3.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Стојановска Иванова: интернет зависноста создава изгубени генерации

Од она што досега е познато, дефинитивно има интернет зависници, има зависници од социјални мрежи и од видеоигри. Се случува алиенација – отуѓување, первертирање на вредносниот систем и моралните навики кај децата. Развој на егоизмот и на индивидуализмот, како едни од вредностите, кои според мене, не се општествено посакувани или добри за развој на општеството. Ова се последици на кои ако не се посвети внимание, ќе бидат далекусежни. Ако се продолжи со овој тип на зависност посебно кај младите, може да имаме изгубени генерации, вели во интервју за Приказна, професор Татјана Стојановска Иванова

Приказна Што е интернет зависност?

Стојановска Иванова Станува збор за една тема којашто во моментов е многу интересна, актуелна и провокативна. И социолозите и психолозите и психијатрите, од различен аспект говорат низ целиот свет за интернет зависноста, особено што живееме во ерата на масовните медиуми. Едно од круцијалните прашања кое се поставува е кои се придобивките и негативните аспекти, кога вагаме про и контра и едно од прашањата кое се изнедрува на површина кога зборуваме за зависностите, посебно говорејќи за интернетот и улогата во современите општества е зависноста којашто се јавува, посебно кај категоријата млади или деца – кај сите оние кои допрва треба да почнат да чекорат низ шумата наречена живот.

За разлика од другите зависности за кои сме имале мерила, кога некој можеме да го наречеме зависник, во контекст на алкохолизам или оној што користи психотропни супстанции, малку станува збор за нов поим-интернет зависност. Одредени аспекти во контекст на мерливоста на интернет зависноста – дали создава психичка или физичка зависност, од она што досега е познато, дефинитивно има интернет зависници, има зависници од социјални мрежи и од видеоигри.

Американските социолози веќе зборуваат многу сериозно на таа тема и се обучуваат оние кои ги специјализираат девијациите во контекст на интернет зависности. Има и болници коишто третираат интернет зависници. Ова станува сериозен проблем.

Во Јапонија, многу пластично ќе кажам еден пример за да сфатиме што е интернет зависност. Кога еден тинејџер, на свои 16 години седи пред својот компјутер и е толку сконцентриран што буквално заборава и нема време, па ги става своите физиолошки потреби на страна. Во Јапонија се измислија пелени за адолесценти, што е нешто страшно. Ние претходно тие навики сме ги социјализирале, знаеме како да ги вршиме основните физиолошки потреби, а ова значи сосема враќање назад. Тоа е фрапантно. Тоа е зависност. Уште пострашно е што самиот родител, за да неговото дете не создаде нервоза, да не изгуби време одејќи до тоалетот, им ставаат пелени и сите физиолошки потреби ги вршат во нив, а детето е сконцентрирано на играта, на комуникацијата на интернет или на нешто коешто го следи.

Можам да кажам и уште еден пример, за да ни биде појасно на сите. Во Србија, пред околу една година, една самохрана мајка со дете од две и пол години, имала пријател со кој комуницирала преку мрежата Фејсбук. За тоа време додека комуницирала, а тоа траело со часови, детето огладнело и почнало да бара храна. Прво таа го игнорирала, меѓутоа детето од потреба за храна почнало да плаче, додека таа станала да му даде храна-во тие десетина минути додека му подготви нешто, нејзиниот пријател се исклучил од Фејсбук, кај неа се запоставува мајчинскиот инстинкт и се тоа што значи емоција. Таа го фаќа детето и го фрла во ѕид.

Овие примери укажуват дека дефинитивно станува збор за многу специфична зависност. Кога вие најзначајните емоции кои треба да бидат на пиедестал – како љубовта кон семејството и кон детето, вие ги запоставувате, тогаш дефинитивно може да кажеме дека постои интернет зависност. Често пати сме несвесни, но ваквите примери нè освестуваат и ни ја вадат на површина потребата јавно да проговориме и да преземеме нешто, затоа што ако се продолжи со овој тип на зависност посебно кај младите, може да имаме изгубени генерации. Последиците може да бидат катастрофални во нивниот живот подоцна.

