Дигиталната платформа „Инстаграм“, која е во сопственост на Фејсбук, знаела дека нејзината истоимена апликација предизвикува тинејџерките да се чувствуваат полошо во поглед на перцепцијата на нивниот физички изглед во реалноста, како резултат на виртуелните перцепции за женското тело, откриваат документи кои протекоа во јавноста.
Дури 32 отсто од тинејџерките изјавиле дека кога се чувствувале лошо во врска со нивното тело, со користењето на „Инстаграм“ се чувствувале уште полошо, се вели во извештај кој го пренесува Вол стрит журнал.
Споредувањето со другите на „Инстаграм“ го менува начинот на кој младите девојки гледаат на себе, според извештајот.
– Ги влошуваме проблемите со перцепцијата на телото кај секоја трета девојка – стои во записите на документите.
Според податоците на компанијата, тинејџерите го обвинуваат „Инстаграм“ и за зголемување на анксиозноста и депресијата. Документите откриваат и дека 13 отсто од британските корисници и 6 отсто од американските корисници веруваат дека „Инстаграм“ е извор на самоубиствени мисли.
Ова не ја спречува апликацијата да биде една од најпопуларните кај младите. Според истражувањата, дури 40% од Инстаграм корисниците се помлади од 22 години.
Извор Вол стрит журнал