Дома Вести Светската здравствена организација го одбележува Светскиот ден на здравјето: „Наша планета, наше...

Светската здравствена организација го одбележува Светскиот ден на здравјето: „Наша планета, наше здравје“

Секоја година на 7 април, Светската здравствена организација го одбележува Светскиот ден на здравјето, овој датум ја означува и годишнината од основањето на СЗО во 1948 година. Во центарот на вниманието е одредена здравствена тема која предизвикува загриженост ширум светот. Оваа година под темата „Нашата планета, нашето здравје“, СЗО ќе го насочи глобалното внимание кон итните акции што се потребни за луѓето и планетата да бидат здрави и да се поддржи движење за создавање општества фокусирани на добросостојба.

Во ек на пандемија, загадена планета, зголемен број случаи на рак, астма и срцеви заболувања, темата на Светскиот ден на здравјето 2022 е „Наша планета, наше здравје“. На овој ден, СЗО ќе го насочи глобалното внимание кон итните акции што се потребни за луѓето и планетата да бидат здрави и да се поддржи движење за создавање општества фокусирани на добросостојба, изјави за МИА Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО за Европа и в.д. шефица на Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија.

Јохансен истакна дека нашето здравје и здравјето на планетата се нераздвојно поврзани, а потребата да се фокусираме на создавање здрави општества на здрава планета станува сè поочигледна.

Темата на Светскиот ден на здравјето во 2022 година се однесува на врската меѓу здравјето на нашата планета и здравјето на луѓето, животните, растенијата и сите други живи суштества.

Последиците од аерозагадувањето мора да се споменат во два сегмента – врз здравјето на луѓето и врз животната средина. По резултатите од најновите истражувања коишто секојдневно се објавуваат насекаде низ светот, може да се види дека последиците од загадувањето се чувствуваат речиси на секој орган во човечкиот организам, а не само врз белите дробови како што се мислеше порано бидејќи тука е влезот на тие честички. Откако тие честички ќе ги поминат белите дробови, влегуваат во крвта и се шират низ целиот организам, ги оштетуваат и крвните садови, фокусот на смртоносните ефекти е врз влијанието на срцето и мозокот.

Сите можни болести можат да се поврзат со аерозагадувањето, но сепак фокусот е дека доаѓа до оштетување на срцето и мозокот со загадувањето на крвните садови, нешто што порано се сметаше дека е резултат на артериосклероза како последица на лоша исхрана и метаболистички нарушувања, изјави за Приказна проф. д-р Драган Ѓоргев – Институт за јавно здравје.

Процените на СЗО говорат дека повеќе од 13 милиони смртни случаи ширум светот секоја година се последица од еколошки причини што може да се избегнат. Во ова е вклучена и климатската криза која претставува најголема закана по здравјето на човештвото.

Според Светскиот здравствен статистички извештај на СЗО за 2021 година, незаразните болести (НЗБ) се водечка причина за смрт во светот. Во европскиот регион на СЗО, незаразните болести се причина за речиси 89 проценти од сите смртни случаи. Најголемиот дел од ова зло доаѓа од четири главни НЗБ: кардиоваскуларните заболувања, малигните заболувања, хроничната респираторна болест и шеќерната болест.

Exit mobile version