Приказна Од ова што го кажувате, се чини дека менталниот момент е многу страшен. Но, какво е влијанието врз општото здравје, колку влијае интернет зависноста врз правилниот развој – коските, ’рбетот, очите?

Стојановска Иванова Имавме конференции кога настана преголемата експанзија на видео – игрите, на социјалните мрежи и за сè она што е поврзано со интернет. На тие конференции сме зборувале повеќе ние од општествените науки за оној општествен и социјален контекст, за моментот на алиенација, но има колеги – медицинари, кои зборуваат посебно за психата, посебно за биолошките проблеми, односно за физиолошкото здравје на децата.

Прво, кога се работи пред компјутер повеќе од два часа имате проблем со очите. Тоа го кажуваат и колегите на тие конференции, тоа е и публикувано во реномирани магазини. Се појавува т.н. пребрзо очно стареење. Исто така, на една онлајн конференција стана збор и за влијанието на кожата предолгото седење пред компјутер. Експерт – дерматолог зборуваше за стареењето на кожата и за пигментацијата којашто се јавува токму како резултат на зрачењето. Тоа се нови искуства, нови истражувања кои допрва ќе ни кажат и за некои нови последици.

Пред пандемијата со Ковид-19, правевме една долгорочна студија, која ни покажа фрапантни резултати. Потоа тоа беше потпомогнато и со онлајн наставата, којашто мораше да се случи, но децата и така беа веќе фокусирани кон компјутерите и кон интернет, сега надополнето со онлајн настава, па се случува алиенација – отуѓување, первертирање на вредносниот систем и моралните навики кај децата. Развој на егоизмот и на индивидуализмот, како едни од вредностите, кои според мене, не се општествено посакувани или добри за развој на општеството. Ова се последици на кои ако не се посвети внимание, ќе бидат далекусежни.

Сосема е поинаку кога детето игра со група врсници, па се учи како да биде лидер или се учи на некои правила, тоа е друг тип вредности. Се учи како да се челичи, како да се постави во животот на еден начин на комуникација. Сега се гледа еден поинаков начин на комуникација – скратување на зборовите. Се запоставува дури и мајчиниот јазик со правење на некакви кратенки, кои ги разбира само одредена група. И во однос на најмалите, она што е пострашно, тие побрзо го учат англискиот јазик и потоа имаат проблем со мајчиниот јазик. Ако поразговарате со логопеди и дефектолози, ќе видите дека децата имаат проблеми во изговорот.

Приказна Научници во Тајланд кои работеле на оваа проблематика, откриваат дека 20 часа неделно е прагот којшто укажува дека имаме интернет зависност. Слични се истражувањата на научници од Британија и на психолози кои укажуваат дека временската рамка од над 4 часа на ден, значи дека имаме интернет зависност. Сте правеле ли вие некои истражувања на терен кои говорат во прилог или контра на овие факти?

Стојановска Иванова Со неколку мои колешки работиме на едно ново истражување кое го почнавме пред неколку месеци, во контекст на интернет зависноста и во однос на вредносните скалила, дали се менуваат вредностите и моралните аспекти кај децата – какви биле тие пред една година, па ќе ги мериме за неколку месеци, па потоа ќе продолжи таа студија, ќе направиме разлики.

Во однос на интернет зависноста, бидејќи е нова појава, дали можеме да кажеме дека е некој зависник во однос на времето што го поминува на интернет. На тие трибини каде што го разговараме ова, временската рамка е битен момент, но мораме да бидеме претпазливи затоа што кај некој што во континуитет следи интернет содржини, исто така се намалува прагот на зависност и прагот на толеранција – во кој контекст?! Ако тој следи да речеме 5 или 6 часа во текот на денот, потоа истиот ефект на негова анксиозност може да го има и по 1 час гледање интернет содржини. Тоа е специфичноста кај зависноста – како се намалува прагот на толеранција со текот на времето кога е изложен на тие содржини.

