Дома Најнови Проф. д-р Никола Дујовски: Со протоколот за заштита на новинарите, праќаме силна...

Проф. д-р Никола Дујовски: Со протоколот за заштита на новинарите, праќаме силна порака за медиумските работници

За прв пат во кривичниот законик се вметнуваат кривични дела како демнење и сексуално вознемирување. Ова е дел од имплементација на Истанбулската конвенција, со што и законски се допрецизира заштитата на жените и се внесуваат нови кривични дела кои досега кај нас не постоеле, а со нив законски се штитат жените од вознемирување и напади. По првпат законските измени ги вклучуваат и медиумските работници. Во таа насока, изработен е протокол кој нуди практични чекори, како да постапат новинарите кои се предмет на закана преку социјалните мрежи или интернет воопшто. За протоколот, разговаравме со Никола Дујовски – декан на Факултет за безбедност кој беше дел од работната група која го подготви.

Што содржи Протоколот за безбедност на новинар(к)ите?

Дујовски – Ова е еден нов протокол за заштита на новинарите, овојпат и со посебен осврт на новинарките коишто заеднички како група, а пред сè предводени од Здружението на новинарите и од Министерството за внатрешни работи, го подготвивме за да остави трага и да помогне да се зголеми безбедноста.

Живееме во свет во кој интернетот е премногу достапен, а сведоци сме дека и кај нас и во земјите од регионот, па и во Европа, не се имуни вработените во медиумскиот сектор од заканите кои доаѓаат до нив речиси секојдневно по интернет. Понекогаш заканите можат да бидат бенигни, дури и не обраќаме внимание и тешко ги препознаваме. Меѓутоа, наведовме во протоколот и многу примери на дрски закани кога имало и реални опасности по животот и здравјето на новинарите. Затоа подготвивме протокол кој ќе има за цел да ги превенира несаканите последици коишто може да настанат.

Ова ќе биде силна порака за новинарките и за новинарите, но и за сите медиумски работници дека Министерството за внатрешни работи е подготвено навреме да ги преземе сите мерки кои ќе водат кон нивна дополнителна заштита. Прво да се превенира закана која е сериозна, реална и потоа доколку се случи такво нешто веднаш и брзо да се реагира т.е. да се почне постапка за пронаоѓање на сторителот, што е многу важно. И второ, веројатно и поважно од првото, е силната порака која ние како општество, а пред сè полицијата и ЗНМ ја упатуваме на јавноста т.е. на лицата кои понекогаш лекомислено, можеби со несериозни намери го загрозуваат овој простор којшто има потреба од целосна слобода. Живееме во демократија. Се разбира, сега кога веќе го имаме, ова е силна порака за луѓето кои ќе се дрзнат да се закануваат, двапати да размислат. Затоа што има отворена линија помеѓу полицијата и секој новинар и кој ќе функционира релативно на едноставен начин.

Демнењето и заканата се кривично дело, ова се всушност новите законски измени.

Дујовски – Така е Кривичниот законик ги предвиде како кривично дело и едноставно просторот кој досега беше само делумно регулиран сега е во целост регулиран. Сите треба да бидат свесни. Незнаењето никого нема да извади од одговорност. Не смеат да се закануваат преку социјалните мрежи. Не смеат да користат терминологија којашто ќе го загрози другиот, која ќе му предизвика страв и несигурност, која ќе предизвика некој новинар или новинарка да се откажат од истражување на одреден случај заради притисоците што може да им се случат по пат на интернет.

Дали овие законски измени ќе значат поголема институционална заштита на медиумските работници?

Дујовски – Неслучајно овде фокусот е на новинарките. Нашето истражување што го спроведовме во земјите во регионот и во неколку земји од ЕУ (Франција, Германија, Холандија, Белгија) укажуваат дека три од четири случаи заканите се кон новинарките. Тоа не е случајно, туку е разбирливо. Тие се понежни, повеќе се подложни на притисоците што другите ги прават.

Мажите на различен начин ги перципираат заканите, за разлика од жените. Кон маж можете да упатите поинаква закана, но кон жената таа закана може да биде многу сериозна, заради нејзината професија, заради нејзиното потекло, заради нејзините карактеристики. Во случаите таа е поподложна и од семеен аспект, но и од професионален аспект. Токму затоа фокусот го ставаме на нив. Тие сега ќе можат на многу едноставен начин веднаш да разговараат со одговорното лице определено од МВР, да добијат совет како треба да се заштитат и како да постапат. Дополнително овде има многу корисни совети за сите вработени во медиумскиот сектор, за нивните колеги, како да ги поддржат своите колешки кога ќе бидат нападнати. Тоа се реални ситуации.

Овде не зборуваме за нешто што нам не ни се случува. Напротив, ова е нашето секојдневие. Уште повеќе, овде упатуваме порака и до уредниците во медиумите. Кои мерки треба да ги преземат за да ги заштитат своите вработени, и во фаза на превенција, но и тогаш кога ќе се случи несакана состојба.

Кои се Вашите очекувања, ќе бидеме ли побезбедни?

Дујовски – Дозволете ми да направам една паралела со новите протоколи за заштита од лажните закани за бомби во училиштата. Откако тие почнаа да се применуваат, ние живееме во сосема поразлично, помирно време. Учениците одат безбедно во училиштата, родителите се на своите работни места без да размислуваат за безбедноста на своите деца од аспект како што тоа беше пред почетокот на март. Овој протокол јас очекувам да има иста тежина во општеството. Сега секој знае дека со овој протокол ги воспоставивме стандардите на однесување на интернет кога станува збор за односот граѓанин кој користи интернет и новинарите.

Документарен магазин Приказна

Очекувам дека заканите кои досега беа чести, ќе се намалат до таа мера што ќе зборуваме како за некое минато. Протоколот освен што е испечатен, има и своја електронска верзија и секој може да го преземе од веб – страницата на Здружението на новинарите и од веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, а за да го направиме достапен до сите го преведовме и на англиски и на албански јазик, се разбира покрај неговата изборна верзија на македонски јазик. Се надевам дека ова ќе значи поголема безбедност на интернет.

Наташа Јанкулоска Торевска

Exit mobile version