Колку повеќе ги зајакнуваме стегите, односно колку повеќе ги воведуваме границите на семејството во една ригидност, толку поголема тешкотија му правиме на нашиот адолесцент, бидејќи не може да се пронајде себеси и да го изгради својот идентитет и интегритет, ако не го споредува со надвор.
Родителот исплашен од тоа што адолесцентот ќе му донесе дома или како ќе го насочи неговиот пат, воспоставува едни граници, во кои смета дека ја одржува контролата. Веројатно не е свесен дека со контролата прави бунт кај своето дете, затоа што му оневозможува да израсне и да се развива како што треба.
Без соодветен контакт и познавање на сопственото дете и кои се неговите амбиции, не можеме со затворање и силна контрола да го заштитиме од надворешниот заканувачки свет, вели во интервју за Приказна, Деспина Стојанова, психолог, системски семеен терапевт.
Кога започнува адолесценцијата и зошто е таа важна за младите и нивниот развој?
Деспина Стојановска Адолесценцијата е предизвик за секој психолог и за секое стручно лице кое стапува во контакт со адолесцентите и со нивните семејства и со средината во која тие живеат. Започнува некаде околу 11-12 година, со интензивен и брз хормонален развој.
Променливоста на биолошки план е една од првите показатели дека почнува детето да се соочува со промени кои понатаму стануваме свесни дека се оние пубертетски промени во таа адолесценција. Нив ги следат промени во однесувањето, промени во размислувањето. Семејството коешто заедно со адолесцентот ги следи овие промени е во голема недоумица како да се справи со тој интензитет, со тоа бурно реагирање, со таа променливост од утро до вечер. И не е случајно, фазата кога семејството има адолесцент, ние психолозите ја нарекуваме семеен земјотрес. Не знаеме кое време од која страна ќе нè удри и со колкав интензитет сето тоа ќе се случи. Всушност, како семејни терапевти ги обработуваме темелите, силите кои семејството ги има за да видиме колку е тоа подготвено да се справи со овој потрес.
Колку е важна улогата на родителите да не бидат тие коишто ќе контролираат? Како да се смени односот, како да разбереме дека децата се во некоја фаза кога не се возрасни, а не се ни веќе деца?
Деспина Стојановска Зборуваме за период каде се редефинираат многу семејни вредности, затоа што една од главните задачи на адолесцентот е да излезе надвор од семејството. Како ќе почне полека да се движи кон средината, тој ги преиспитува семејните обрасци или семејните вредности кои до тогаш растеле и се развивале кај него. Почнува да воведува нови начини на однесување и размислување коишто дотогаш за ова семејство биле непознати.
Колку повеќе ги зајакнуваме стегите, односно колку повеќе ги воведуваме границите на семејството во една ригидност, толку поголема тешкотија му правиме на нашиот адолесцент, бидејќи не може да се пронајде себеси и да го изгради својот идентитет и интегритет, ако не го споредува со надвор.
Средината, врсниците, воопшто надворешното опкружување се клучни во формирање на таквиот идентитет и интегритет. Некаде во доцната адолесценција и преминот од млад кон возрасен, ќе очекуваме тој да ја дефинира својата личност, да оформи еден идентитет кој понатаму ќе го следи во животот.
Контролите се многу честа појава кај нашите семејства. Родителот исплашен од тоа што адолесцентот ќе му донесе дома или како ќе го насочи неговиот пат, воспоставува едни граници, во кои смета дека ја одржува контролата. Веројатно не е свесен дека со контролата прави бунт кај своето дете, затоа што му оневозможува да израсне и да се развива како што треба. Тука е приказната за воведување на некаква флексибилност.
Ние ги учиме родителите, да им помогнат на своите деца преку разговор, што ново научиле, што е тоа што ги восхитува од надворешниот свет, што им се допаѓа, што не им се допаѓа, дали ги гледаат ризичните однесувања во врсничката група во која се впуштаат младите. За жал, во овој период се најчести и оние зависности од алкохол, деликвентно однесување. Без соодветен контакт и познавање на сопственото дете и кои се неговите амбиции, не можеме со затворање и силна контрола да го заштитиме од надворешниот заканувачки свет.
Колку во таа насока е важен разговорот со смирувачки тон и тоа како можност да се споделат искуства од времето, кога родителот бил адолесцент?
Деспина Стојановска Тоа е богатство од искуства. Во разговор со родителите, ги прашувам како беше вие кога бевте адолесцент. Прво што одговараат е дека тоа беше поразлично време, нашите родители ги немаа овие грижи како денес, не беше ваква заканата од модерниот свет.
Семејствата на ист или сличен начин ги поминуваат овие фази. Без разлика кое е времето и како средината ќе се наметне, разговорот е клучен да го запознаеме нашето дете. Ако не се впуштиме во разбирање на адолесцентот, веројатно ќе се впуштиме во критики и забрани, во потиснување или негирање на сè она што адолесцентот има потреба да го направи. На тој начин, му помагаме да формира еден негативен идентитет за себе, или да почне да негува негативна спрега.
