„Почетоците се некаде пред околу дваесет години, не можам точно да го лоцирам периодот, но тогаш практично јас се запознавам со овој начин на исхрана, којшто сега е многу трендовски.“-вака ја започнува својата приказна, новинарката Соња Трајковска во која го пренесува својот начин на исхрана.
„Се запознавам преку еден здравствен проблем за којшто всушност не знаев дека го имам. Во тоа време бев на еден престој во Америка и чувствував некаква омалаксаност, немав никаква енергија иако добро се хранев, се движев, немав некои посебни обврски – сè беше нормално како за некој на таа возраст.
Барајќи решение за тој проблем, да видам што би можело да биде, какви медицински испитувања се потребни, дојдов во една ситуација каде што ми открија проблем којшто можам да го решам преку храна. Тогаш се запознав со т.н. „low carb исхрана“ за којашто би рекла дека е основа на денешната кето исхрана. Освен препораката за исхрана со low carb купив и една книга за која ми рекоа да го прочитам предговорот којшто беше некаде околу 200 страници. Книгата беше на англиски, иако имам познавање од англискиот јазик, кога треба да читаш стручна литература е малку покомплицирано, ама издржав и ја прочитав. Дојдов до едно сознание дека воопшто нема ништо лошо во тоа, всушност станува збор за истите работи кои и досега ги јадев, но на еден погрешен начин. Многу ми помогна што во книгата имаше едно мени, двонеделен почетен стадиум. Кога почнуваш со таква храна, тоа бара голем ангажман и голема одговорност и многу внимание да се посветува бидејќи готвиш, внимаваш што внесуваш, броиш јаглехидрати, калории, комплетна нутритивна вредност.“-раскажува Соња.
„Јас почнав, а на почетокот почнав да чувствувам некои чудни симптоми. Во устата чувствував вкус како на ацетон, како некој метален вкус и ништо не ми беше јасно. Тоа им го поставував како прашање на лекарите, на други луѓе кои се разбираат од оваа проблематика и дојдов до сознание дека станува збор за еден процес што се вика кетоза, односно кога нема доволно шеќери во организмот и мастите се претвораат во шеќери, односно во енергија за мускулите. Ова беше едно чудно сознание, сум учела биологија во училиште, но не толку стручно за да си го објаснам овој процес. Најважно од сето тоа, како за еден млад човек, јас почнав да слабеам. За мене тоа беше извонреден резултат. Не слабеев на тие делови кај што не треба, напротив, слабеев на оние делови каде што тоа беше потребно. Слабеењето не беше единственат корист, јас почнав да се чувствувам подобро, почнав да имам енергија.“-вели Соња во поглед на новите навики кои се дел од исхраната.
Овој тип на исхрана бара посветеност. Според Трајковска, единствен проблем и било тоа што овој тип на исхрана бара многу голема дисциплина.
„Ова подразбира дека бара одреден број на оброци, во определен дел од денот, да имаат определен квалитет и тие да се приготвени по одредени параметри. Ми беше проблем да се навикнам на тоа бидејќи до тогаш немав навика да појадувам, сега одеднаш требаше да станам и да појадувам наутро околу 6 часот, а околу 8 часот веќе да се качам на автобус или на метро за на работа, па во тоа брзање не го јадев цел оброк, јадев околу половина или колку можам,ама гледав да се придржувам. Тие неколку години додека престојував во Америка се навикнав на овој систем на исхрана. Кога се вратив во Македонија,наидов на многу големи проблеми да го одржам тој начин на исхрана. И денес, после 20 години барам начин како нашите традиционални македонски рецепти да ги претворам во кето варијанта. Тоа не значи дека јас слепо се држам до сето тоа, тоа значи дека секогаш се враќам на тој начин на исхрана кога ајде да речеме сум имала „лош ден“. Под лош ден сметам, ајде да речеме, сме биле некаде на роденден, домаќините не можат да ти подготват мени според твојот начин на исхрана, не е културно да не пробаш од тоа што е сервирано. Јас ќе пробам од тоа, ќе изедам можеби и парче торта или некоја друга слатка, меѓутоа, јас следниот ден си се враќам на мојот начин на исхрана. Јас одлучувам кога ми се потребни поголем број јаглехидрати, си го следам организмот. Јас веќе знам како функционирам. “-ни открива Соња.
Таа знае што и е потребно или како што вели: „на пример за мене не постојат газирани пијалаци, сокови, па дури и цедени, бидејќи по консумацијата не сум се чувствувала добро. Дури и некои овошја воопшто не ги консумирам, затоа што сум забележала дека не ми одговараат иако тие се дозволени во кето исхраната.“.
За крај, порачува дека секој треба да си ја најде својата средина во кој било начин на исхрана, едноставно треба да си го слуша својот организам.