Македонија има стратегија за енергетската ефикасност и примената на обновливите извори на енергија. Сведоци сме дека секојдневно слушаме за нови мерки кои се носат, со цел зголемување на енергетската ефикасност, односно намалување на потрошувачката на електричната енергија, особено во случаи како што се во последно време. Ние сме земја која е зависна од добивањето електрична енергија. Последните неколку години зборуваме за примена на обновливите извори на енергија, веќе знаеме дека најголем чекор се прави во примената на ветерната енергија во паркот во Богданци. Сведоци сме дека имаме големи вложувања во големите фотоволтаични системи кои се над 1 мегават, но за мене вистинското искористување на фотоволтаиците и на сончевата енергија, ќе дојде кога домаќинствата на сопствените индивидуални објекти или на зградите за живеење и фабриките, да инсталираат мали фотоволтаични системи, вели во интервју за Приказна проф. д-р Христина Спасевска од ФЕИТ
Приказна Дали правилната локација и ориентација на објектите може да влијае врз енергетската ефикасност?
Спасевска За градбата на објектите значајно е како ќе биде поставеноста, особено ако се има услови за убава поставеност кога станува збор за зголемување на енергетската ефикасност. Тој дел од градбите спаѓа во делот на архитектонското решение и во архитектурата постои една цела област која можеме да ја преведеме како ниско енергетска архитектура.
Вообичаено се следи релјефот, ако е дозволено. Прозорите се поставуваат на југ, така да во летниот период сончевите зраци паѓаат на покривот, а во зимскиот период кога зраците се пониски да паѓаат на прозорите. На северната страна се поставуваат материјали кои апсорбираат големо количество од енергијата во просторот.
Приказна Колку различните материјали и квалитетот на градбите влијаат на приемот на топлина?
Спасевска Постојат неколку концепти како да се зголеми енергетската ефикасност особено на новите објекти. Можеме да одиме со т.н. традиционален концепт на еко градби каде што се користат природни материјали или нивни композити кои се вградуваат во градбите во сите делови од објектот, најчесто тие ги нарекуваме еко градби. Но, со големиот развој на нови материјали и технологии кои се енергетско ефикасни, но исто така и еколошки, денес се повеќе се применуваат модерни згради, со модерни нови материјали. Тие се вклучени од покривот на објектот, па се до обвивката, внатрешниот дел и изолациите.
Не смееме да го занемариме оној дел што значи примена на обновливи извори на енергија односно дополнување на зградите со извори на електрична или топлинска енергија. Сите овие концепти прават да имаме една модерна зграда, која ќе ни даде удобно живеење, а од друга страна тоа значи трошење на поголемо количество енергија, но ако произведува, балансот на електричната енергија и на другите енергенски би била приближно на нула.
Приказна Како може да се зголеми енергетската ефикасност кај веќе изградени објекти?
Спасевска Ние следиме еден голем тренд на зголемување на енергетската ефикасност на постоечките згради. Многу често се менуваат прозорите со специјални стакла кои имаат звучна и топлинска изолација, исто така промена на фасадите, влезните врати, кровната конструкција. Ова се значително ја зголемува енергетската ефикасност на објектот.
Посебно значење треба да се даде на реновирањето на објектите кои се од културно или национално значење. Таму не можеме да правиме драстични промени при реновирањето, бидејќи треба да се користат материјали кои се приближно исти со овие материјали од кои била изградена зградата. Најчесто се користи уште еден слој на прозори, се прави вентилација, се менуваат грејните тела да бидат слични на тие претходно, но да бидат енергетско ефикасни. Едноставно го зачувуваме ентериерот и надворешноста на објектот.
Приказна Дали во Македонија може сончевата енергија да се искористи за пасивните системи кои можат да влијаат врз енергетската ефикасност?
Спасевска Секако дека може. Предност имаат сончевите пасивни системи. Реално, тоа се сончеви системи кои ни ја даваат таа енергија, најчесто топлина или светлина, а при тоа не произведуваат електрична енергија. Тука е природната вентилација, природниот пад на водата по пат на гравитација, сончевата светлина, поставувањето на прозорците во ориентација која најмногу одговара на објектот и на релјефот на просторот, но во поново време се користат и т.н светловоди кои претставуваат пасивни системи кои се проектираат уште во градбата на објектот како тунели кои ја пенесуваат светлината каде што нема доволно светлина.
Приказна Колку и како светлосните тела може да влијаат врз енергетска ефикасност?
Спасевска Кога зборуваме за светлосните тела, зборуваме за светилките или сијалиците. Од нивното измислување и практична примена, светилките го променија и обликот, структурата, материјалот, видот на светлината, ефикасноста и бранова должина. Ако некогаш ефикасноста била 5%, сега имаме значително поголема ефикасност кај лед светилките.
Според мене, лед светилките го носат приматот во примената на енергетски ефикасни светилки. Тие овозможуваат да имаме светлина, која е приближна до природната светлина. Не смееме да заборавиме дека особено е важна автоматизацијата на светилките. Во просторијата треба да има одредена количина на светлина, колку што е потребно таа просторија да се користи за намената за која е предвидена. Во последно време во тренд се оптички или паметни завеси кои се поставуваат на прозорите, и со автоматизација и сензори, во просторијата може да влегува отколку светлина колку што е потребно таа да се осветли, загрее или олади.
Приказна Каква е реалната слика на Македонија во поглед на енергетската ефикасност?
Спасевска Македонија има стратегија за енергетската ефикасност и примената на обновливите извори на енергија. Сведоци сме дека секојдневно слушаме за нови мерки кои се носат, со цел зголемување на енергетската ефикасност, односно намалување на потрошувачката на електричната енергија, особено во случаи како што се во последно време. Ние сме земја која е зависна од добивањето електрична енергија.
Последните неколку години зборуваме за примена на обновливите извори на енергија, веќе знаеме дека најголем чекор се прави во примената на ветерната енергија во паркот во Богданци. Сведоци сме дека имаме големи вложувања во големите фотоволтаични системи кои се над 1 мегават, но за мене вистинското искористување на фотоволтаиците и на сончевата енергија, ќе дојде кога домаќинствата на сопствените индивидуални објекти или на зградите за живеење и фабриките, да инсталираат мали фотоволтаични системи. Сè уште најевтино и најисплатливо е кога еден фотоволтаичен систем, енергијата што ја произведува ја користи за сопствени потреби. Секое пуштање на електричната енергија во мрежа, веќе го продолжува векот на враќање на вложувањето.
За Приказна
Ване Маркоски