Дома Вести Самостојна изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани...

Самостојна изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани во МСУ

Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје се отвора самостојната изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани од Косово. Куратори на поставката се: Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.

Селмани е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во МСУ – Скопје.

Изложбата на текстуални дела, објекти и видео во МСУ се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури. Делата се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта, кои ги обликуваат нашите животи и ги преиспитуваат историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост.

„Понекогаш само се обидувам да ја пренесам оваа состојба на умот во уметнички дела, кои несвесно содржат хумор, како критика на она што ние веруваме дека е дефинитивно“, вели авторот.

Неговите дела се конструирани како имагинарен дијалог, со публиката, но и со самиот себе, како серија куси изјави или реторички прашања, отворајќи нови перспективи за нашето разбирање на себството, за заедничкото и за различните аспекти на современиот живот.

Интервенирајќи во областа на јазикот, од старата народна мудрост до поезијата и детските песни, практиката на Селмани ги допира стравовите, неволјите и грижите што ги изразуваат обичните луѓе.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија и ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.

Exit mobile version