Дома Став Интервју Теодора Томовска-Ристовска: Кога имаме родители со различни родителски стилови, децата стануваат манипулатори

Теодора Томовска-Ристовска: Кога имаме родители со различни родителски стилови, децата стануваат манипулатори

Најчесто кога имаме родители со различни родителски стилови, децата стануваат манипулатори. На пример, ако мама вика дека детето треба да легне во 9, а тато вика нека легне во 10, детето го користи она што најмногу му се допаѓа. Децата ја одбираат страната на родителите кои се попопустливи, вели за Приказна, Теодора Томовска-Ристовска спец. едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација.

Зошто играта е важно средство за развој на детето, но и за изградба здрава и цврста врска на релација дете-возрасен?


Теодора Играта претставува медиум, средство, јазик низ која децата ги изразуваат своите мисли и чувства. Играта може да има терапевтско дејство кога детето се справува со некој стрес, трауматично искуство, анксиозност. Играта може да има и учечка форма доколку ја води терапевт или да го зацврстува односот на родител – дете во домашни услови. Со играта го поттикнуваме вниманието на детето, самостојноста, детето вежба самодоверба, учи правила. Друштвените игри се многу важни за социјализацијата, особено кога ќе почне да оди во градинка. Играта е многу важен процес и за зацврстување на врската родител-дете.


Според возраста какви видови игри треба да се приспособуваат на можностите на детето?

Теодора Игрите започнуваат уште од моментот кога детето ќе се роди. Во тој момент детето го истражува светот со помош на сетилата, со помош на рацете. Околу 10-12 недела се развива таа око-рака координација, потоа околу 17 недела имаме око-рака-уста координација, и потоа околу 5-6 месец, детето има око-нога-уста координација, односно тогаш ги истражува нозете и ги става во уста. Таа игра се нарекува физичка односно сензитивна игра.

Кога детето е веќе ментално зрело, слободната игра го стимулира дивергентното стимулирање, а додека пак игрите со имагинација даваат креативност. По сензитивната игра, настанува симболичката игра кога детето уште пред првата година учи со помош на имитација. Детето невербалната комуникација ја изразува преку гестови. Од првата до втората година имаме игри со преносно значење.

Во првите 3 години од животот, играта претставува основа за стекнување на детето со базични искуства и подлога за социјализацијата.

Кои се првите предуслови воспитувањето да биде успешно, а процесот за градење релација дете-родител да биде поставен здрави основи?

Теодора Воспитувањето како и градењето врска родител-дете е една комплексна тема. Таа врска се менува со развојната доба на детето.

Обично детето штом се роди, родителите имаат фантазија или неостварени амбиции од нивното детство и најчесто тоа ќе биде лекар, адвокат итн. Детето кога ќе се роди, го гледаме како трон на семејството. Но не е така, тоа е само член на семејството. Кога си трон на тоа семејство, целото внимание и целата изложеност е насочена кон еден член и тука најчесто кога стануваме родители, функцијата на брачните партнери се губи. Мажот и жената се насочуваат само кон детето. Најчесто децата кога имаме родители со различни родителски стилови, стануваат манипулатори. На пример, ако мама вика дека детето треба да легне во 9, а тато вика нека легне во 10, детето го користи она што најмногу му се допаѓа. Децата ја одбираат страната на родителите кои се попопустливи.

Зошто е важно семејните партнери да бидат партнери во донесување на одлуки?

Теодора Тука се важни родителските стилови. Имаме диктаторски стил каде децата имаат ригидни граници. Тоа значи дека детето и кога ќе излезе надвор од комфор зоната и да сака да премине некои граници со другарчето, тоа смета дека ќе биде казнето.

Имаме попустлив стил кога на детето се му е дозволено. Детето нема доволно внимание, ограничување и хиерархија во семејството, тука граници нема.

Имаме демократски стил каде што децата треба да го знаат своето место во семејството.

Пред да станеме родители, ние не знаеме што е тоа родителство. 60% од улогата на родител ја влечеме од тоа каков бил односот помеѓу нашата мајка и татко.

Во градењето на семејни релации се вели дека е важен процесот на информации. Зошто е тоа така?

Теодора Секој член во семејството треба да има свој личен простор. Кај децата кои се ментално и емоционално зрели, односно кај деца над 3 години, треба да имаме начин на поставување на граници. Детето треба да го знае своето место во семејството.

Имаме ситуација каде двајца родители се шетаат во парк со нивното петгодишно дете и го известуваат дека за 1 час ќе си одат дома, бидејќи ќе им дојде тетката. По тој час, мајката вели дека време е да си заминат, додека таткото вели дека може да останат уште 15 минути. Тука имаме судир каде родителите пред детето се расправаат, влегуваат во конфликт кој освен што е родителски, пременува во брачен конфликт, а детето станува манипулатор.

Родителството не оди со некое упатство. Секое дете во семејството е своја индивидуа и таа индивидуа треба да се почитува. Ако првото дете сме го воспитале на таков начин, второто дете може ќе биде сосема поинакво. Секое дете се раѓа со генетска предиспозиција. За да бидеме родители какви што сакаме да бидеме, треба да работиме и на нас самите.

Кога имаме проблем со детето, најчесто проблемот тежи во родителот. Многу е важна и емоционалната зрелост на родителите. Емоционалната незрелост ги турка децата да го менуваат своето вистинско јас, за да им се допаднат на родителите и да го привлечат нивното внимание. Има многу родители кои се јавуваат на терапија, а кои се егоцентрични. Многу е важно родителот да биде активен слушател кога детето зборува, да ги цениме неговите мисли и чувства, да бидеме емпатични со него. Кога сме му ветиле нешто, треба да бидеме доследни во тоа. Со тоа доаѓа и довербата.

Ване Маркоски

 

 

Exit mobile version