19.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024
spot_img

Технологијата чекори напред, вредностите одат назад

Мора ли да бидеме совршени? Трендот кој ни го наметнуваат социјалните мрежи и онлајн медиумите, обременува. Беспрекорен изглед во секоја ситуација. За жал, она што повеќе погодува е фактот дека тој станува претежок за многу млади луѓе, особено тие кои се во најчувствителниот животен период-адолесценцијата. Тинејџерите ни се исправени пред тренд на недостижен идеал на убавина. Младите луѓе имаат лоша самодоверба и самоперцепција, како резултат на она што се наметнува во виртуелниот свет, од кој тие се дел секојдневно. Она што дополнително обесхрабрува е дека адолесцентите не го анализираат фактот дека објавените фотографии се обработени, иако се свесни за него.

Фотографиите кои залажуваат од Инстаграм ја нагласуваат леснотијата на позирањето во „совршените“ фотографии. Реално, факт е дека за совршена, лажно-спонтана фотографија, неопходен е силен напор и многу време. Постојат многу информации кои укажуваат дела социјалните мрежи се штетни за нас, но ние сè уште не се одрекуваме од нив.

За Тик-Ток веќе имаше многу реакции, особено по трендовите на самоубиства на деца. Но ништо помалку штета нема ни од популарната мрежа Инстаграм. Многумина од нас се фаќаат како ги залажува идиличниот залез на сонцето, совршени модели кои покажуваат како да се облекуваш, шминкаш, вежбаш. Во јавноста се создава силен притисок дека сите мора да бидеме совршени кукли.

Но, што ни се случува реално. Факт е дека животот не може да биде совршен, без разлика колку и да се обидуваме. Тоа создава пресија и емотивен товар кој често е претежок за нашите деца. Истражувањата за менталното здравје, особено во текот на пандемијата, покажуваат дека последиците се многу штетни, а ние сè почесто сме сведоци на депресија, осаменост, намалена самодоверба, силно незадоволство.

Факт е дека дури и пасивната употреба на социјалните мрежи, односно само следењето на нечии профили, не е помалку штетно. Секој од нас има перцептивна и субјективна слика за своето тело. Првата се однесува на нашите вистински пропорции, додека субјективната се однесува на задоволството или незадоволството од величината или обликот на нашето тело.

Свесноста за нашето тело се обликува во детството. Бројни истражувања укажуваат дека постојат случаи кога деца на шестгодишна возраст, покажуваат незадоволство и загриженост од сопствениот изглед и тежина. Во пубертетот знаеме дека телото трпи промени како резултат на транзицијата која се случува. Овие промени предизвикуваат промени и во менталниот развој. Честопати адолесцентите имаат намалена самодоверба.

Со појавата и развојот на социјалните мрежи, се наметна феноменот на инфлуенсери, кој на извесен начин стана основна алатка за функционирањето на дигиталните мрежи. Повеќе од 40 проценти од корисниците на Инстаграм се на возраст од 22 години или помлади. Ова како факт треба да не загрижува. Тенденцијата да се споделуваат само најдобрите моменти, притисокот да изгледаат совршено и прикажувањето и продавањето производи што создаваат зависност, може да ги поттикне тинејџерите во нарушувања во исхраната, недостаток на самодоверба, нездраво чувство на сопственото тело и депресија, откриваат внатрешни истражувања од март 2020 година, кои деновиве испливаа на површина.

За мене како родител, шокантна беше информацијата дека Инстаграм има самоубиствено влијание врз младите луѓе, а тимот на Фејсбук оваа анализа ја криел најмалку две години. Дигиталните платформи и социјалните мрежи, често се обвинувани за негрижа кон корисниците. Дали можеме ние да направиме нешто? Сигурно. Верувам дека секој од нас е свесен дека како што растат придобивките од дигиталната револуција, така се намалуваат вистинските вредности кои треба да бидат значаен дел од нашите животи. На крајот, ние правиме избори, затоа и треба да истражуваме дали тие се вистинските кои заслужуваат да добијат влез во нашите животи.

За Приказна

Вики Чадковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,096FansLike
2,007FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