Во неколку земји од ЕУ се правени истражувања на експериментална и на контролна група на деца од 8,12 и 14 години. На децата им се пуштаат интернет содржини коишто изобилуваат со агресија, насилство, бруталност и на друга контролна група каде што им се читаат приказни – значи тие не се изложени на интернет, коишто имаат позитивност, емпатија и емоција. Тоа се прави во континуитет од неколку недели. Резултатите што говорат?! Дека, притоа, во нивната меѓусебна игра оние што биле изложени на интернет содржини коишто изобилувале со агресија и со насилство, и на најмала провокација тие го манифестирале тоа и реагирале многу побурно, се намалувало трпението кон поинакво размислување и тие деца имаат потреба од таква содржина повторно. За разлика од нив, децата кои слушале приказни со тивок и милозвучен глас, со музика, кај нив прагот на толеранција е поголеми кај нив нема таква бурна реакција.

Нема достапен опис
Интервју со професорката Татјана Стојановска Иванова

Ги гледаме децата на едногодишна возраст, оние кои се учат за основните навики за исхрана – мајката ги седнува во столче за хранење и ги учи да користат виљушка, лажица, најголем процент од родителите за им го привлечат вниманието на децата им ставаат пред нив екран со содржини од интернет. Тоа дете гледа содржина со некоја интересна музика, со шарени бои и потоа на три години тоа дете не може само да се храни или ќе се храни, но ако сака да јаде има потреба, дури некогаш уценуваат децата, да имаат пред нив и да гледаат интернет содржини.

Приказна Би ги споменале и фобиите, бидејќи истражувањата кои се правени откриваат, дека интернет зависноста кај децата предизвикува појавување на фобии.

Стојановска Иванова Апсолутно, тоа е нешто што во последните години се расветлува. Фобиите и стравовите коишто се јавуваат можат да се врежат и да станат проблем во подоцнежниот развој. Има одредени игри кои децата ги играат, да не зборуваме тука за игрите кои како последица имаат и самоубиство, тоа да го оставиме за некоја прилика каде ќе ги анализираме девијациите и стравотиите кои се јавуваат кај децата, токму како резултат на тие интернет содржини.

Да го земеме стравот од непознатото, стравот од замисленото, живеење во нереалност, фобии од секаков вид што се јавуваат во подоцнежниот живот и тоа како може да предизвикаат проблем во нивното нормално растење и развивање.

Во нашето истражување една од темите е од што најмногу се плашат кога гледаат содржини, кои ги сакаат и дали има некои стравови кои подоцна се рефлектираат. Интересно е едно дете што вели, за некоја игра со вода, тоа го раскажува во фокус-група неговата мајка, детето кое има 6 години немаше проблем да се бања во море или езеро, сега не сака да влезе во вода бидејќи имало давење. Кај детето се создала фобија од водата.

Документарниот магазин Приказна на тема интернет зависност

Приказна Кај возрасните она што се практикува како искуство е самоконтролата како терапија, но многу земји почнаа да применуваат за најмалите т.н. шумски градинки или училишта за да го избегнат употребувањето на дигиталните алатки и да ја користат природата во поглед на совладувањето на зависноста. Дали се размислува да се донесе некоја слична стратегија која би била корисна?

Стојановска Иванова Тука ве поддржувам и она што е стратегија и кај земјите од ЕУ, не е само „шумски“ училишта или градинки, туку и враќање кон природата. Тоа го има во Австрија, Швајцарија, Словенија. Сум имала можност да ги посетам овие места, сум комуницирала и со колеги за да размениме искуства како тоа се прави и тоа е многу добро.

Јас велам дека Жан Жак Русо бил во право кога велел да се вратиме во природата, затоа што ние доаѓаме од природата и таа е нешто што само може да ни биде корист, затоа што ние живееме во еден вид на урбана џунгла, сакаме природата да ја приспособиме на нашите потреби, а таа може бурно да ни врати.

Ние треба да се вратиме во контекст на убавините од природата. Во тие шумски градинки децата си играат и комуницираат меѓу себе. Се учат на некои убави животни правила и навики. Во природата дишат чист воздух, гледаат зеленило, нешто што ги одмора очите. И она што е најзначајно – слободата, бидејќи ние постојано ги ограничуваме во нешто. Слободата е нешто најважно за детскиот развој.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