Дома Најнови Розалија Секуловска: Да не ги чуваме децата во стаклено ѕвоно

Розалија Секуловска: Да не ги чуваме децата во стаклено ѕвоно

Денешните генерации, не стануваат да кажат добар ден. Оттука сè е јасно. Можам да кажам дека во денешните околности како да го префрлаат врелиот костен еден на друг, кој е виновен, зошто е детето такво. Јас би рекла, „сите се виновни“ но сржта потекнува од дома. Сепак, училиштата се воспитно образовни институции, а ние родителите, возрасните го имаме приматот да го воспитуваме нашето дете и да помогнеме во образованието. Јас би рекла поголема почит кон наставникот и од родителите и од децата. Да ги научиме децата дека тој наставник треба да се слуша, тој наставник има за цел да ги воспита и научи, да не се праќаат двојни и измешани пораки. Тогаш таа војна ќе спласне и сите ќе бидат победници, вели во интервју за Приказна, Розалија Секулоска, магистер по развојна психологија.

Како да му се помогне на детето да ја развие емоционалната интелигенција?

Розалија Во последно време како да се заборави на емоционалната интелигенција и родителите а и општеството сè повеќе ја форсираат когнитивната интелигенција. Емоционалната интелигенција значи дека сите ние се раѓаме со чувства, ги изразуваме тие чувства и комуницираме со тие чувства. Тоа би значело дека се започнува во семејството.

Самите родители треба да имаат висока емоционална интелигенција и да му дозволат на детето, да создадат една безбедна атмосфера во којашто детето ќе може да ги покаже сите емоции. Честопати родителите свесно или несвесно санкционираат определен број на емоции, особено оние што се негативните како што се лутината и стравот.

Потребно е родителите да се едуцираат дека и лутината и стравот, љубовта, радоста се емоции и детето убаво е да биде во контакт со своите емоции и да ги распознава во кој дел од телото ги чувствува и да научи како да ја покаже секоја емоција. Деца коишто имаат висока емоционална интелигенција во животот имаат голема веројатност да градат добри и квалитетни интерперсонални односи.

Како да поттикнеме развој на емоционална интелигенција кај децата?

Розалија Живееме во едно многу чудно време би рекла, каде што од сите страни сме бомбардирани со брзи промени и негативни влијанија. Во целиот овој процес и родителите се дефокусирани од примарното семејство, од децата и за жал повеќе време посветуваат за да заработат. Децата како да се препуштени сами на себе, сами да го структурираат времето.

Понекогаш е добро да им се даде време да го структурираат времето, да уживаат, да бидат креативни што ќе прават, но родителот е главната фигура во целиот живот на детето. Убаво е современиот родител да гледа што повеќе да ги намали социјалните мрежи, телевизија и да се врати кон старите игри каде што имаме контакт, допир, говор, каде што родителот ќе поставува прашања од отворен тип, со цел развивање на дијалог и развивање на блискоста, со акцент на развивање на чувствата и идентификување на истите.

Многу деца не можат да ги именуваат чувствата. Знаат да кажат се чувствувам добро или лошо, тоа е кинење на реалноста. Не постои добро или лошо чувство. Имаме определено име како се вика тоа чувство.

Дали емоционалната интелигенција се гради во контакти со други деца?

Розалија Емоционалната интелигенција се гради со контакти со сите луѓе, со родителите, врсниците, наставниците. Детето доаѓа во контакт со врсници, некои родители знаат да бидат презаштитнички и да кажат не се дружи со тоа дете, дружи се со ова дете.

Јас би рекла, родителот понекогаш е добро да биде набљудувач и да го остави детето самото да го доживее, проживее, бидејќи којзнае што може да „купи“ од тоа дете коешто ние мислиме дека не е добро за него, а што може да изгуби од тоа дете коешто ние мислиме дека е добро за него. Не да ги држиме децата во стаклени ѕвона, туку да оставиме да се дружат и слободното време да го поминуваат во контакт со другите деца.

Колку авторитетот на родителот може да биде значаен во воспитувањето?

Розалија Авторитетот на родителот е многу значаен. И мајката и таткото се првите возрасни фигури, модели во животот на детето. Има една македонска поговорка која многу ми се допаѓа а тоа е круша под круша паѓа.