Бунтовништвото е многу изразено, ако не може по добро, ќе тргне по лошо да го оствари тоа што го сака. Овие механизми не биле непознати во минатото. Многу смирувачки фактор е кога родителите ќе успеат да се уверат во добрите намери на своето дете и ризиците да ги сведат на минимум.
Зависностите се посебен предизвик и за родителите и за адолесцентите. Како да се постапува во тој случај, а да не биде контрола, туку правилно насочување?
Деспина Стојановска Денес психоактивните супстанции се достапни за младите, особено марихуаната. Секое дете што ќе проба некоја супстанца не мора да стане зависник, ќе стане зависно она дете кое живее во тешкотии со своето семејство кое е несигурно во себе, има ниска самодоверба, има конфликти со семејството, околината и ќе мора да избега на некој начин. Бегањето е во некој свет на дрогите.
Тоа што младите го гледаат кај дрогите се краткорочни ефекти на дрогата, односно какво е доживувањето непосредно по земање на дрогата. Претежно се убави и восхитувачки доживувања, додека возрасните ги гледаат долготрајните ефекти на дрогата. Тоа се нереализираните можности кај еден човек, пропаѓање на семејни вредности, пропаѓање на потенцијалот на младиот човек.
Она што е тешко, е како да им се помогне на младите да ги видат овие долгорочни ефекти, но и кај родителите да видат зошто нивното дете има потреба од некаков тип на супстанца. Кога работиме со зависности, тогаш целото семејство е потребно да се вклучи за да може да даде поддршка во процесот на рехабилитација, потоа и на ресоцијализација.
Кога се соочуваме со голем број проблеми, кога сме отуѓени и осамени, младите ќе се повлечат во таков период. Социјалната изолација е присутна пред да влезе зависноста. Во таквата состојба каде адолесцентот не може да изгради една слика за којашто мечтаел, дрогата наеднаш ќе ги реши сите тие проблеми. Единствен проблем станува зависноста, сè друго исчезнува. Не е лесен психотерапискиот процес. Потребно е да се работи на сите обрасци, кои придонеле еден млад човек да се чувствува нереализирано, отуѓен и отфрлен.
Колку временски трае адолесценцијата? Поминува ли низ различни периоди и фази?
Деспина Стојановска Зависи кај момчињата, кај девојчињата, кој ќе почне побрзо да созрева. Некаде до 18-19 години велиме дека е стабилизирање на сè она што било бурно кај младиот човек. Тука се периодот на преместување од основно во средно, кога очекувањата се големи од себеси. Се случуваат разочарувања од своите замисли, идеализирања и би рекла дека тука е најтешко да се воспостави таа амортизација. Во иднина, и самите родители и адолесцентот, се воведуваат во приказната дека стабилни сме кога се менуваме. Знам дека утре денот ќе донесе нешто ново, но смирува фактот дека променливоста станува прифатлива.
Ако има некоја тешкотија во овој процес, тоа навистина знае да стане период, кога интензивно се вклучени родителите и адолесцентите. Тоа е некаде при крај на адолесценцијата, кога кај девојчињата е присутна анорексијата, неприфаќање на тоа кој сум, што сум, бурно реагирање на некои семејни наследства во смисла на обрасци и модели на однесување, неприфаќање на тоа од кое семејство излегувам и сл.
Колку е значајна врската родители наставници додека трае адолесценцијата?
Деспина Стојановска На почеток е важно да соработуваат, да се во комуникација за сè што се случува со адолесцентот. Како тој се доживува, како се впушта во социјализација, како учи со што се соочува дома, сè со цел да се детектира доколку нешто се случува со тоа дете и побрзо да се реагира.
Како адолесцентот расте, така родителите треба да го пуштаат малку по малку и сам да се справува во училишната средина, во комуникација со професорите. Таквата флексибилност на родителот, ќе дозволи адолесцентот да го искуси сето тоа. Ми се чини дека и родителите и професорите се доволно присутни и постојано работат со адолесценти, па и ќе можат да увидат некоја непосакувана промена.
Тоа што често го правиме како родители и наставници, е изложеноста на критика, а на тој начин не му помагаме на младиот човек да се идентификува со сликата за себе, која сака да ја постигне. Му помагаме да се идентификува со нешто што не би сакал да биде.
Сметам дека многу е покорисно да ги пофалиме, да нудиме една позитивна поддршка за секое нивно добро однесување, успех, за иницијативата за нешто. На тој начин ќе им помогнеме да се идентификуваат со она што е нивна јака страна, па на тој начин ќе помогнеме да креираат една позитивна слика за себе.
Вики Чадиковска