Дома Став Колумна Учебници и решетки

Учебници и решетки

Да се видат нештата со очите и срцето на едно дете, често не умеат дури ни родителите и учителите. Најдобар пример за мене е кога од петто, ќе „се симнам“ во прво. Иако цел живот сум во училиште, потребно ми е време за да се адаптирам на возрасните особености на првачињата. Замислете колку ова е важно кога се пишуваат учебници, се воведува дигитализација … се прават реформи, а вие работите на некој факултет, во МОН, БРО … МАНУ. Имате најдобра намера, можеби и огромно теоретско знаење, ама не сте во училница, на местото каде од еден возрасен зависи скоро сè. Тогаш, најдобар ресурс ви се учителите кои секојдневно се во училниците. Без нив останувате ограничени во вашата научна перспектива и замисла. Многумина од тие учители би ви кажале – заборавете го наученото, за повторно нешто да научите.

Дали начинот на кој сега треба да поучуваме, е компатибилен со начинот на кој учат децата од четврто? Секогаш е важно да го видиме наставниот процес со очите и срцето на децата, но и да не ги заборавиме контекстуалните фактори. Кој е контекстот – во кое време, со кого, со што … зошто? Возраста и контекстот се две сериозни прашања кои бараат исцрпна системска анализа, пред да почнеме да се загледуваме во оние кои ја започнуваат дигитализацијата уште од прво одделение. Најкусо, јас мислам дека на децата од четврто, им се потребни и печатени учебници, особено по одредени предмети, заради нивните возрасни особености. Во врска со контекстот, доволно е прво да помислиме дека време за дигитализација е само кога сите ученици ќе добијат бесплатни уреди за дигиталните содржини.

Знам дека ако денес поучуваме исто како вчера, на учениците не им носиме добро утре. Претпоставувам дека во моментов навистина се користат искуства и директна поддршка од држави со успешни приказни, но ние сме си ние. Технологијата, дефинитивно може да ѝ помогне на педагогијата, но може и да ѝ одмогне кога брзаме стопроцентно да ја внесеме. Не така одамна, велеа дека имаме супер проект – Компјутер за секое дете. Како во интернет-кафе, тогаш од екраните не ги гледавме децата, трчавме да не истурат вода додека сликаат на ликовно, не знаевме што да им одговориме на налутените родители и арчевме многу енергија правејќи разни глупости. Тогаш возрасните потфрлија на огромна штета на децата, затоа што се донесе опрема без потребна инфраструктура, обучен кадар и софтверска поддршка, а се инсистираше на реализација. Крадците почнаа да оперираат, а од МОН и Инспекторатот да се закануваат со казни. Во некои училишта, како решение – ставија решетки. Компјутерите се безбедни ако има решетки, а колку се безбедни оние зад фиксните решетки? Би сакале ли да бидете ученик во таква училница? Се плашам дека одиме кон нови решетки, а старите уште ни стојат. Возрасните повторно ќе потфрлат затоа што се под притисок. Многу училишта во овој контекст не успеваат да го испорачаат она што се бара, особено во четврто одделение. Учебниците не се во малопродажба, па инспекторите можат да тргнат во поход. Овојпат, не за да бранат нечиј криминален проект и тоа навистина е премногу различно. Ако добро разбирам, сега се бранат авторски права и визија.

Учителите добро знаат дека охрабрувањето ги води учениците кон успех и дека „девет десеттини од учењето е охрабрувањето“. Зошто тие да бидат обесхрабрени? Клучот е во нивните раце, па макар и да имаме најдобро напишана Kонцепција и замислена реформа. Од нив зависи какви деца ќе излезат од училниците, затоа е добро да влезат со самодоверба и верба во промените. Тие ја градат климата во паралелката. Важно е да умеат да си одговорат и да им одговорат на учениците на прашањето – Зошто ова го правиме? Најповикани се искрено да кажат со што се соочуваат во четврто одделение и да дадат драгоцени сугестии. Само ако ги слушнеме учениците и учителите, ќе можеме да бидеме сигурни дека не ни се случува истата грешка – да правиме нешто за возрасните, а во име на децата.

Во Концепцијата препознав многу работи кои се во интерес на учениците и кои можат да донесат одлични промени. Она што мене лично ми пречи е кога воспитувањето не е нагласено и издвоено од образованието. И сега, во нашава Македонија, воспитаните можеме да ги препознаеме и издвоиме од невоспитаните, кога тргнуваат да ги бранат децата, не партијата. Тие не навредуваат и не покажуваат мускули, се трудат да ги разберат нештата во најдобар интерес на децата – од перспектива на децата.

И?

Да се обидеме да бидеме воспитани кога дебатираме и правиме нешто за нашите ученици. Мојот предлог е да најдеме простор и за безопасните испечатени учебници во четврто, а да ги тргнеме опасните заборавени решетки – од секаде.

Елизабета Петровиќ

Exit mobile version