Честопати знаеме да кажеме тоа семејство се сите доктори, или некоја друга етикета. Не мора да значи дека е така, но постои некое трансгенерациско пренесување на обрасци на однесување.

Родителот како најзначајна фигура, особено во првите пет години од животот, а понатаму низ целиот живот е важен во емоционалната интелигенција, когнитивната интелигенција, работните навики, стимулирање на љубопитноста, стимулирање на интересот и градење на карактерот. Детето не се раѓа со карактер, тоа се раѓа со темперамент, меѓутоа карактерот го создава родителот, микро и макро средината.

Која е разликата помеѓу авторитет и авторитативност?

Розалија Постојат повеќе родителски воспитни стилови. Авторитарен или демократски, војнички, незаинтересиран кога детето е препуштено само на себе.

Демократскиот воспитен стил докажано е дека е најдобриот воспитен стил на родителот, во однос на воспитување на детето. Тоа значи дека родителот во однос на двете димензии контрола и љубов е врамнотежен. Има контрола, поставува граници меѓутоа дава и љубов. Тоа е таа демократија каде заедно се договараат за правилата. За разлика од војничкиот, љубовта е сведена на минимум, многу ниска дури може и да изостанува, а контролата е многу високо изразена. Тоа се оние родители кои велат треба да научиш, мора да научиш, се цени успехот, перформансите кај децата.

Понатаму, тие деца се успешни личности, меѓутоа длабоко во себе има некоја разнишаност на самодовербата. Тоа би значело дека војничкиот воспитен стил, не дава толку добри плодови. Најкатастрофалниот воспитен стил е незаинтересиран. Тоа е исто како родителот да е отсутен од дома, но овој случај тој не е отсутен од дома, родителот е дома, во животот на детето но апсолутно незаинтересиран за она што му се случува на детето. Тогаш детето нема ниту контрола, ниту љубов. Тоа е препуштено на останатите социјални агенси да го градат и создаваат.

Јас сум од едно друго време кога наставникот, професорот се почитуваше. Кога влегуваше наставникот се стануваше и кажуваше добар ден. Денешните генерации, не стануваат да кажат добар ден. Оттука сè е јасно.

Можам да кажам дека во денешните околности како да го префрлаат врелиот костен еден на друг, кој е виновен, зошто е детето такво. Јас би рекла, „сите се виновни“ но сржта потекнува од дома. Сепак, училиштата се воспитно образовни институции, а ние родителите, возрасните го имаме приматот да го воспитуваме нашето дете и да помогнеме во образованието.

Јас би рекла поголема почит кон наставникот и од родителите и од децата. Да ги научиме децата дека тој наставник треба да се слуша, тој наставник има за цел да ги воспита и научи, да не се праќаат двојни и измешани пораки. Тогаш таа војна ќе спласне и сите ќе бидат победници.

Документарен магазин Приказна

Можеме ли да дефинираме што е авторитет и што е позитивен авторитет?

Розалија Авторитет е стил на мислење, чувствување, вербално или невербално дејствување каде што всушност ние го покажуваме нашиот карактер, нашата личност, темперамент. Немаме некоја поделба на позитивен или негативен.

Јас би рекла, позитивен авторитет е оној човек којшто е во контакт со себе, со своите емоции, потреби, чувства, идеи, мисли а на тој начин е во контакт со другата страна, дали е тоа колега, вработен, партнер, дете итн. Тоа е оној кој има морални вредности и има такво однесување кое е модел, како е убаво да се однесува и како не е посакувано некој да се однесува. За мене тоа би бил некој позитивен модел на авторитет.

Како се стекнува авторитет?

Розалија Не се раѓаме со авторитетот, туку го учиме од мама и тато. Затоа велиме, културолошки, Македонија и Балканот, знаеме какво подрачје е. Авторитетот го стекнуваме со пренесување и имитација. Она коешто детето ќе го гледа во семејството, веројатноста да го имитира тоа понатаму е многу поголема, освен ако во некои екстремни случаи детето не донесе одлука јас нема да бидам како моите родители.

Бранка Чочковска

Ване Маркоски

Exit mobile version