Фејсбук објави дека го прекинува развивањето на детската верзија од апликацијата за споделување фотографии на Инстаграм. Ова се случи по критиките и силната загриженост на јавноста дека платформата може да му наштети на менталното здравје на младите луѓе. Станува збор за апликација која требаше да биде наменета за деца под 13 години.
Дигиталната платформа „Инстаграм“, која е во сопственост на Фејсбук, знаела дека нејзината истоимена апликација предизвикува тинејџерките да се чувствуваат полошо во поглед на перцепцијата на нивниот физички изглед во реалноста, како резултат на виртуелните перцепции за женското тело, откриваат документи кои протекоа во јавноста.
Дури 32 отсто од тинејџерките изјавиле дека кога се чувствувале лошо во врска со нивното тело, со користењето на „Инстаграм“ се чувствувале уште полошо, се вели во извештај кој го пренесува Вол стрит журнал.
Шефот на Инстаграм Адам Мосери изјавил дека проектот кој е наменет за деца и има за цел да се создаде верзија на апликацијата под надзор на родителите, е погрешно разбран.
Објавата на Фејсбук следи во очи на сведочењето на еден од нивните директори на сослушувањето организирано од американски сенатори, со цел да ги испитаат „токсичните ефекти на Фејсбук и Инстаграм врз младите“.