Слободан и Валентина Настески се сопружници кои живеат заедно веќе дваесетина година во селото Србјани, Кичево. Слободан има четириесет и пет, Валентина триесет и девет години. Сиромаштијата не им дозволила да се остварат ниту како родители. Тие живеат во една соба до која е буквално и невозможно да дојдеш, а да не се повредиш.
Гнили штици, искршени врати и прозорци, свиени тавани, кои само што не се срушиле и не ги потрупале. Ова семејство со децении не знае што е бања и тоалет. Некој ќе рече: па, нека работат за да направат. Но, на Слободан никој не му дава шанса да заработи за живот. Затоа, со право ќе кажам, ова се луѓе заборавени од светот и од најблиските, а тие веќе се со изгубена верба во животот. Не чекаат веќе ништо и никого, освен сопствената смрт. Единствениот настан кој можеби е прв после многу поминати години во оваа куќа од пред неколку века е посетата на екипата на „Срце на дланка“ која имаше цел да ги потсети дека се сè уште живи.
Слободан има четириесет и пет години. Потекнува од Србјани. Селото пак, во кое им се наоѓа семејниот дом пред распаѓање се чини како некое митско место, каде времето тече циклично, а, животот на овие луѓе е со повторлива, децениска ритуална динамика. Тој бил среќен во татковиот дом како дете и сè било добро додека бил жив неговиот татко, иако, животот им бил скромен и сиромашен. Пред две децении ја наоѓа сродната душа, но, токму поради немаштијата тие никогаш нема да се осмелат да имаат рожба до сега. Овие средовечни луѓе живеат во куќа од дедо и прадедо стара неколку века која веќе попушта од сите страни. Наместо да му се подаде рака на овој човек да здогледа бел ден, тој и сопругата се најчесто потсмев за селаните и роднините.
– Сите ме мразат, омаловажуваат и понижуваат. Никој не ми излегува во пресрет – вака ја започнува својата животна сторија за емисијата „Срце на дланка“ Слободан Настески.
– Многу ме погоди и смртта на татко ми. Чувствувам како да ми фали нешто. Но, ми остави аманет. Немој синко додека си жив да го напуштиш родното огниште. Куќата е стара над сто години и многу е пропадната. Во зима тече од сите страни. Живееме без струја и без вода. Куќата нема ниту бања ниту тоалет. Се снаоѓаме со децении-продолжува Слободан.
– Не знам што значи да се избањаш. Не знам што е тоалет. Преку ден одиме зад куќа, а навечер во кофи. Така со години. Од сиромаштијата се разболев. Од искршените кревети, сè ме боли. Веќе не можам да издржав. Лани ми ја оперираа и ногата, сега имам вештачки колк. Во април треба да одам на контрола во Охрид, а со што и како, кога живееме со четири илјади денари-ја отвора душата Валентина, сопругата на Слободан.
Слободан е во години кога може да работи, да создава и сака да го прави тоа. Но, за жал, и покрај ваквата мака, луѓето си поигруваат со него и не му даваат шанса да го искористи својот потенцијал за да преживее, па, тие буквално преживуваат имајќи пари само за два дена во месецот.
– Многу сакам да работам, но, никој не ми дава шанса. Друго ќе биде да земам плата. Сам ќе си направам сè. Живееме со едно социјално, кое е доволно само за два дена во месецот. Другите денови сме или гладни или страдни. Секој ден, дувало, грмело, врнело, светнало, јас одам десет километри пеш, само да земам еден оброк. Имав едно старо количе, ама и тоа ми се расипа. Знаете, вели Слободан, кога сиромавиот ќе се фати на оро, тапанот ќе пукне. Ние два дена живееме убаво, два месеци преживуваме. Чинам на светот нема човек со помизерен живот од мојот. Тоа што ме плаши е дека секој ден е сè полошо и полошо-додава тој.
Сопругата на Слободан е навистина болна. Таа има вештачки колк и била на неколку операции. Старите и дотрајани кревети, искршените прозорци од кои дува од сите страни само дополнително и ја влошуваат состојбата.
– Жал ми е за сопругата, инаку досега ќе си го одземав животот. Па, како да сакам да живеам, кога како маж не сум способен да и обезбедам нормален живот. Немам ниту за аналгин, а не за лековите кои поради болеста треба да ги прима. Ако купам лекови, ќе немам за леб-низ солзи вели овој средовечен маж.
– Учен сум јас и без леб и без вода. Ама, само аманетот кон татко ми да го исполнам, чинам ќе бидам најсреќниот човек на светот. Само куќава да ја пристегнам, па, макар и доживотно да гладувам-ја завршува својата животна сторија овој несреќен човек.
Оној кој сака да помогне, тоа може да го направи на следната трансакциска сметка 210501699457218 НЛБ Банка или на следниот контакт број 076/638409
Автор Оливера Петрушевска