Дома Најнови Проф. д-р Огнен Марина: Го загубивме капацитетот да создаваме визии за градот

Проф. д-р Огнен Марина: Го загубивме капацитетот да создаваме визии за градот

Безбедноста на градбите е основен предуслов. Општествата кои се грижат за своите членови, континуирано вложуваат и во научните сознанија и во градење на свеста за проблемите кои произлегуваат, односно веќе кога ќе се случи катастрофата веќе е доцна. Примерите за жал се многу илустративни. Земјотресите коишто секојдневно се случуваат во Јапонија имаат минимален број на жртви. Тоа е резултат на децениско вложување во инженерскиот начин на решавање на сеизмичките проблеми. Не се работи само за безбедни градби, туку за безбедни населби, живеалишта, големи урбани центри каде е овозможено дури и со силни земјотреси сепак бројот на жртви да е мал. Сите сме одговорни за безбедноста на сите, архитектите, урбанистите, инженерите, политичарите, но и секој граѓанин. Секој којшто гради, доградува, на каков било начин влијае на безбедноста на заедничкиот простор и на нашата заедница има позитивно или негативно влијание, нагласува во интервју за Приказна, проф. д-р Огнен Марина, декан на Факултетот за архитектура, УКИМ Скопје

Точно шест децении од разорниот земјотрес кој му се случи на Скопје. Од денешна перспектива што како поуки може да понесеме?

Проф. д-р Огнен Марина Случајот со Скопје е еден уникатен случај којшто не се повтори во историјата. Тој е важен момент не само за Скопје и за неговите граѓани, туку и за светската заедница а особено за архитектите и урбанистите. Разорувањето на земјотресот во 1963 година беше препознаено како исклучителна можност од страна на ОН да се демонстрира она што е вградено како темелни вредности на ОН, а тоа е соработката на нациите во светот, во момент кога имаме конфронтирачки биполарен свет.

Зад оваа идеја стои една личност Ернест Вајзман, архитект со еврејско потекло, роден во Хрватска. Тој мигрира во Втората светска војна а потоа станува и еден од раководителите на агенциите на ОН. Тој соработува со врвни архитекти во тој период. Создавањето на градовите и општествата особено по Втората светска војна, може да се реализира преку возобновување на знаењата, на градење на општествата базирани на знаењата и науката која во тој момент ја имало. Тој во тој момент го промовира и успешно го спроведува во Скопје, каде што низ концептот на соработка се обидуваат да создадат една нова визија и да го планираат градот за некоја поубава иднина.

Поуките кои ги имаме од тој процес се неколку. Првата по мене е дека и ден денес, обновата на разурнатите градови, општества е возможна само преку меѓународна соработка односно соработка на народите од целиот свет и преку промовирање на концептот на солидарност. Сведоци сме на земјотресот во Турција, каде сепак и големите земји имаат потреба од помош. Таа е материјална, економска, финансиска, но и симболична. Соработката е основната рамка низ која може да ги унапредуваме и да се справуваме со овие предизвици.

Втората поука по мене е дека тоа може да го правиме врз база на знаења и науката. Исто како и во Скопје, денес, стручните и научните знаења, како објектите да станат побезбедни но и да создадеме побезбедни поуспешни градови и заедници, се суштински за тоа да може да го правиме.

Третата, е дека политиката е секогаш важна. Таа секогаш овозможува да се поддржат и да се реализираат големи идеи, но исто така ги оневозможува низа процеси кои може да доведат до позитивно задвижување. Во случајот за Скопје, Кензо Танге ќе изјави дека токму поради безбројните компромиси кои морале да бидат направени во процесот на изработка на планот за реконструкција на центарот на Скопје, дека неговиот проект изгледа како „сенка на светлината од месечината“.

Скопје стана град на солидарноста. Она што се случи во Турција и Сирија, ние некако го препознавме и се обединивме и се вклучивме во таа помош. Колку мора да се случат неколку катастрофи за да ја разбудат човечноста, хуманоста а во исто време претпазливоста на научниците и стручните лица?

Проф. д-р Огнен Марина Безбедноста на градбите е основен предуслов. Општествата кои се грижат за своите членови, континуирано вложуваат и во научните сознанија и во градење на свеста за проблемите кои произлегуваат, односно веќе кога ќе се случи катастрофата веќе е доцна. Примерите за жал се многу илустративни.

