Славка Тодевска е измачена жена и самохрана мајка на која животот ќе и го сервира најцрното сценарио. Губење на најмилото. Човекот со кого ги раѓа децата, загадочно исчезнува и никогаш нема да се дознае каде е. Таа се снаоѓа, на почетокот со помош на родителите, а подоцна со човекот со кого ќе одлучи да го дели животот и кој ќе ги сака нејзините деца како да се негови. Но, по смртта на родителите и на нејзината поддршка најблиските ќе и го забодат ножот во грбот на Славка. Ќе ја остават безмилосна на улица. Истовремено, го губи и синот, па, од тогаш започнува пеколот на оваа жена. Спие каде ќе се снајде. Некогаш под отворено небо, некогаш кај соседи кои сè уште ја ценат. Се моли за да го помине денот. И, преостанува уште да ја испружи раката и да проси. Но, нема никаков приход, ниту за храна ниту да го посети единственото дете и внуците кои живеат во Велес.
Потеклото на Славка е од Скопје. Родена е и порасната во населбата Ченто. Раѓа две деца Оливер и Оливера, чиј татко загадочно ќе исчезне, па целата обврска околу малите, ќе остане на Славка. Среќа, родителите и помагаат, но, таа помош трае додека тие се живи. Подоцна Славка добива поддршка и од човекот со кого ќе одлучи да го дели животот и ќе ги прифати нејзините деца како да се негови. Но, црнило го завива животот на оваа жена, па таа почнува да копа гробови, најпрво за родителите, а потоа и за останатата фамилија. Еден ден и за најмилото.
– Имав убав живот. Таткото на моите деца ме остави и никогаш не дознав каде е. Сама, со помош на родителите ги раснев децата. Подоцна запознав еден човек кој се грижеше за мене и за децата како да им е татко. Тогаш немаше посреќна жена од мене-започнува Славка да го раскажува својот живот. И, очигледно е дека најблиските се караат и лицето си го покажуваат кога ќе дојде времето за поделба на имотот, па, така и во случајот на Славка. Кога треба да се одлучува за наследството, најблиските ја изигруваат. Како резултат на тоа, денес таа е на улица, сама и беспомошна, моли за корка леб и крв над глава. Сè што и треба на неа е мало ќоше за спиење и социјална помош за да остане во живот.
– Додека родителите ми беа живи работата беше под контрола. Умреа тие, исчезна и хармонијата во семејството. Дури браќата се дрзнаа да си препишат сè за себе, а мене да ме исфрлат на улица. Еве и денес, да не е сосед кој цел живот ме познава да ме прибере, ќе спијам на улица-додава Славка. Најголемата болка во животот, Славка ќе ја доживее на 2 јануари 2013 година, кога засекогаш очите ќе ги затвори нејзиното чедо. Па, не и преостанува ништо друго, освен да се моли на Господ и неа да ја земе кај него.
– Во најтешкиот период го изгубив и единствениот син. За мене од тој ден нема живот. Останав сама на улица, ама останав и празна во душата-вели Славка. Не барам ништо посебно, само тоа што ми следува. Агол каде да ја ставам главата, и социјална помош за да можам да преживеам. Ништо повеќе-со солзи завршува Славка, со надеж дека светол ден ќе дојде и во нејзиниот живот после сите бури и темнини.
Сите што сакате да помогнете на Славка Тодевска, тоа може да го направите на телефонскиот број 077/592621 или на жиро сметката 210501750099754
Автор Оливера Петрушевска