кое се спроведува помеѓу средношколска популација и покажува дека кај оваа популација најчесто употребувани дроги се канабис, кокаин и амфетамини, додека трендот на употреба на опијатните дроги се намалува. За да се направи едно сеопфатно истражување, потребни се средства. Овие истражувања помагаат понатаму и во креирањето на политики кои ќе овозможат и намалување на побарувачката и намалување на понудата на дроги.

Дали се прават едукации на родителите со цел препознавање на сигналите кај децата кои злоупотребуваат дрога?

Хајди Штерјова Симоновиќ Постои национална стратегија за дроги во Македонија која е донесена 2020 година и ќе важи до 2025 година. За жал, поради ковидот, многу малку спроведено од таа стратегија. ХОБС заедно со Министерството за здравство ќе поддржи независна евалуација да се направи на досегашното што е спроведено. И во оваа стратегија за дроги и во сите претходни се состои од 3 дела: превенција, намалување на побарувачката, гонење на криминал – намалување на понудата.

Во делот на превенцијата, нашата држава многу малку прави. Голема улога има недостатокот во образовниот процес. Немаме стандардизирана, унифицирана програма која треба да се спроведува и преку образовниот процес и преку едукативни емисии. Тоа не можете да го правите паушално, има стандарди кои треба да се приспособат на контекстот. Ние за жал. уште чекаме надлежните да направат таква програма и да почне да се спроведува оваа програма. Имаме само два дневни центри за превенција коишто работат на превенција помеѓу млади и нивните родители.

Документарен магазин Приказна

Она што е важно, не смее таа превентивна програма да ја поддржува стигмата и да вкоренува стигмата, туку да биде воспоставена на начин на којшто од една страна нема да се жигосуваат тие што веќе почнале да употребуваат дрога, а од друга страна доволно ќе се информираат сите останати млади деца и возрасни, да знаат што значи употребата на дроги. Матичните лекари играат клучна улога во овој момент, можеби родителот нема да препознае, но матичниот лекар може да ги препознае одредените знаци и да советува и соодветно го упати. Со сила ефекти никој не постигнал. Мора државата да превенира други ризични фактори коишто може да доведат до употреба на дроги помеѓу младите. Мотивирање и активно вклучување на лицето, да се третира за да има успех.

Пред 30 години имавме хероинска опијатна епидемија во државата, каде што многу луѓе изгубија животи. Има луѓе што сè уште трпат последици. Не сакаме да ни се случи слична епидемија со синтетски и т.н. клупски дроги како што се кокаинот, амфетаминот и други. Крајно време е државата да ја сфати улогата на превенција кога станува збор за дрогите.

Ване Маркоски

Exit mobile version