Земјотресите коишто секојдневно се случуваат во Јапонија имаат минимален број на жртви. Тоа е резултат на децениско вложување во инженерскиот начин на решавање на сеизмичките проблеми. Не се работи само за безбедни градби, туку за безбедни населби, живеалишта, големи урбани центри каде е овозможено дури и со силни земјотреси сепак бројот на жртви да е мал.

Сите сме одговорни за безбедноста на сите, архитектите, урбанистите, инженерите, политичарите, но и секој граѓанин. Секој којшто гради, доградува, на каков било начин влијае на безбедноста на заедничкиот простор и на нашата заедница има позитивно или негативно влијание. За жал, видовме дека во Турција цели градови беа срамнети со многу жртви.

Не смееме да дозволиме тоа да бидат поуките кои така лесно ќе ги заборавиме. Скопје не смее да заборави дека е градот на солидарноста. Сите оние обележја кои ги имавме, а за жал почнаа да исчезнуваат, имињата на улиците, самите споменици, и наративите кои мора да го градиме нашето секојдневие и нашата иднина, тоа се темелните вредности на нашето општество, особено на градот Скопје.

Но, дали за ова се свесни и политичарите, но и ние луѓето?

Проф. д-р Огнен Марина Последиците се толкави колку што сме ние подготвени за справување со истите. Проблемот кој останува е дека едно општество се подготвува за различни ситуации, и тоа го чини низ различните инструменти кои ги имаме на располагање.

Ние успеавме да заборавиме еден скок во развојот на земјотресното инженерство коешто тогаш се воспостави. Развојот на урбанистичкото планирање каде што светските практики во тој период, теории и концепти и експерти беа во Скопје. Поддршката не беше само материјална. Таа се состоеше од пренос на знаења и млади архитекти и инженери беа испратени во странство на видни светски универзитети. Добар дел од нив потоа станаа и професори на Архитектонскиот факултет и на некој начин тоа искуство и знаење ги вградија во курикулумот и во праксата на факултетот.

За жал, 60 години подоцна, не само што се случува девастација на јавниот простор, туку имаме и девастација на институциите, Градскиот завод за урбанизам кој беше еден од главните институции во процесот на постземјотресната обнова исчезна исто како и републичкиот завод за урбанизам. Се променија моделите преку кои ние планираме.

Денес кога ќе ги погледнете урбанистичките планови за Скопје, во последните 100 години, ако пред повеќе од 100 години тоа биле визии за град, за цел нов град, како постепено се движиме, за жал, денес имаме ситуација каде дискусиите во општеството се водат на асфалтирање на улица, поправка на чешма, а притоа се запоставуваат суштинските проблеми. Ние го загубивме капацитетот да создаваме визии за градот.

Политиката тука ја има улогата на медиумот низ кој треба да се артикулираат тие идеи, искуства и знаења. Дискурсот во општеството се занимава со други теми, во коишто воопшто идејата за минатото и иднината се загуби. Ние не успеваме како тие важни теми да ги отвориме. Имаме потреба од теорија. Ние за жал ја изгубивме моќта да ги гледаме процесите коишто го обликуваат нашето општество, заслепени од брзи, инстант и површни концепти.

Колку ова може да биде опасно?

Проф. д-р Огнен Марина Доминантните теми во светот се климатските промени, одржливоста на градовите и заедниците, справување со предизвиците. Ние не можеме да согледаме со што се соочуваме, а уште помалку низ некои знаења и искуства да дојдеме со идеи и визии кои ќе донесат одржливост на нашето општество изградено на вредностите кои се фундаментални, кои се вградени во нашето општество.

Често велам дека нашиот град изгледа како нашите граѓани. После 30 години проблематизиран идентитет, после години на финансиски предизвици, економски, општествени, во кои образованието е проблематизирано, здравството, нашиот град е манифестација на состојбата во која ние се наоѓаме.

Документарен магазин Приказна

Која е вашата визија за Скопје?

Проф. д-р Огнен Марина Јас посакувам и верувам дека градовите на иднината, вклучително и Скопје кој има 2000 години историја, ќе биде град на солидарноста, град кој ќе се темели на идејата за поддршка со други. Тоа ќе значи дека заедно ќе може да ги негуваме и создаваме заедничките вредности во јавниот простор, каде што низ соработка на знаења и идеи, па дури и конфронтација на различни концепти ќе дојдеме до најдобрите решенија и визии.

Верувам дека градовите на иднината ќе бидат градови на знаењата. Верувам дека низ културолошка обнова ќе дојдеме до градот кој ќе биде комфорно, пристојно и убаво место за живеење за сите жители.

Вики Чадиковска

Exit mobile version